Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју амбасадор Горѓи Филипов: Германија е на штрек кога ќе го слушне зборот „прислушување“

Интервју амбасадор Горѓи Филипов: Германија е на штрек кога ќе го слушне зборот „прислушување“

Поради искуството со процесот „Штази “ во кој речиси секој втор граѓанин беше следен, во Германија владее посебна сензитивност на зборот “прислушување” и на “кршење на човечките права”, вели во интервју за Фактор поранешниот македонски амбасадор во Берлин проф д-р Ѓорѓи Филипов. „ Знаете дека медиумите во Германија играат огромна улога. Веројатно се сеќавате на оставката на претседателот на Германија, Кристијан Вулф, предизвикана после една афера откриена од весникот Билд? Само анализирајте ја целата случка и ќе видите колкава е моќта на медиумите во германското општество. Оттаму и реакциите на официјален Берлин, па и на Бундестагот“, оценува амбасадорот Филипов . Според дипломатот од кариера, владата во Берлин сака на официјален и со факти потврден начин заснован на информации од, за нив, релевантни извори, да заземе свој став во однос на случувањата во Македoнија.

„Германија ја поддржува секоја легално избрана власт во Македонија. Тука не треба да ја мешаме соработката на сестринските партии ЦДУ/ЦСУ и ВМРО-ДПМНЕ и СПД со СДСМ. За поранешниот амбасадор ставовите на Берлин имаат предимство пред сестринската идеолошко-политичката соработка. „Ставот на Берлин е дека само граѓаните на Македонија можат да ги решаваат проблемите на земјата, но доколку официјално Скопје побара помош Германија и ЕУ можат да се вклучат во разрешуавњето на политичката криза“, посочува Филипов. Според неговите проценки за Германија и Грција спорот со името не е веќе меѓу приоритетни прашања, додавајќи дека тие во моментов се посветни во потрагата по решенија за должничката криза. За проф д-р Ѓорѓи Филипов кој неодамна се врати од дипломатската мисија во Виена каде што беше амбасадор во интервјуто оценува дека турбуленциите во земјава би можеле да влијаат и врз привлекувањето на странски инвестиции.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: После берлинската средба на канцеларката Меркел и премиерот Груевски Македонија влезе во политичка криза. Бундестагот одново го реактивира интересот за Македонија. Дали постои отпор кон приемот и реакциите за добронамерните германски критики и поттикнување?

filipov germanija

Филипов: Ако мислите на средбата поврзана со интересот на Германија за развојот на состојбите на земјите од т.н. Западен Балкан и средбата на канцеларката д-р Ангеаа Меркел со премиерите на тие држави, јас би потсетил дека таа средба се случи четири месеци после изборите во Република Македонија, што значи и четири месеци по декларацијата на опозиционата СДСМ за непризнавање на изборните резултати, како и повикот на ДУИ нејзините симпатизери да не гласаат на претседателските избори. Значи, политичката криза во Македонија е малку постара од таа средба, колку да бидеме прецизни, за да не се заклучи дека “политичката криза настанала после средбата на канцеларката Меркел и премиерот Груевски”. Што се однесува до интересот на Бундестагот, јас само би се навратил на неговата одлука од 27.10.2004, кога тој ист Бундестаг одлучи да и даде препорака на Владата на Германија официјално да го користи името “Република Македонија”. Подоцнежниот развој на настаните, оставката на канцеларот Шредер, распишување на вонредни парламентарни избори, победата на ЦДУ/ЦСУ, формирањето на нова коалициона влада ЦДУ/ЦСУ и СПД на чело со Ангела Меркел, доаѓа до мало поместување на приоритетите, кое што трае до денес. Но, интересот на Германија, наш најголем трговски партнер, реален странски инвеститор, чии инвестиции вработуваат неколку илјади работници во РМ, досега реализираните посети на највисоко и високо ниво (со исклучок на Меркел) покажуваат дека интересот е континуиран, но секогаш не е подеднакво високо артикулиран. Германија отсекогаш ја поддржува Република Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ интеграциите, но и повеќе од тоа. Таа е најголем поддржувач во програмите на заемна техничка соработка, таму студираат голем број македонски студенти, живеат над 100.000 граѓани со потекло од Македонија, а активностите на германската влада и лично на канцеларката Меркел покажуваат дека Германија е “живо” заинтересирана Македонија да не го успорува темпото на приближување кон ЕУ. Од друга страна таа е водечка членка на ЕУ за која што важат правилата на Европската унија за солидарност. Германија е особено чувствителна на критиките дека таа сака да доминира над Европската унија и затоа стриктно се придржува кон заедничките правила. Оттаму некогаш изгледа дека интересот е намален, што никако не е точно. Намален е општиот интерес на народите на земјите од ЕУ за нејзиното проширување, визави проблемите на некои земји од нашето соседство кои станаа членки на ЕУ без наполна подготвеност за исполнување на строгите критериуми на овој клуб.

Добронамерните критики се добродојдени, иако некому можат и да не му се допаѓаат. Официјално не сум запознат дека било која релевантна политичка структура во Македонија пружа , како што велите, “отпор”, кон критиките. Во некои медиуми можат да се најдат такви искази, но од официјални политички локации критиките се сфаќаат како поттик. Дали се постапува во согласност со насоките со критиките е друго прашање.

Фактор: Според досегашните искуства, во Бундестагот не се вообичаени расправи за други земји, како што е случајот во други Парламенти. Дел од германските медиуми оценија дека Македонија е во внатрешно-политички хаос. Кои се причините за големиот интерес и загриженоста на официјален Берлин ?

Филипов: Не се сложувам дека на Комитетот за надворешна политика во Бундестагот досега не се расправало за други земји. Тоа е дел од работата на тој комитет и се расправало, се расправа и ќе се расправа. Дури и јас лично сум имал свое излагање пред секторот за ЈИЕ. Како што реков, во Германија живеат околу 100.000 македонски државјани, многу од нив има голем број веќе со германско државјанство. Исто така, меѓу барателите на азил, иако немаат легално право (економските причини не се оправдание за барање азил), се наоѓаат голем број државјани од Македонија. Значи дел од проблемите во Македонија многу бргу се прелеваат и во Германија. Заради искуствата од блиското минато на Германија, кога еден нејзин дел постоеше како Демократска Република Германија, во која речиси секој втор граѓанин бил прислушкуван, во нејзината јавност, од искуството со Штази, владее посебна сензитивност на зборот “прислушување” и на “кршење на човечките права”. Знаете дека медиумите во Германија играат огромна улога.

Веројатно се сеќавате на оставката на претседателот на Германија, Кристијан Вулф, предизвикана после една афера откриена од весникот Билд? Само анализирајте ја целата случка и ќе видите колкава е моќта на медиумите во германското општество. Оттаму и реакциите на официјален Берлин, па и на Бундестагот, коишто следат после написите во некои германски весници. Сакаат на официјален и со факти потврден начин заснован на информации од, за нив, релевантни извори, да заземат свој став. Со последните измени на Законот за Бундестагот, донесени пред пет-шест години, тој доби многу голема моќ во однос на надворешната политика на Германија. За наша среќа во овој Комитет за надворешна политика седат и пратеници кои неколку пати ја посетиле Македонија и добро ги познаваат приликите. Тука пред се мислам на пратениците од ЦДУ, Фрнц Јосеф Јунг, Клаус Климке, и на Гернот Ерлер и Јосип Јуратовиќ од СПД.

Фактор: Каква е и би била улогата на Германија во стабилизирањето на состојбите во регионот и наметнатите построги критеруми за приемот на нови членки во ЕУ?

Филипов: Врз основа на искуството со приемот на Грција и Бугарија кога се покажа дека критериумите беа делумно манипулирани, не само Германија, туку и другите членки на ЕУ не сакаат да примаат нови држави со кои ќе се внесат нови проблеми во семејството на ЕУ. Затоа се инсистира на тоа, прво да се решат заемните проблеми и целосно да се задоволат критериумите од Копенхаген. Исто така, во Германија јавноста е заситена од финансиските проблеми на дел од членките на ЕУ, кои треба таа да ги плаќа. Веќе постојат нови партии, како што е АФД (Alternative für Deutschland) која е критички настроена кон ЕУ и не сака и понатаму да ги плаќа сметките на Грција и другите земји засеганати од финансиската и економската криза, предизвикана пред се, од несовесно работење на владите во тие земји.

Фактор: Германската канцеларка на неколку пати испрати свои специјални преставници во земјава. Дали после победа на Сириза во Грција очекувате германската дипломатија да продолжи со проактивна политика во решавањето на спорот со името?

Filipov Merkel

Филипов: Германија ги чека следните чекори на грчката влада. Во моментов ниту самата грчка влада не знае како ќе постапи по прашањето на долговите. Затоа, приоритет за Германија, за Грција и останатите членки на ЕУ е решавањето на должничката криза. Проблемот со името во овој момент не е приоритет за Германија. Ниту е тоа приоритет за Грција. Некои аналитичари во Германија сметаат дека прозорецот на можностите (windows of opportunity) беше пропуштен во времето на ПАСОК и Папандреу. Не се согласувам наполно со тоа, зашто во принцип црвените линии на Грција ниту една грчка влада официјално не ги променила. Друга група аналитичари смета дека владите на двете земји треба, преку мудра политика, да се приближат до моментот погоден за решавање и да го решат тоа прашање. За германската влада пак, ставот е јасен. Проблемот со името мора да се реши меѓу Македонија и Грција. Канцеларката Меркел минатата година изјави дека потребен е компромис. Според неа, колку се сеќавам, тоа значи дека треба да се најде заедничко прифатливо решение со кое двете страни нема да бидат задоволни, но кое ќе го прифатат. За такво решение е потребна политичка волја од двете страни, која , како што гледаме, сè уште не постои.

Фактор: Бундестагот има позитивно расположение кон афирмацијата на европската перспектива на Македонија. Но зошто според Вас властите во Скопје главно ги афирмираат пратеничките ставови од германските пратеници кои одговараат на моменталните партиски интереси владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ владините внатрешни политики?

Филипов: Ниту Германија ниту било која друга земја сака или смее да се меша во внатрешните работи на Македонија. Тоа што нам ни изгледа дека германската влада ја поддржува партијата на власт, не е точно. Германија ја поддржува секоја легално избрана власт во Македонија. Тука не треба да ја мешаме соработката на сестринските партии ЦДУ/ЦСУ и ВМРО-ДПМНЕ и СПД со СДСМ. Официјалните ставови имаат предимство пред сестринската идеолошко-политичката соработка. Да не се залажуваме. Ставот на Германија отсекогаш бил дека само граѓаните на Македонија можат да ги решаваат проблемите на Македонија. Германија и ЕУ можат да помогнат доколку се побара помош.

Filipov Han

Фактор: Престижни брендирани германски компании отвараат погони и бизнис во различни региони во Македонија. Дали тоа е знак дека внатрешна политичка криза е решлива и дека таа нема да влијае врз привлекувањето на странските, пред се германски инвеститори. Германија е наш прв трговски партнер, а 50 насто од македонскиот извоз во ЕУ е за германските пазари.

Филипов: Германските компании си ги гледаат своите бизнис интереси. Секоја компанија пред инвестирање во некоја земја прави физибилити студија и анализа на краткорочните и долгорочните цели и ризици кои произлегуваат од таквата одлука. Во моментов Македонија е интересна поради евтината работна сила и ниските даноци. Гледаме дека и натаму доаѓаат инвеститори од Германија, но не смееме да бидеме презадоволни од тоа. Постојат уште поголеми можности. Политичката криза има свое влијание, но сметам дека не е пресудна. Пресудни се, според мене, имиџот создаден во инвестициските кругови во Европа и Светот, малиот пазар, бавното судство, појавите на корупција и останатите состојби, кои ни ги наоѓаат како замерка претставниците на ЕУ, кои доаѓаат да ја мерат нашата подготвеност за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

Слично

Поврзани вести