Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Анастас Вангели: Македонците „паѓаат“ на авторитарни фигури како Путин!

ИНТЕРВЈУ Анастас Вангели: Македонците „паѓаат“ на авторитарни фигури како Путин!
Статус кво во спорот за името им одговара и на Скопје, а веројатно и на Атина. Владејачката гарнитура во Скопје во грчкиот инает го има совршениот изговор за сопствените неуспеси и одлична можност за дефокусирање на јавната дебата по потреба, вели  во интервјуто за Фактор Анастас Вангели. Тој е  автор на книгата „Античка сегашност“ во која го анализира спорот меѓу Македонија и Грција за поседничкото право врз историското наследство што со себе го носи фигурата/митот за Александар Велики, околу кој се градат два државни национализма. Македонските граѓани паѓаат на шармот на авторитарни лидери од типот на Путин (но и Ердоган и Орбан), оценува Вангели. Тој во моментов е докторанд и истражувачки асистент на Институтот за Социологија и Философија на Полската Академија на Науки (ПАН) во Варшава. Претходно,  Вангели  има  магистрирано на Програмата за изучување на национализмот на Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта (2009) и на Програмата за изучување на современа Кина со фокус на кинеската домашна и надворешна политика на Кинескиот народен универзитет во Пекинг (2013 ). Фактор: Во книгата „Античка сегашност“ го анализирате македонско - грчки спор. Кои може да бидат политичките и безбедносни реперкусии врз земјата доколку и понатаму се одложува  надминувањето на ова прашање? Вангели: „Античка сегашност“ е во основа компаративна анализа на митотворството и политичката употреба на историјата во македонското и грчкото општество. Мојот главен аргумент во книгата е дека македонската антиквизација во 21-от век во голема мера е копи-пејст процес базиран на грчката антиквизација од 19-от век наваму, со акцент на периодот на припојување на Егејска Македонија, и поновата деката од 1980-тите по откритието на сонцето од Вергина. Колку опсесијата со античкото минато може да биде деструктивна по самото постоење на државата, би искористил една теза од писателот Јоргос Заркадакис. Тој во 2011 детектира како живеењето во славното минато, опседнатоста со националната посебност, делузијата дека Грција е „колевка на западната цивилизација“ е директен причинител на националната катастрофа што во последниве години и се случува на Грција. Политичката и економската криза се само материјализација на една подолготрајна идентитетска криза. Слично на неговото размислување, јас би рекол дека во случајот на Македонија, веќе е јасно дека светкавите згради на Скопје 2014 и приказните за Александар само одредено време ќе можат да ја маскираат реалноста, а тоа е дека по осум години власт, Груевски не само што не успеа да придонесе кон напредок, туку полека но сигурно ја цементира Македонија на дното на Европа, и економски, и морално, и по секој друг основ. Фактор: Наместо политичка волја и конструктивност за решение на спорот со името  – национализам и остра реторика преовладува во пораките што Скопје и Атина си ги испраќаат префрлувајќи си ја  вината еден кон друг поради безуспешните обиди да постигнат решение на деценискиот проблем. Како при една ваква ситуација  на непопустливост да се надмине ова прашање? Вангели: Мислам дека во моментов (а истово го имам прв пат речено во 2009 – пет години ништо не се променило), статус кво во спорот за името му одговара и на Скопје, а веројатно и на Атина. Владејачката гарнитура во Скопје во грчкиот инает го има совршениот изговор за сопствените неуспеси и одлична можност за дефокусирање на јавната дебата по потреба („ете ние сме добри, ама клетите Грци ни прават опструкции“); од друга страна, ним им одговара и пролонгирано пристапување кон ЕУ, затоа што секој чекор кон ЕУ ќе значи понатамошно откажување од сопствените компетенции и се’ поголема транспарентност на институциите, како и отчетност во вистинската смисла на зборот. За Грција пак, нерешeниот спор за името е далеку помал приоритет; но преку одржување на националистичкиот дискурс кон Македонија грчките елити имаат шанса да компензираат за изгубениот легитимитет како последица на нивната сопствена неспособност за владеење и справување со должничката криза. ДОМИНАЦИЈА НА НАЦИОНАЛИЗМОТ Фактор: Во последен  период  македонскиот национализам доминира. Домашните  политички елити,  националистичка реторика се почесто ја  користат за  пресметката со неистомислениците. Кои се опасностите од ваквиот  говор? Вангели: Националистичката реторика доминира со години, а не само во последно време. Национализмот – за жал не само во Македонија – останува да биде главен извор на поддршка за владејачите, и главно средство за политичка мобилизација на масите. Во македонската дебата, неминовен дел од таа националистичка реторика е етикетирањето и дисквалификувањето на неистомислениците, најчесто како „предавници“. Честопати говорот во медиумите е на раб на омраза, особено од страна на поддржувачите на владејачката гарнитура; тоа укажува на непостоење на основна граѓанска култура, непочитување на разликите, немање чувство за политичка заедница и заедничко добро и немање услови за развивање на било каква дебата. Особено загрижувачки е некогаш намерното заговарање против „предавниците“ и повиците за нивно линчување. Таквите тенденции претставуваат дебакл за човечкото во сите нас на ниво на општество, и создаваат култура на страв и исклучување на одредени поединци; а малку треба вербалното насилство да стане физичко. Фактор:  Западот нè отпишува, а Истокот не нè запишува.  Држењето на Македонија во европската чекалница  го јакне  евроскептизимот. Во  исто време  јавно се промовираните идеи дека треба да се бараат алтернативи со свртување кон Исток – рускo сојузништво , кинеска пенетрација. Како ги толкувате ваквите повремени политички маневрирања? Вангели: Современиот светски поредок е многу комплексен – како во однос на балансот на моќ и интереси, така и во однос на променетата структура, но и појавувањето на нови типови актери. Денес не може да говориме за блоковска поделеност налик на онаа од времето на Студената војна – САД не е исто што и Европа; Русија не е исто што и Кина. Оттаму, би ги дискутирал ориентациите кон Русија и Кина одделно. Во исто време, би сакал да напоменам дека е екстремно поразително што сеуште Европа во македонскиот јавен дискурс е прашање од „надворешната политика“ наместо да е тема на внатрешни реформи (за потсетување, деновиве голем дел од пост-комунистичките земји прославија десетгодишнина од станувањето земји членки). Назад кон Вашето прашање. Прво, зголемениот интерес кон Русија не е исклучиво резултат на зголемениот евроскептицизам, туку е причинет и од сликата која се проектира за самата Русија под водство на Владимир Путин. Македонските граѓани „паѓаат“ на шармот на авторитарни лидери од типот на Путин (но и Ердоган и Орбан); неговата популарност веројатно и ќе се зголеми како што ексалираат настаните во Украина, и како што неговата реторика ќе станува се’ повоинствена и по анти-западна. Во исто време, владејачките елити оддаваат впечаток како и тие да се про-Путиновски ориентирани, така што импресионираноста со Русија не треба да изненадува. Сепак, на крајот на денот, освен на ниво на кафеански муабети, не гледам како потенцијалното македонско-руско сојузништво (особено македонско анти-западно свртување) би се ефектуирало. Она што можеби треба да се дискутира е потенцијалното економско влијание на Русија и нејзината надворешна политика во Македонија – особено во енергетскиот сектор – иако тоа се чини за сега минува незабележано. Фактор: Има ли разлики во однос на релациите со Кина? Вангели: Што се однесува со Кина, тука приказната е малку поинаква. Кина во моментов е втора светска економија, и прашање на време е кога ќе ги претекне САД на првото место (по некои проценки, тоа е возможно да се случи и до крајот на оваа година). Со оглед на тоа што очите на светот веќе подолго време се вперени кон Кина, дури и би рекол дека Македонија помалку или повеќе каска во остварувањето ефективна соработка со Пекинг, споредено со остатокот од Европа и светот – на пример, во 2013 се навршија 10 години од воспоставувањето на Стратешкото Партнерство помеѓу ЕУ и Кина. Нивната економска размена е повеќе од една милијарда евра на ден. Македонскиот интерес кон Кина во оваа смисла, е позитивен развој на настаните, и во тек со она што се случува во регионот. Впрочем, во 2012 во Варшава беше воспоставена платформата за соработка помеѓу Централно и Источно Европските земји и Кина (ЦЕЕ16+1), платформа која освен Македонија ги опфаќа Албанија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Чешка, Словачка, Романија, Унгарија, Полска, Литванија, Латвија и Естонија. Кина има особено засилена соработка и со Западна Европа, во прв ред Германија. Но, не смее да се испушти од предвид дека ова е пред се‘ економска соработка, која се води од она што Кинезите го нарекуваат „взаемна корист“ и дека политиката на „излегување надвор“ за Кина значи пред се’  наоѓање нови пазари и нови партнери. Во исто време, таа нема никаква амбиција да биде сојузник, или уште помалку да ги замени традиционалните партнери на земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Од друга страна, како мала и сиромашна земја, Македонија може да има значителна соработка со Кина само ако остане на европскиот курс, ако работи на добрососедски односи и прекугранична соработка (особено со нејзините соседи ЕУ земји-членки)  и ако одржи политичка стабилност – никој не сака да прави бизнис со изолирана и хаотична земја. ОДНОСИТЕ СО КИНА СЕ ПОЛИТИЧКИ ПРЕДИЗВИК Фактор: Македонија позајми половина милијарда евра од кинеската Ексим банка за изградба на автопатските делници Миладиновци - Штип и Кичево - Охрид.  Од кинеска страна нагласена е заинтересираност за нивен влез на македонскиот пазар.  Бидејќи неколку години живеевте во Пекинг, како ги оценувате зачестените контакти на двете земји? Вангели: Кинеските инфраструктурни проекти во Македонија се надоврзуваат на она што Кина го прави во соседството (и во ЦЕЕ16, но и во Грција, Турција, итн.). Како што споменав претходно, треба да се очекува дека Македонија ќе има се’ поголема соработка со Кина во иднина, во склоп на платформата ЦЕЕ16+1, и генерално, како резултат на интензивирањето на кинеската економска дипломатија во секое ќоше на светот. Особено на Балканот Кина вложува во инфраструктурни и енергетски проекти – тие се искусни во таа област, имаат големо искуство и на домашен терен, но и низ целиот свет (особено во земјите во развој). Балканските земји пак имаат хронична жед за странски капитал и конкретни проекти, особено во инфраструктурата и енергетиката. Да не заборавиме дека еден од најзначајните успешни проекти во пост-југословенска Македонија е ХЕЦ „Козјак,“ која беше исто така кинеска инвестиција и изведба. За Македонија зголемената кинеска активност во регионот, сепак, претставува политички предизвик, од една страна да се навигираат односите со една надоаѓачка сила, без притоа да се компромитираат стратешките определби (пристапување кон ЕУ). За Брисел, голем проблем е тоа што сите земји членки на ЕУ, а и земјите кои претендираат да бидат земји членки, се оддадени на привлекување на кинески капитал, често пати отстапувајќи од принципите на заедничката политика кон Кина. Инаку, гледајќи на кое ниво е дебата по однос на Кина и нејзината глобална улога во Македонија, моја искрена надеж е дека зачестената соработка ќе резултира и со зголемен интерес но и со покритичко занимавање со Кина во Македонија, и дека нема да се остави така важна тема да биде ексклузивно дискутирана во ноќните шоуа и во сензационалистички контекст, туку и дека ќе биде предмет на дискусија на интелектуалците и аналитичарите. Фактор: Дали преселбата од Македонија во Кина, од една сосема мала и незначајна земја во светски рамки, во најголемата земја по жителство и светска суперсила, Ви донесе голема промена на перспективата? Вангели: Двете години поминати во Пекинг беа дефинитивно значајно трансформативно искуство. Во поглед на идентитетот – јас таму бев прво и најважно странец, потем Европеец и „Западњак“ (многу важна идентитетска вежба), потем Југословен (за многумина беше новост дека Југославија се распаднала, и секој ги знаеше Тито, Бата Живоиновиќ и југословенската кошаркарска школа), а ретко кој знаеше за Македонија (но тие кои знаеја, знаеја и за Александар и за Св. Павле). Во така голем и брз град, лесно е да најдеш работа, а лесно е да најдеш и работа која ја сакаш и те исполнува – па така, освен студент и истражувач, бев меѓу другото и кошаркарски тренер. Што се однесува до светогледот, кога човек ќе се запознае поподробно со развојот на современа Кина и воопшто Азија, неминовно е дека многу ставови се променуваат – и лични, и политички. Фактор: Кои се Вашите планови за наредниот период и дали Вие како и голем број македонски граѓани кои ја напуштиле земјата и не планирате да се вратите во Македонија? Вангели: Мојот план е да го комплетирам докторатот и да ги завршам тековните проекти, а за потоа ќе видиме. Не сметам дека сум ја напуштил Македонија. Искрено, би бил пресреќен ако еден ден МАНУ ми овозможи услови и даде шанса какви што добив на ПАН. Г.Ч.
Слично

Поврзани вести