ИНТЕРВЈУ Анастасовска: Специјално судско одделение е нужност!
Неопходно е формирање на посебно судско одделение кое ќе гарантира непристрано водење на постапките иницирани од СЈО, но во исто време кое ќе покаже и стручно познавање на соодветните закони и нема да се доведеме во ситуација да се чудиме како правници на одлуките кои ќе произлезат од истото, вели адвокатот Сузана Јошевска Анастаовска ,
„Ова судско одделение како модел би било оформено исто како што беше формирано Одделението за организирн криминал. Важно е покрај одделение во рамките на првостепениот суд, да се формира и одделение кои ќе постапува по овие предмети и во Апелациониот суд Скопје, но и во Врховниот суд, иако сум убедена дека ова ќе оди многу тешко“, оценува нашата соговорничка . За Јошевска Анастасовска , моделот на избор на судии треба да се третира со уште поголемо внимание од оној за избор на СЈО.
„Во едно сум сигурна, а тоа е дека поучени од, сега веќе можеме да речеме работата на СЈО, која е жестоко критикувана од партијата на власт, формирањето на специјалното судско одделение партиите нема лесно да го остават на „случаен избор“.
Нашиот соговорник очекува правна разврска, иако според неа можеби таа нема во целост да ги задоволи апетитите на оние кои се гладни за затворски казни.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Законот за судови и Уставот дозволуваат основање на судско одделение кои ќе се бави со обвиненијата за предметите кои ќе произлезат од Специјалното обвинителство. Колку ваквата идеја е остварлива?
Јошевска Анастасовска: Постојниот Кривичен суд преку одлуките кои ги донесе за предметите и барањата на СЈО покажа дека има склоност кон „креативно“ толкување на Законот за кривична постапка и популарно наречениот Закон за СЈО, кое пак толкување во сите случаи се покажа дека оди во корист на осомничените кога се работи за барањата поднесени од СЈО, додека истиот тој суд за предмети поднесени од редовното Јавно обвинителство постапува со друга пракса. Ова, заедно со новите прераспределби на судии од едни во други одделенија, а особено со внесување на „свежи имиња“ во судот да постапуваат како судии на претходна постапка, сериозно ја поткопа кредибилноста на судот и ја доведоа во прашање неговата стручност и непристрасност.
На почетокот на работата на СЈО сметав дека на судиите треба да им се даде дооверба дека ќе постапуваат стручно, принципиелно и непристрасно. Сега веќе го менувам мислењето бидејќи одлуките кои ги носеа беа преседани по многу основи, аргументацијата со која судиите требаа да ги оправдаат ваквите одлуки беше слаба и сето тоа даваше сериозни индиции дека судиите не го прават тоа што им е задача- да судат праведно и со врзани очи, независно од тоа кој е исправен пред лицето на правдата.
Оттаму и потребата да се формира судско одделение кое ќе гарантира непристрано водење на постапките иницирани од СЈО, но во исто време кое ќе покаже и стручно познавање на соодветните закони и нема да се доведеме во ситуација да се чудиме како правници на одлуките кои ќе произлезат од истото. Нервозната и лично насочена писмена реакција на Претседателот на Кривичниот суд по однос на прашањето за формирање на посебно судско одделение ми дава за право да кажам дека ваквото одделение веќе станува нужност.
Фактор: Дали ова судско одделeние треба да функционира во рамките на Кривичниот или Апелациониот суд и постои ли опасност да се соочи со опструкции при нејзината работа?
Јошевска Анастасовска: Ова судско одделение како модел би било оформено исто како што беше оформено Одделението за организирн криминал со тоа што често кажувам дека важно е покрај одделение во рамките на првостепениот суд, да се формира и одделение кои ќе постапува по овие предмети и во Апелациониот суд Скопје, но и во Врховниот суд, иако сум убедена дека ова ќе оди многу тешко.
Принципот на избор на судии е најважен. Ако нешто ни покажа праксата со формирањето на СЈО кога беше избран само главниот обвинител, а и се овозможи таа сама да го бира тимот, е тоа дека сепак колегите меѓу себе најдобро се познаваат па треба да се искористи тој потенцијал. Сепак, моделот на избор на судии треба да се третира со уште поголемо внимание од оној за избор на СЈО и ќе се сведе на политичко решение кое ќе зависи од договорот меѓу политичките партии. Во едно сум сигурна, а тоа е дека поучени од, сега веќе можеме да речеме работата на СЈО, која е жестоко критикувана од партијата на власт, партиите нема лесно да го остават ова на „случаен избор“.
Фактор: Очекувате ли да има правна развврска и затворски казни за сите оние за кои ќе се докаже дека сториле кривични дела или исходот на кризата ќе резултира со амнеститија за „крупните sверки“ а колатерална штета ќе бидат споредни личности?
Јошевска Анастасовска: Очекувам правна разврска иако можеби таа нема во целост да ги задоволи апетитите на оние кои се гладни за затворски казни. Ова го кажувам како правник и адвокат, бидејќи една работа е правдата, а друга работа е судски процес кој има свои правила и закономерности. Но треба да одиме чекор по чекор. Граѓаните сега треба да почувствууваат дека никој не е над законот, дека крупните ѕверки влегуваат од истиот влез на судот како и обичниот свет, таму се подложени на ист третман како било кој осомничен и против нив се води постапка како за било кој граѓанин, дека принципите за утврдување на мерка притвор или други мерки им висат реално над глава и доколку се исполат условите, истите да се применат. Граѓаните треба да видат дека судот е на страната на правдата и дека донесувањето одлуки во нивно име, бидејќи секоја одлука се носи од името на граѓаните на РМ, не е само празна флоскула, туку дека судиите навистина го имаат во предвид единсттвено правото, правдата и јавниот интерес.
Слично
