Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Ана Мартиноска: Доајените се заборавени, „новокомпонирани“ уметници бројат милиони!

ИНТЕРВЈУ Ана Мартиноска: Доајените се заборавени, „новокомпонирани“ уметници бројат милиони!
“Блаже Конески е автор број еден. Ми се чини речиси невозможно еден човек за еден живот да направи толку многу капитални дела во сите области со кои паралелно се занимава”. Со вакво невообичаено и јасно рангирање филологот и есеист професор Ана Мартиноска влегува во полемика со сите што сакаат да создата дисконтинуитет на создадените вредности. Создавајќи квазиуметнички дела ја уништивме креативноста и авторската провокација, се создава дисконтинуитет, се девалвира и оставината на врни уметници. “Живееме во средина која никогаш не поттикнувала критичко преиспитување на нештата, туку промовирала полтронство и папагалско повторување на научени лекции, а денес тоа е само уште поизразено”. Како полемичар за разбивања на табуата, Ана Мартиноска, за Фактор вели дека е загрижена за перспективите на генерациите што ги образува и чиј пат кон Европа во еден правец го гледа секојдневно. Фактор: Државата  наскоро планира да започне со обнова на Крушевска галерија на  основоположникот на македонската  ликовна уметност Никола Мартиноски. По оваа информација, Вие како негова внука  на својот Фејсбук профил напишавте : “Чека, чека, никако да дочека. А ветувања колку сакаш, се во идно време, ќе направиме ова, ќе направиме она”.  На што се должи ваквата ваша револтираност и незадоволство? Мартиноска: Во 41 година од смртта на Никола Мартиноски се соочуваме со една константа, а тоа е негрижа, или подобро да речеме тотална незаинтересираност за неговото наследство. Имајќи предвид дека зборуваме за еден од пионерите на македонското современо сликарство и еден од најзначајните македонски сликари воопшто, ќе се сложите дека таквиот однос е не само несфатлив, туку и длабоко иритирачки, а моето незадоволство и револт сосема оправдани. Тажно е ако тој однос не боли само нас, членовите на неговото потесно семејство и уште шака вљубеници во неговото дело. Творештво од тој калибар е не само културно наследство, туку и национално богатство, кое следствено мора да биде соодветно третирано и афирмирано, во континуитет. И тоа не се однесува само на сликите од збирката во неговата галерија во Крушево, иако таа е можеби најпластичен пример за односот кон нашите сликарски бардови, а Мартиноски сигурно не е единствен пример. Куќата пред извесно време доби нова фасада и тоа е сé што е направено од 1968 година, кога Мартиноски ги поклонил сликите па до денес. Сликите никогаш не биле реставрирани, состојбата на објектот е запуштена, онаква каква што ја опишувам во мојот статус кој го споменувате, а очигледно нејзината обнова досега не била приоритет. Сега преку медиумите стигна ново ветување, а јас со нетрпение го чекам денот кога ќе прочитам дека нешто е навистина направено. Дотогаш, ќе го избегнувам Крушево, премногу боли. Фактор: На кого алудирате кога велите Никола Мартиноски, до скоро оценуван како еден од најзначајните македонски сликари. Во меѓувреме некои други „уметници“ се натоварија со милионски суми и создаваат некои други „вредности“ ? Мартиноска: Не може секојдневно да бидеме сведоци на милионски суми за нарачани и политички мотивирани квазиуметнички дела, а истовремено некој да тврди дека „во моментов немаме средства“ за прегорените светилки во галеријата, а тоа да не значи дека истиот тој некој, свесно или не, се обидува да ја ревидира историјата на македонската уметност. На сите кои ја преземале на себе одговорноста да се грижат за македонската уметност, култура и културно наследство, од оние на највисоките позиции па сé до оние кои се нафатиле да бидат директори на галерии и „кустоси“ без соодветно образование и искуство. На пример, јубилеите од раѓањето и смртта на уметниците ги нарекуваат парастоси, небаре треба да се организираат само за да ги задоволат сентиментите на семејството. Секако дека материјалната страна на оваа приказна не е најважна, ниту пак е единствениот критериум за вредноста на уметничките дела, но зарем не е апсурдно комплетни анонимуси да стануваат национални уметници или да добиваат стотици илјади евра за своите први „професионални“ обиди? Зарем некој може рационално да ја објасни логиката според која една новокомпонирана „уметница“ за година-две има заработено повеќе од сите македонски сликари заедно во целиот нивен работен век? Фактор: Што за Вас е најдоброто, а што најлошото во македонската литература? Мартиноска: За мене лично, Блаже Конески е автор број еден, без конкуренција, колку повеќе го читам, толку повеќе ја сфаќам неговата величина. Ми се чини речиси невозможно еден човек за еден живот да направи толку многу капитални дела во сите области со кои паралелно се занимава, од лингвистиката и историјата на јазикот и литературата, преку есеите и преводите, па сé до поезијата што ја пишува. Еве на пр. колку мудрост се крие во стиховите од неговата „Молитва“, една од моите омилени песни од Конески: „Спаси ме Боже, од болните луѓе/ што се накажани,/ та не се криви,/ нивната злоба умерено суди ја,/самите од неа одвај се живи./ Тие се мислат повикани да водат/ како Мојсија и другите пророци/ а самите не можат да се ослободат/ и влечат по себе ситни пороци./Дај Господе, што помалку очите да/  им ги бодам -/ штом тие лево ќе фатат,/ јас десно да одам.“. Но, секако дека мојата листа на добри македонски писатели не завршува со Конески, напротив, има уште редица одлични македонски писатели и поети кои сакам да ги читам и препрочитувам. За среќа, таа листа и натаму секојдневно се збогатува со делата на (условно земено) помладите автор(к)и, меѓу кои има вистински бисери, па еве во оваа прилика ќе ги издвојам моите фаворити Гоце Смилевски, Лидија Димкова, Игор Исаковски и Владимир Мартиновски. А ако треба гласно да размислувам за другиот крај на вредносното скалило, ми се чини дека најмногу простор за напредок, за нови, свежи и современи книжевни дела има во областа на детската литература, од единствена причина што во ова време на сеприсутна технологија добро би било да ги стимулираме младите да помислат дека и читањето е забавно и „кул“, па преку љубовта кон пишаниот збор да ја развиваат својата имагинација, ерудиција и елоквенција. Фактор: Во  еден  Ваш јавен настап ќе речете  „Ме боли отсуството на демократија и слобода, ме плашат сиромаштијата и невработеноста, ме револтира  тоа што наместо соживот некој  поттикнува омраза кон етничката,  верската и секоја друга различност. Каде го лоцирате проблемот и  зошто и по речиси две и пол децении  самостојност не успеваме да изградиме  општество базирано  на демократија, еднаквост и правда? Мартиноска: И јас постојано си го поставувам истото прашање зошто не успеавме (и сеуште не успеваме) да изградиме подобро општество, но се чини дека нема едноставен одговор. Веројатно вината е по малку во сите нас, едни се водат од сосема себични причини, лакомост и желба за пари, моќ и позиции, па забораваат на големата слика и општото добро, други се апатични и чекаат некој друг да ја направи промената што ја посакуваат, трети се самопрокламираат во некакви авторитети... Очигледно имаме проблем да признаеме дека самите сме виновни за сé што ни се случува, дека состојбата во земјата е резултат на нашите избори и постапки, дека ни е потребно враќање на некои основни вредности како солидарноста, толеранцијата, емпатијата. Но, дури и во ваквата колективна одговорност, неспорно е дека има некои кои се поодговорни од другите, оние кои ја презеле на себе обврската да ја водат државата, а кои секојдневно и без трунка срам ги кршат не само принципите на демократија, праведност и еднаков третман на сите граѓани, туку сé почесто ги загрозуваат и правата на слободен говор и фер судење, репродуктивните права, правото на заштита од дискриминација во однос на родова и сексуална ориентација и останатите човекови права. Фактор:   Зошто би имало причина  да бидеме незадоволни кога Владата вели дека стапката на невработеност е драстично намалена, сиромаштијата не така изразена како порано, соживот има, но некои други создаваат атмосфера на  тензичност и страв? Мартиноска: Одамна престанавме да веруваме во бајки. Не знам со какви розови очила гледаат, та гледаат држава без невработени и сиромашни, она што јас го гледам секојдневно е една сосема поинаква слика на очајни луѓе кои немаат друг излез освен да „фатат пат“ надвор од државава. Работам со студенти и постојано среќавам млади луѓе кои во голема мера се летаргични и демотивирани, безперспективни и загрижени за иднината, свесни дека нивните академски успеси и стекнати знаења се невидливи пред „посилните“ критериуми како партиската лојалност на пр. И не знам во таква ситуација кои се тие „други“ што создаваат ваква или онаква тензична атмосфера, наместо да покажуваме со прст едни на други, зарем не е подобро сите заедно да поработиме на заедничкото добро?!
ГЛАСНО ЌЕ ВИКНАМ - СКОПЈЕ 2014 НЕ МИ СЕ ДОПАЃА!
Фактор:  Се уште ли Ве вознемирува  ставот „Целта ги оправдува средствата“ затоа што никој ништо не ни може ? Мартиноска: Веројатно вознемиреноста во меѓувреме веќе прерасна и во посилни емоции на нетрпеливост и отворена осуда. Сведоци сме на промоцијата на агресијата и насилството како доминантни матрици на прифатливо, па дури и посакувано однесување, и тоа е видливо во сите сфери на живеењето, од навивачките групи и сообраќајната (не)култура, па сé до злоупотребата на политичката моќ и позиција врз „обичниот“ човек. Очигледно за некои не важат ни пишаните закони, ни непишаните норми на средината, се ставаат над сите и над сé, а поткрепа на својата надменост наоѓаат само во партиските книшки и фотелји. Навистина не се бираат средства, се гази преку лешеви, само и само за остварување на личните цели. А оние другите кои не играат по овие правила, се сметаат за лузери и трпат последици. ... Фактор: Како  гледате  на проектот Скопје 2014? Своевремено актерката Нада Гешоска, коментирајќи го своето незадоволство од новиот објект на МНТ (сегашен МОБ), ќе рече: „Понесени од социјалистичкиот ентузијазам и тој начин на размислување, ние верувавме дека се’ што се прави ново ќе биде поубаво од старото, и затоа дозволивме да се изгради. Да знаевме дека ќе изгледа вака, ќе се спротивставиме и сигурно немаше да биде направен ваков театар“? Мартиноска: Уф, мислам дека ова интервју нема доволно простор за сериозна експликација на мојот став по ова прашање, но еве во обид да го сублимирам во неколку реченици ќе речам дека овој проект има многу димензии, естетската е само една од нив. Затоа ако ме прашувате дали ми се допаѓа новото Скопје, категорично ќе викнам „Не!“. Понекогаш мечтаам дека сите тие тешки милиони се вложени во град со карактер, со современа архитектура и уникатен стил, типичен за времето и поднебјето во кои живееме, па дека сме добиле автентичен, модерен, еклектичен град налик на Берлин на пр. На јаве, дури и да го прифатам изборот на анахрониот, барокно-неокласицистички стил како доминантен, факт е дека станува збор за неинвентивни градби со низок квалитет на изградба и со лајт-шоу осветлување, неповрзани во себе во една осмислена целина или, како што укажува проф. Никос Чаусидис „хаос од стилски и разни други дилетантски комбинации“. Дополнителен проблем се пренатрупаноста и предимензионираноста на мостовите, објектите и скулптурите, како и нивниот избор кој напати сугерира извесно прекројување на нашата историја и идентитет. Дури и лаички погледнато, јасно е дека станува збор за манифестација на моќ, за исфорсиран и мегаломански проект направен исклучиво од идеолошки и популистички, а не од естетски причини, но дури и тука е потфрлено, бидејќи ми се чини дека никому веќе не му е јасно ни која ни е историјата, ни кој ни е идентитетот, ни кои тоа туристи ќе дојдат да не гледаат и со какви импресии ќе ги испратиме. Кога на сето тоа ќе ги додадеме и контроверзиите околу цената на чинење на проектот и непотребно фрлените стотици милиони евра наспроти горливите проблеми во државава и бројни поприоритетни потреби, севкупниот впечаток не може да не е поразителен. Фактор: Дали не мислите дека молчењето и одбивањето да се коментира, нема да создаде ситуација по некое време сите да констатираат оти требало да се реагира пожестоко? Мартиноска: Живееме во средина која никогаш не поттикнувала критичко преиспитување на нештата, туку промовирала полтронство и папагалско повторување на научени лекции, а денес само уште поизразено. И тоа е така уште од првите одделенија во училиштата, не е важно колку знаење има ученикот, дали ги сфаќа концептите и развива способност за самостојно размислување, туку колку ги набубал напамет дадените дефиниции. А и гребаторите секогаш беа одлични ученици. И тоа така продолжува низ сите животни фази, па и кога некој не се согласува со нештата, одбира да молчи и да не „бранува“. Но она што често го забораваме е дека и молчењето е став, тоа не е индиферентност ниту неутрална позиција. Ако гледаме дека нешто не чини во општеството, а одбиеме да реагираме и да го кажеме своето мислење, тоа е можеби премолчена, но сепак е извесна поддршка. Од друга страна, јас верувам дека е многу важно постојано да ги преиспитуваме нештата. Оттука и да се критикува државата всушност е искрен чин на љубов и патриотизам, бидејќи така покажуваме дека ни е важна и посакуваме да биде подобра, дека веруваме во нејзиниот капацитет и иднина.
ПОЛИТИКАТА НИ ВЛЕГУВА И ВО СПАЛНАТА СОБА!
Фактор: Зошто значењето на кажаниот збор ја изгуби силата? Писателот Флоренс Сковел  Шин  во книгата „Силата на кажаниот збор“ ќе напише: „ Биди силен.  Не се плаши. Стравот  е единствениот  ѓавол на човекот“.  Зошто се плашиме и од што и има ли причина за тоа? Мартиноска: Стравот е дополнителна страна на оваа појава, страв од некакви ситни, лични освети, страв да не се загубат некои повластици и позиции... А не ги разбирам, посебно не моите колеги, професори, интелектуалци, кои шушкаат по канцеларии, се жалат и кукаат, а со исклучок на неколкумина, никаде ги нема јавно да ги одбранат своите ставови и да придонесат за промена на нештата на подобро. Дури и за прашања кои директно ги допираат, како Законот за високо образование или буџетот на науката на пр., сите ја ставаат на себе маската на наводна неутралност, со став „ние сме над дневната политика и одбиваме да се мешаме“, притоа заборавајќи дека тоа не ги ослободува од одговорноста за одлуките кои потоа ги носи некој друг во нивно име. Верувам дека на сите ни е очајно потребен активен став во однос на матриците и нормите на современото живеење во нашава државичка, потребен ни е јавно изговорен збор, па дури и гласен крик за промена на системот на мислење и промена на овој наш мал дел од светот на подобро. Фактор: Како ги оценувате најавените уставните измени со кои меѓу другото овој највиско правен акт нема да ја контролира само спалната соба, туку севкупниот сеемен живот. Во периодот додека пишувавте колумни често знаевте  да застанете  во одбрана на стереотипите за родовите и сексуалните права,  против раширената хомофобија, антиабортус-кампањите? Мартиноска: Иако во моментов не пишувам колумни, и натаму сум силен поборник за родовите, сексуалните и репродуктивните права на луѓето. За жал, на тоа поле во последниве години минуваат сведочиме за ретроградни процеси, за контроверзни законски, а сега и уставни решенија, кои ја потврдуваат дискриминаторската политика која се води во нашава држава против припадниците на ЛГБТИ заедницата, и не само против нив. Со уставното дефинирање на бракот, па дури и на вонбрачната заедница, по којзнае кој пат потврдуваме дека наместо да креираме инклузивно општество, ние им го скратуваме правото на еднаквост на голем број граѓани во име на т.н. традиционални вредности. Под нивна капа веќе неколку години се промовира и девалвирање на жената исклучиво на нејзината улога во домот и семејството, нејзино обвинување за падот на наталитетот и сл. што се не само застарени и конзервативни позиции, туку се и ноторни лаги. Па така, наместо конкретни исчекори во борбата против семејното насилство, наместо бесплатна контрацепција и сексуално образование за младите, наместо подобри услови за вработување, здравствена заштита и поквалитетно образование, политичарите ни се мешаат во спалните соби, нудејќи едно чудо патријархални предрасуди и стереотипи, притоа безмилосно трошејќи наши пари за кампањи кои ни продаваат некој лажен морал, кој најчесто служи само за да го оттргне вниманието на јавноста од вистинските проблеми. Фактор: Зошто политиката е  навлезена  во сите пори на нашето живеење до степен да имаме поделби на патриоти и предавници, на наши и ваши на про и анти ЕУ и НАТО? Мартиноска: Политиката е агресивна и за жал дозволивме таа потполно да навлезе во нашите личните животи, дојдовме во фаза во која не само што од неа зависат важните државнички одлуки, туку и најситните нешта врзани за поединецот во таа држава, па без политика не можете да се вработите, да појдете кај саканиот лекар, да ги запишете децата во најблиското училиште... А кога сме кај поделбите, тие ни се случуваат бидејќи наместо да се гордееме со сопствените достигувања, со она што приватно и професионално сме го допишале до нашето име и презиме, индивидуалните неуспеси ги маскираме со потенцирање само на колективните идентитетски припадости, а тие се манифестираат во судир со различностите – етнички, национални, верски, родови, сексуални итн., па и внатре во тие групи дополнително се делиме на портокалови и сини, конзервативни и либерални, вакви и онакви. Па така, наместо да ги бришеме постоечките граници, ние само ги потенцираме, и оние реалните, и оние во нашите глави. Фактор: Дали умееме да го заштитиме нашиот јазик во услови на постојано негирање се почестото  користење на интернационализми? Мартиноска: Во услови на глобализација, нормално е таа да влијае и на јазикот, како последица на фактот дека некои јазици се користат повеќе од другите во меѓународната комуникација. Тоа не е нешто што ни се случува само на нас, па во таа смисла не ме плаши претерано користењето на странски зборови како природен процес, сé додека тоа користење е умерено и контролирано. Од друга страна, јасно е дека овој глобален тренд на сé поголемо глобално значење на само неколку јазици и тенденцијата англискиот да стане вистински глобален јазик на 21-от век може да се доживее како опасност за, условно кажано, малите јазици, но јас и покрај песимистични прогнози дека до крајот на 21 век ќе исчезнат 50-90% од постоечките јазици, верувам дека за јазиците нема опасност сé додека имаат свои говорители. Но кога сме веќе на оваа тема, морам да споменам и дека заштитата на јазикот не треба да се однесува само на опасности врзани со странско влијание, туку и такви кои произлегуваат од неговото недоволно познавање и погрешно користење, посебно во јавната употреба и комуникација. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести