ИНТЕРВЈУ АПОСТОЛСКА: Забрзано креираме пензионери кои едвај ќе преживуваат!
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување одеднаш го исплати долгот од 11,3 милиони евра кон приватните пензиски фондови, но сеуште ги нема доставено дополнителните информации до министерството за труд и социјална политика причината за доцнењето. Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски незадоволна од одговорот пред неколку дена го повика директорот на Фондот за ПИОМ Шаип Зенели, да ги достави дополнителните информации, најави и прекршочна постапка. Вчера министерксата Ременски изјави дека очекува директорот на фондот, Зенили, сериозно ќе го свати барањето за дополнителните информации, и нема да има потреба од прекршочни постапки. И додека се чекаат информациите за тоа како дошло до доцнење, за кои години и како е извршено раздолжувањето, во јавноста се отвора прашањето дали државниот фонд се соочува со сериозни проблеми, какви пензии ќе дочекаат идните пензионери?
Дефицитот во државниот фонд е голем , трансферите од државата се големи, а приливите се мали. Забрзано креираме многу пензионери кои што ќе имаат минимална пензија, вели во интервју за Фактор, Зорица Апостолска, поранешна директорка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, МАПАС.
Фактор: Фондот за ПИОМ призна дека доцнел со уплаќањето на задолжителниот процент од придонесите во приватните пензиски фондови, деновиве одеднаш го исплати целиот долг. Каков сигнал се праќа со ваквите случувања за состојбата со државниот пензиски фонд?
Апостолска: Состојбата со ПИОМ е сериозна. Самиот факт дека се задржуваат туѓи пари за мене според мене тоа е загрижувачки и сериозно.При наплатата на придонесите улогата на Фондот за ПИОМ е да изврши распределба од примените придонеси , односно еден дел од 12 % да задржи за првиот столб и тоа останува во државниот фонд, и 6% треба да ги распредели во еден од приватните фонда, кои што се во вториот столб. Загриженоста е во однос на тие средства кои што сега се објави дека се задржувале и дека не се распределувале односно уплатувале навреме во во вториот столб. Тие средства се лични и приватни, тие се сопственост на членовите на приватните пензиски фондови. Во законот јасно е дефинирано дека Фондот за ПИОМ во рок од пет работни дена откако ќе ги добие придонесите е должен да ги прераспредели средствата во вториот столб. Има некои исклучоци кога фондот може да ги задржи тие средства, во ситуации кога треба да се доиспитаат некои податоци или информации да се соберат, инаку во случајов станува збор за една масовна исплата.Во јавноста се објави дека тие средства се уплатени и тоа одеднаш, што беше многу зачудувачки. Добро е што се исплатиле во целост. Но треба да се следи состојбата, односно надлежните одговорни за тоа од една страна Министерството за труд и социјална политика кое врши надзор на Фондот за ПИОМ да следи дали оваа состојба и во иднина би се повторувала, ако се случи и во иднина значи тоа би било еден циклус на постојано задржување на средставата.Тука се поставува прашањето што со загубата на приносот во тој период на членовите на пензискиот фонд, значи приносот му е ускратен.
Фактор: Што значи за осигурениците нередовното уплаќање на задолжителниот процент од придонесите од страната на Фондот за ПИОМ во приватните пензиски фондови?
Апостолска: За тој период додека не се уплаќа процентот од придонесите, а работодавците си го уплаќале уредно придонесот со исплата на платата, на осигурениците во тој период им е е ускратено инвестирањето односно приносот од тие пари. Значи доколку биле во приватните пензиски друштва имаат задача да ги инвестираат и оплодуваат тие средства и да ги додаваат приносите што ќе се добијат од инвестирањето, дали ќе се стават во депозити, дали ќе се купуваат акции и државни обврзници, без разлика се остварува принос. Со помалку пари е реализиран тој принос за оној износ колку што е задржан во фондот, а тоа како износ значи помала добивка.
Фактор: Колку сегашните пензиски политики имаат влијание врз ваквата состојба на државниот пензиски фонд?
Апостолска: Сметам дека државниот фонд има удел повеќе во смисла на извршување на функции на определни активности во негови рамки, а не толку колку во креирање на политиките. Ако направиме една анализа во последниве седум годни во Фондот за ПИОМ се направија сериозни промени, но не ги дадоа очекуваните резултати. На пример пред околу седум години за прв пат беше намален придонесот од 21 % на 19%, продолжи да опаѓа и сега да е 18% , со образложение дека така ќе се растеретат работодавците, дека ќе се зголеми вработеноста. Сето тоа можеби теоретски е така, но сметам дека не може процентот на вработеноста да се зголемува односно да се креираат работни места преку пензиската политика . Не е тоа решение, има толку многу други мерки што би можело да се применат, а не да се оди преку пензискиот систем кој претставува едно долгорочно осигурување за кое што се инвестира во младоста за да се троши во староста. Така што тоа намалување на придонесот кој што драстично влијаеше на намалувањето на приходите на државниот фонд, го доведе државниот пензиски фонд во една зависна состојба од Буџетот.Процентот на трансферите од Буџетот од година во година се зголемува. Ако во 2008 година беше околу 32%, сега е 43 % .Ако го додадете и овој износ кој што не е исплаќан во вториот столб, многу брзо се движиме до зависност од 50 % од Буџетот. Со толкав процент да се финансира еден пензиски систем од Буџетот, веќе не преставува така чист пензиски систем заснован на придонеси кој што е главен извор на финансирање на системот, туку се повеќе се потпира на финансирањето од Буџетот, а тоа сите ние го плаќаме по различни основи.
ФИНАНСИРАЊЕТО НА ФОНДОТ Е НАРУШЕНО
Фактор: Буџетската дупка во државниот пензиски фонд се продлабочува,од друга страна владините мерки како повисоки пензии, намалени придонеси за некои работодавци, мерки кои пртисикаат врз фондот.Дали е доведена во прашање одржливоста на Фондот за ПИОМ?
Апостолска: Ваквата состојба не само на краток туку и на долг рок праќа сигнали дека е доведена во прашање одржливоста на државнито фонд. Помеѓу 40% и 50% да се финансира од државниот Буџет, значи финансирањето на фондот е нарушено. Според мене доста симптоматично е тоа што освен што се намали придонесот како главен извор на финансирање на Фондот за ПИОМ, се пристапи и кон една друга мерка, која не толку влијае на пензискиот систем колку на поединците. Пред околу седум години кога се правеа тие посеопфатни мерки во смисла на рестрикции како намалувањето на придонесите, се напарави едно намалување на основицата од која што се пресметуваше придонесот, најниската основица. Таа беше 65% до 2009 година, после тоа основицата се сведе на 50%. Тоа значи дека ние од тој момент наваму забрзано креираме пензии кои во иднина ќе бидат со минимални износи. Забрзано креираме многу пензионери кои што ќе имаат минимална пензија. Дефицитот во државниот фонд е голем , трансферите од државата се големи, а приливите се мали. Така што приходната и расходната страна веќе многу се разидуваат, во корист на расходната страна .
Фактор: Дали тоа значи дека идните пензионери треба да бидат загрижени за висината и редовната исплата на пензиите?
Апостолска: Треба да бидат загрижени. Знаеме како се плаќаат придонесите, тоа не е некоја тајна, претежно не велам сите, прибегнуваат кон плаќање на придонесот на минималната плата односно на минималниот износ, а тоа 50 %. Тоа е еден многу мал износ кој што преведено како идна пензија би спаѓало во групата на минимални пензии.
КРЕАТОРИТЕ НА ПОЛИТИКАТА НЕ ТРЕБА ДА МИСЛАТ САМО НА ДНЕВНАТА ПОЛИТИКА
Фактор: Какви реформи се потребни за долгорочна одржливост на на државниот пензиски фонд?
Апостолска: За тоа какви реформи се потребни треба да се направи една анализа, истражување што прават во светот, регионот, Европската унија. Најчестотие се во насока на на старосната граница, процентот на определување на пезнијата. Јасно е дека Фондот за ПИОМ е зрел за нова реформа. До 2000 година се направија многу солидни параметрички реформи што беа услов за воведување на овој комбиниран пензиски систем на државна и приватна компонента. Од 2002 година наваму значи со таа реформа се направи добра база за еден стабилизиран пензиски фонд и за една идна патека. Но во последните години тоа доста се наруши. И дополнително тука се сите овие зголемувања на пензиите надвор од досегашните практики кои биле во согласност со растот на животните трошоци.Тоа не се следеше во последните години, туку по 5% секоја година паушално се зголемуваа шензиите . Поради тоа Фондот за ПИОМ е доста оптоварен со давачки и сето тоа влијае на една нестабилност. Има и разни други бенефициии за пензионерите да не бидат погрешно сватена немам против, но секогаш треба да се измери, да не се дава на една генерација повеќе а другата идна генерација да нема редовна пензија или доволно пензија колку што си сработил или заслужил идниот пенизонер. Креаторот на политиката не треба да мисли само за дневната политика туку треба да мисли и за во иднина, мора да прави баланс помеѓу сегашните и идните генерации на пензионери. Реформи се неопходни, но тие треба да се анализираат добро, какви приходи се потребни, со какви расходи може да издржи тој пензиски систем на долг рок, а за тоа се потребни добри актуарски анализи и проекции во кои што ќе се земат и демогравските и економските фактори. Во Фондот за ПИОМ има една актуарска единица која што е обучена да ги прави тие анализи. Но следејќи ги анализите ми заликува како секоја година да се прави една иста анализа, а имаше толку многу случувања кои сметам дека треба да бидат вклучени во таква темелна анализа и да бидат како основа за градење на една политика и реформа.
Фактор: Кој треба да понесе одговорност за последните случува во Фондот за ПИОМ?
Апостолска: Одговорноста е во Министерството за труд и социјална политика. Сега гледам дека е формирана комисија и тоа е добро. Треба да се видат причините зошто се доценело со уплатата на парите, дали имало некои повисоки одлуки или политики. Законот јасно кажува кој треба да ги распределува средствата и затоа е формирана Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување МАПАС, за да и објаснува на јавноста што значи пензиски фонд, втор столб, што значат тие пари, што значи ако не ги добиваат, а што ако ги добиваат како инвестирање.
Фактор: Како поранешна директорка на државната МАПАС, каква треба да биде улогата на оваа агенција за регулирање на работата на пензиските фондови?
Апостолска: Улогата на оваа супервизорска агенција е да ги штити интересите на членовите на пензиските фондови и да ја јакне едукацијата, свесноста на јавноста за оваа компонента. Сега мислам дека тоа многу слабо се применува.Ако ги прашате младите, не сум сигурна колку го разбираат тоа. Не сакам да навредам никого, ниту регулаторот, ниту членовите на фондовите, но ова е една таква новина, и мислам дека треба да разбираме што значи нередовното уплаќање на тие пари. Што ако ова не беше објавено во јавноста, во целата ситуација требаше за тоа да се погрижи регулаторот и да направи притисок. Институциите не смеат да го дозволат ова, ова се пари на членовите на пензиските фондови, а во законот за втор пензиски столб точно си стои дека сопствениците на парите се осигурениците.
Р.Ф
Слично
