Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ: Кој прв почна и кој ја заеба цела оваа работа, маме му е…!

ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ: Кој прв почна и кој ја заеба цела оваа работа, маме му е…!
На уметниците треба да им се ограничи движењето, да смеат да влезат ама да не смеат и да излезат  од политиката. Ако влезат во политика да си седат таму. А не ние едвај сме се раатисале од нив и сега ни ги враќаат назад ,  порачува во интервју за Фактор  режисерот Александар Поповски. „Тие што не ги биѓаваше за култура, сега не малтретираат преку политика“ вели Поповски кој во 1997 година за првпат на тетарската сцена се појави со преставата „Маме му ебам кој прв почна“. Поповски  кој за време на претседателската кампања  даде јавна поддршка на кандидатот  на опозицијата за шеф на државата,  вели дека нема чувство оти  претседателот Иванов е татко на нацијата.  „Во едно писмо напишав дека со избирање на Иванов ќе бидеме ставени во ситуација да само еден круг на луѓе во Македонија има претседател. Сите ние останатите сме препуштени на самите себе“. Поповски, со доза цинизам  ќе рече „Груевски владее одлично. Погледнете  го последниот пример со ректорот на Универзитетот. Така треба да се однесува секој владетел кон ректор кој нема доблест да ја брани автономијата на Универзитетот. Така се разговара со збунета професорка на скали. Така се управува со безлични професори, новинари, доктори, уметници...“  Еден од најуспешните театарски и филмски режисери  кој неодамна  собра многу позитивни критики со “Балканот не е мртов“, вели дека македонското општество е поделено до тој степен што полека ќе почне да пука  по сите шавови.  „Нам ни престои сериозен конфликт кој не е ниту религиски ниту идеолошки ниту етнички. Ние имаме различни светоназори“ . Поповски   се гордее на оваа генерација студенти  кои за првпат  покажа дека имаат свој став. „Кога еден ден ќе зборуваме за Македонска Пролет, ќе зборуваме за оваа зима. Оваа зима е формирана генерација на студенти на кои ниту оваа Влада, нити било која друга која што ќе дојде ќе може да им каже што да прават. Закон за високо образование треба да произлезе од  Универзитетот, а не од Владата“, категоричен е македонскиот режисер . Со премиерната изведба на преставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир а во режија на Александар Поповски на сцената на Театар Комедија утре ќе биде прославена  65-годишнината од основањето на Националната Установа Турски Театар. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Зошто повеќе Ве има на театарските сцени во Словенија, Хрватска, Турција отколку во Македонија? Поповски: Нема некаков точен одговор на ова прашање , а и да го има не е баш многу интересен за македонската публика. Подобро јас да зборувам за нешто друго. На  пример ќе зборувам за самиот себе. Убав сум, шармантен, паметен и на фотографии излегувам поубав од што сум во живо. Само ете сеуште не сум член и никој не ме вика да бидам член на управен одбор. А Каракамишева ја викаат. Да речеме мене тоа ми е многу интересно. Сериозно размислувам да напишам мјузикл или оперета со овој лик. Каракамишева како модерна Евридика. Само наместо да се пее Еуридиче ќе се пее Каракамиче. Би се обидел да ја овековечам за да остане запишана во историјата, да се памети што се еден професор може да направи а не треба. Не само неа, има и други за опевање, ама она ми е нај нај. Што е тоа што таа го има, а јас не за да станам член на управен одбор??? Многу ми е интересно како функционираат овие појавиве со контра организации. Дали да речеме Каракамиче му се јавува на Владата и му вика  имам внатрешна потреба да формирам таква организација или Владата му се јавува на Каракамиче и му вика не ли чуствуваш внатрешна потреба да оформиш таква и таква организација? ТИЕ ШТО НЕ ГИ БИЃАВАШЕ  ЗА КУЛТУРА, СЕГА НЕ МАЛТРЕТИРААТ СО ПОЛИТИКА Фактор: Во едно интервју велите „ Јас сакам да работам во МНТ“. Новото раководство на МНТ  ве има покането да режирате во Скопје,  но кај Вас како да се чувствува одредена одбивност. Зошто ве нема на домашниот репертоар. Поповски: Многу работи со кои не се согласувам се случија во изминативе години. За некои од нив зборував гласно, за други сам со себе. Во МНТ влегов 97ма со претставата „Маме му ебам кој прв почна“. Влегов заедно со една прекрасна генерација на глумци со кои мислев дека ке го освојувам светот. И го освојувавме, тие години таа престава се натпреваруваше со престави кои беа најрелевантни во Европа. На БИТЕФ беше прогласена за најдобра, а ние бевме дочекувани насекаде како големи мајстори на театарската уметност. Звучам како некој дедо кој раскажува за некои стари времиња. Најверојатно сите учесници во оваа приказна имаат своја верзија за тоа како требало да биде и зошто не е така како порано и кој прв почна и кој заеба работа маме му ебам! Сеедно сега е вака како што е и некому тоа му е добро некому не му е. Еден ден ќе управувам со овој театар и ќе биде онака како што јас мислам дека треба да биде. Фактор: Дали културата губи пред налетот на политиката и кој ја внесе политиката во театарот? Поповски: Ова е многу едноставен одговор и важи не само за културата туку за сите останати полиња на нашето општество. Порано културниот деец имал две места на делување, полето на културата или кај Јоле. И тоа, да речеме било тоа. Добрите дејци биле и ваму и таму, а послабите само таму. Кога се смени еднопартискиот систем и со доѓањето на демократските промени, овие послабите дејци што беа само таму почнаа да се ашкаат натаму наваму. Така ашкајќи се дел од нив се пикнаа во новите демократски политички движења. Пикнати таму тие на почетокот на политичарите им беа симпатични, ама после им станаа досадни. И  пошто не знаеа што да им прават ги ставија за директори или во комисија или во нешто така каде што нема да им досаѓаат. Е сега сме таму кај што сме. На уметници треба да им се ограничи движењето, да смеат да влезат ама да не смеат да излезат. Во смисла пипка трепка, да нема ин аут. Ако влезат во политика да си седат таму. А не ние едвај сме се раатисале од нив и сеа ни ги враќаат назад. Ако сте си ги земале нека ви смрдат таму. Сакам да кажам, тие што не ги биѓаваше за култура, сега не малтретираат преку политика. САМО ЕДЕН ДЕЛ ОД ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ПРЕТСЕДАТЕЛ , ОСТАНАТИТЕ СЕ ПРЕПУШТЕНИ САМИТЕ НА СЕБЕ На последните претседателски избори јавно застанавте со поддршка на претседателскиот кандидат на опозицијата. Зошто? Поповски: Да. И пак ќе застанам зад човек со Име и Презиме. Да беше по мое сега немаше да мораме да го молиме претседателот да не го потпише малоумниот  Закон за високо образование. Тој ист претседател не ги заштити ниту професорите и студентите 2011та година кога за прв пат една мала група на професори ја формираше VOX ACADEMICA и го искажа својот став за узурпација на автономијата на универзитетот. Денес,четири години подоцна сме во ситуација да се бориме за ослободување на Универзитетот. Во писмото пишував токму за ова, дека со избирање на Иванов ќе бидеме ставени во ситуација да само еден круг на луѓе во Македонија има претседател. Сите ние останатите сме препуштени на самите себе. Што и не е така лошо. Ви текнува на наместените студенти кои тогаш беа организирани против професорите? Едни што бегаа од камери и не знаеја против што точно протестираат. Погледни ги сега студентите кои се против законот. А? Точно знаат што зборуваат и што сакаат, а што не сакаат. Ако сиве овие години требаше да се истрпат за да се формира ваква генерација, тогаш вредело сѐ. ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ ОДЛИЧНО ВЛАДЕЕ СО ДРЖАВАТА  Како го оценувате  начин на кој претседателот  Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски раководат со државата? Поповски: Не знаев дека и Ѓорге раководи со државата. Мислам дека Груевски владее одлично. Погледни го последниот пример со ректорот на Универзитетот. Така треба да се однесува секој владетел кон ректор кој нема доблест да ја брани автономијата на Универзитетот. Така се разговара со збунета професорка на скали. Така се управува со безлични професори, новинари, доктори, уметници... Да заклучам, многу добро го оценувам владеењето на Никола Груевски. ПОЛИТИЧАРИТЕ  НЕ ЗАСЛУЖУВААТ ТОЛКАВА ПОЧИТ Фактор: Како гледате на  вонпарламентарното делување на СДСМ. Земаат плата, а не ги застапуваат интересите на граѓаните во рамките на институциите? Поповски: Гледај, мене не ми се допадна ниту малку она што се случи на 24ти декември. Мислам дека е тоа еден апсолутно неприфатлив момент од македонската историја. Какви год да се причините и објаснувањата и обезбедувањата. Тоа не беше добро и тоа не може така. Од таа точка ништо понатаму не е баш легитимно, ако јас се прашувам. Не се разбирам во право ама би ја поништил секоја одлука на парламентот од тој датум до денес. А тоа со платата ми е сеедно пошто кој све у државава зема плата и не застапува интерес на граѓани ееее. Ти кажи ми еден кој зема плата, а застапува. Фактор Од друга страна,  власта не се осмелува  да изгласа одлука со која тие би останеле без своите пратенички  мандати? Поповски: Тоа со власта е малку претерана работа. Мислам дека луѓето пресериозно ги сваќаат политичарите и политиката. Тоа ни е останато од дамнешни времиња. Политичарите се воглавном луѓе кои не треба да бидат респектирани. Инжињери да, доктори (доколку не се членови на..) да, уметници да...ама политичари... Мислам дека треба да се донесе закон со кој ќе се укине владата. Исто како што тие ни прават на нас. Не се рентабилни. Се укинува Владата, Парламентот и нивните секретарки. Им се земаат бесплатните мобилни, ручеци и автомобили и наместо сите нив се купува еден добар компјутер со еден добар програм и тоа е тоа. Комјутерот не може да прави непотизам пошто Мекинтош не му е золва на Делл и готово. Виндовс работи исто и за мене и за тебе и за македонец и за албанец и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО  Е ПОДЕЛЕНО ПО СИТЕ ОСНОВИ Фактор: Колку теоријата наХобс „човек на човека е волк“ кореспондира со состојбите во македонското општество? Поповски: Ние сме сериозно поделено општество. По сите основи. И нам ни престои сериозен конфликт кој не е ниту религиски ниту идеолошки ниту етнички. Ние имаме различни светоназори. Едни слушаат народно, едни забавно. И толку е. Едни сме за модерно едни се за барокно. И толку е! Едни сме за ГТЦ, едни се за да го премачкаат. (Заборавиле на приказните за тоа како не терале да ги премачкуваме фреските во црквите. Има една песна која многу ја сакам. Почнува со стиховите  „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата...а завршува со Македонија слободна, слободно живее..“. Зборот слобода е многу важен. За да бидеме слободни како што посакуваме треба  да ги ослободиме институциите, да го ослободиме универзитетот, телевизиите, новините, да ги ослободиме улиците, плоштадите, театрите...ние треба да се ослободиме. Фактор: Знаеме ли како држава сакаме и кон што се стремиме. Географски  сме дел од Европа, но  дали и европски делуваме и размислуваме? Поповски: Јас знам и каква држава сакам и кон што се стремам, за другите не можам да гарантирам. Темите како што семејство, вера, држава, нација, патриотизам, грб, идентитет се важни, но како дел од домашното образование. Кога овие теми ќе станат лице на државата и ќе го напуштат просторот на интимата тогаш станува малку весело. Државата која сака да се развива, за свое лице ги зема темите слобода, наука, брзина, уметност, свемир... Многу е важно што точно ќе одбереме да стои на нашиот грб, бидејќи тоа ќе зборува за нас и за нашите светоназори. Ние никогаш не сме го запознале искрено и вистински начинот на кој размислува Европеецот. Делумно по сопствена вина, делумно по вина на Европеецот. Мислам дека синдромот на сцената од Диво Месо каде што таткото и синот се расправаат на оваа тема е сеуште актуелна. Монологот на синот започнува со реченицата Мене ме вика Европа а вие не ме признавате за човек во ова посрано маало...А монологот на таткото започнува со ...И се прди на Европа за нас.. ОВАА СТУДЕНТСКА ГЕНЕРАЦИЈА ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА Фактор: Студентски марш - како навремено освестување или задоцнето будење? Поповски: Навремено освестување на студентите и задоцнето будење на професорите. Кога еден ден ќе зборуваме за Македонска Пролет, ќе зборуваме за оваа зима. Оваа зима е формирана генерација на студенти на кои ниту оваа Влада, нити било која друга која што ќе дојде ќе може да им каже што да прават. Ние денес добиваме генерација која нема да влегува по автобуси за да мафта со знамиња на митинзи. Готово е тоа! Многу е просто. Закон за високо образование треба да произлезе од  Универзитетот, а не од Владата. Што ќе се работи во театарот е одлука  на уметничкиот директор а не на комисијата за театар во министерството на култура. И така за секоја област. Владата не е тука за да ми кажува што да правам, туку да ми овозможи да го правам она што најдобро го знам. Е сеа има луѓе што мислам обратно. Воглавно мислам дека студентскиот протест е исправен и дека сега студентите треба да го запоседнат универзитетот и да го ослободат. Универзитетот треба да стане нивна слободна територија, а не на Каракамиче. НЕМА РАЗВОЈ НА ЗЕМЈАТА  СО ПОЛТРОНИ, ТРЕБА ДА СЕ ВКЛУЧАТ  ПАМЕТНИ  ЛУЃЕ Внук сте на архитектот Живко Поповски, важите за еден од неколкуте илјади граѓани кои се против „барокизација“ на ГТЦ .  Се уште верувате  дека работите не се до таа мера униформирани за да се убие различноста која не прави тоа што сме? Поповски: Верувам дека никој нема право да не униформира и тоа право кое си го зема не треба да му се дозволи да го земе. Се разбира дека постојат луѓе кои сакаат да бидат униформирани. Ако, нека си постојат. Само треба постојано да ги исмеваме на цел глас, за да не помислат дека се во право. Дури и кога тие преставуваат мнозинство требаат да бидат исмевани. Со исмевање ќе се смалат како синтетика ставена на повеќе степени да се испере. Македонија како општество мора да се развива. Глупаво е да се мисли дека ќе се развиваме само со послушни луѓе. Кај и да е ќе мораме да ги вклучиме и паметните. Фактор:Архитектот на новиот лик на ГТЦ Жарко Чаушевски  во интервју за Фактор вели дека ГТЦ со отвореноста не е конкурентен и убаво за градот Скопје е да дојде до негова реконструкција во затворен мол. Во однос на стиловите вели дека во светот има многу примери на молови со стилски ентериери? Поповски: А бе кој го прашува за мислење тој Жарко Чаушевски. Многу ми е гајле што тој мисли! И тебе ти се чудам што мајка бараш да го прашаш што мисли. Тој го крши првиот кодекс на авторот, со тоа што му се помочува на делото, а ти ми кажуваш што тој мисли. Тој да мислел нема да го прифати да го прави тоа што го прави. Добро што ми кажа како се вика барем да го запамтам кога ќе го сретнам. Фактор: Бидејќи вооглавно работите во земјите од екс југословенски републики, по што Словенија и Хрватска  се издвојуваат од Македонија?  Љубљана и Загреб долго време имаa билатерален морски спор,  сепак успееа да постигнат договор? Поповски: Проценија дека во моментот има поважни работи, кои носат бенефит и за двете страни и дека е глупаво да бидеш заглавен во место. IMG_7500a (1)  
Слично

Поврзани вести