ИНТЕРВЈУ Академик Митко Маџунков: Македонците се или помалку храбри или мошне плашливи!
Добро е што македонската и бугарската Академија на науките, односно претседателите Камбовски и Воденичаров, отвораат нова страница на соработка, без историски хипотеки и предрасуди, вели во интервју за Фактор, академикот Митко Маџунков. Како романописец, драмски писател и шеф на лексикографскиот центар во МАНУ, но и редактор на Енциклопедијата тој изјави дека во Академијата уште нема јасен став за нејзината иднина – ревидирање или ново издание.
Фактор: Континуирано се спротиставуваат тези околу спорот со Грција и идентитетскиот корпус на прашања. Периодоично се засилуваат и внатрешните полемики - кој, кога и од каде го напаѓа македонскиот јазик?
Маџунков: Сите што не ја признаваат државата не ги почитуваат ни главните атрибути на таа држава. Не треба да се биде многу мудар за да се да види дека тука постои едно директно или индиректно негирање на Македонија како држава, на националниот идентитет и македонскиот јазик. Меѓутоа не е наша работа да се браниме, туку да го афирмираме нашиот јазик, како што најдобро знаеме и умееме.
Фактор: Кој, како и со што треба да го брани неговиот идентитетски код?
Маџунков: Во моментов работам на еден голема едиција насловена како „Ѕвезди на светската книжевност“, антологија составена од 560 најдобри дела на светска книжевност што се преведуваат македонски јазик, но така што целата работа не е препуштена само на преведувачите, на лекторите ниту само на уредниците туку сите се трудиме да се направи вредна едиција во која јазикот ќе биде колку што е можно почист. Значи од една страна се афирмира светската култура, но од друга страна, преку неа се препознава македонскиот јазик. А кога имаме една таква капитална издавачка едиција со 560 преведени книги , тогаш и Господ од небото да се симне и да е злонамерен и да каже дека не постои македонскиот јазик, тоа никој не би можел да го прифати. Идентитетскиот код најдобро и најсигурно се брани со стабилна држава која не може да се доведе во прашање и со атрибутите на таа држава, почнувајќи од јазикот, црквата, па се до институциите и нивното демократско и правно функционирање.
Фактор: Колку спорот со Грција е одбрана на идентитетските прашања, каква разврска би очекувале?
Маџунков: Грчката исклучителност тука е очигледна и мислам оти секому во светот му станува јасно дека политиката на Атина е неиздржана. Мислам дека во иднина ќе се зголемува поддршката кон Македонија додека симпатиите кон исклучивоста на Грција сè повеќе ќе се намалуваат. Грција има големо лоби, има многу пари иако се задолжени и се во криза. Но, вистината не е на страна на Атина и како што велеше Гане Тодоровски „Убаво си е името, зошто да го менуваме“. Дури и името и да биде промениливо, атрибутите на македонскиот идентитет не смеат да бидат загрозени. Треба да внимаваме - кога името станува само алиби за негова комплетна промена, за целата културна подлога од јазик и идентитетот, тогаш нема сила или граѓанин што би прифатиле комплетна ревизија или проблематизирање на националните белези. Тоа не може да биде предмет ниту за прашање на референдум.
Фактор: Во Атласот на европските јазици пред повеќе години регистриран е македонскиот јазик. После 10-тици илјади книги објавени на македонски јазик, со автори и дела преведени и на странски јазик, дали имаме комплекс на јазична инфериорност?
Маџунков: Не станува збор за јазична инфериорност. Јазикот опстојува во една жива, но и сурова форма на самодокажување на својата автентичност. Ние зборуваме и за потреба книжевниот јазик максимално да се култивира. Бидејќи ние припаѓаме на една јазична средина која е мала, кадешто многу малку луѓе надвор од таа јазична средина го знаат јазикот, каде де факто ние сме препуштени самите на себе и доволно е да бидеме малку невнимателни, да се чита помалку, да се пишува полошо и да се создаде една ситуација во која јазикот почнува да се растројува, да се преполнува со туѓи зборови и фразологија, со една нестандардна стилистика.
ИМА ДОВОЛНО МЕСТО И ЗА МИСИРКОВ, РАЦИН, КОНЕВСКИ
Фактор: Во македонската лингвистичка историја доминира кодот на Блаже Коневски. Дали би очекувале дека би можел да се реафирмира односот на Венко Марковски и неговиот отпор кон т.н. „Караџица“, наспроти големото бугарското „ЕР“?
Маџунков: Мислам дека она што е чисто лингвистичко прашање треба да се решава во рамките на наука за јазик, а ние како МАНУ, а и јас лично сметам дека во нашата култура јасно се издвојуваат епохите на Мисирков, епохата на Рацин, на Коневски и дека тоа апсолутно со ништо не смее да се негира. За секој има место во нашата национална и литературна историја. Тоа е теза и на академик Ѓорѓи Старделов, што јас ја подржувам.
Фактор: Како ја доживувате симболиката со која Маџунков пишува во Србија, објавува во Македонија а деновиве во Бугарија е презентиран вашиот опус. Дали е тоа словенска и јазична идентификација на овој европски регион ?
Маџунков: Маџунков престана да објавува во Македонија пред 20-30 години, во еден период кога не можев да објавувам книжевни дела и бев принуден да објавувам во Србија. Многу наши јазични блискости и испреплетености со дел од соседите се преку јазикот и културата чии основи се во словенски корени.
Фактор: Како ги оценувате обидите за разбивање на политичките и историските предрасуди во македонско – бугарските односи?
Маџунков: Мислам дека тоа е многу добро. Сметам дека претседателот на МАНУ и претседателот на БАН направија вистински потези. Од исклучителна важност е што Воденичаров ја поздрави иницијативата на Камбовски. Мислам дека тоа беше многу добар потег како од македонска, така и од бугарска страна. Ние сме блиски народи, нашите јазици исто така се блиски и сродни. Посотои одделна испреплетеност на културата, историјата, настаните и некои личности кај двете земји и тоа со многу сличности. Кога беше во прашање Енциклопедијата зборував дека треба да се следи судбината на македонскиот народ низ државите каде живеел и поминал. Низ овие простори се испреплетуваат цивилизации и империи, култури, јазици и религии. Ние до нив сме поминале векови заедно и нема никаква пречка историските собитија да не им се остават на историчарите. Од тој агол нема пречки, деновите и делата на апостолите на словенската писменост Св. Кирил и Методиј, заеднички да не се одбележуваат и прославуваат, од страна на сите словенски народи.
Фактор: Кои се заедничките точки што спојуваат , а кои се спорните прашања како разделници?
Маџунков : Колку што јас знам главното беше сфаќањето и толкувањето на националното, во смисла на државноста или етничките корени. Ако се сфати во смисла на државност и ако се прифати дека секој има право да се изјасни за оваа или онаа нација, тогаш може и од една да се помине во друга нација. Значи ние го имаме тој проблем што многу наши Македонци во Грција станаа Грци, во Бугарија - Бугари ама тоа во крајна линија изгледа е нивно индивидуално право и таквата можност на индивдуален избор не може да им се оспорува.
МАНУ ТРЕБА ДА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ИЗРАБОТКА НА НОВА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА
Фактор: Пред четири години станавте редактор на Енциклопедијата, имаше различни опции да бидат извршени корекции , да се дигитализира со одредени измени. До кога ќе мирувате во менувањето на спорните одредници?
Маџунков: Никогаш досега од нашата Редакција немало таков предлог. Првенствено предлогот на претседателството на МАНУ кое се разгледуваше на Собранието имаше сугестија за тие неколку спорни одредници да се формира нова Редакција која треба да види што понатаму со Енциклопедијата. На таа проблематика ние работевме цела една година и дојдовме до заклучок дека не станува збор само за неколку одредници туку дека се утнати многу работи вклучувајќи ја целата македонска уметност, книжевност и итн. Поради тоа донесовме заклучок дека старата Енциклопедија не треба да се чепка и треба да се остави таква каква што е, со некое соодветно образложение.
Во истовреме да се донесе одлука за изработка на сосема нова Енциклопедија и ние тоа го предадовме до Претседателство на Академијата, меѓутоа таквото решение не стигна на дневен ред на Собрание на МАНУ. Значи поради некои причини, можеби се и материјални, ситуацијата во однос на ова прашање е статус кво. Сепак сметам дека прашањето со Енциклопедијата треба да се заокружи, да се најде едно решение затоа што мислам дека не е добро работите да остануваат недовршени. Но, исто така јас почнав и други работи и не верувам дека сега би имал волја и сили да започнувам нешто во таа насока.
Фактор: Велите дека би се работело на нова Енциклопедијата, но што ќе биде со спорното издание ?
Маџунков: Како што кажав МАНУ треба да донесе одлука за изработка на нова Енциклопедија. Секоја промена во веќе објавеното издание би била ревизионистичка и несоодветна кон делото на предходните автори. Но новоформираната редакција требаше да даде само идеи и предлози – што понатаму со Енциклопедијата? Редакцијата никогаш немаше мандат да состави нова Енциклопедија, ниту да менува одредници, ние бевме избрани да дадеме предлог што да се прави со оспореното издание.
Фактор: Кој би ја работел новата Енциклопедија?
Маџунков: Знаете дека беше избрана Редакција која јас ја водам како главен редактор и тоа се уште стои затоа што работата не е до крај завршена. Меѓутоа помина многу време и сега кога еден ден ќе дојде на дневен ред на МАНУ ќе се донесат соодветни решенија дали тоа воопшто ќе се работи, дали ќе се прифати тој предлог или ќе се усвои некој друг предлог. Сепак ние сме само една Редакција, еден орган на Собранието на МАНУ кој имаше обврска да изнајде соодветни решенија и да даде предлози што понатаму со Енциклопедијата.
Во оној момент кога ние ги дадовме тие предлози да се донесеше решение да речеме дека ќе се изработува нова Енциклопедија тогаш ние бевме подготвени за тоа. Имавме некоја своја концепција, меѓутоа тие работи не се обврска на Редакцијата. Никогаш не сме имале мандат да правиме нова Енциклопедија, ниту да менуваме одредници, ние бевме избрани да дадеме предлог што да се прави со спорната македонска Енциклопедија. Ние дадовме предлог и на тоа остана.
Фактор: Пред извесно време оценивте дека поради неколку одредници би било грешка да се рециклира македонската Енциклопедија. Но за неа денес не се зборува ни за нејзината капитална вредност?
Маџунков: Кога внимателно ја прегледав Енциклопедијата заклучив дека има многу слабости, не само од политичко-историска природа или дека се спорни само текстстовите поврзани со албанската национална проблематика. Утврдивме и погрешни приоди во методолошки концепт при изработката на некои одредници, при составувањето на користените формулаци, во содржина и обемот на одредниците, па се до објавените текстови што се однесуваат на уметностите, вклучително и литературата. Значи тоа не е „бенигно“. Во овој период, пред да се почне со изработка на нова голема Енциклопедија, неопходно е да се започне токму со таканаречените неутрални теми, па да се состави само книжевна Енциклопедија, посебна за ликовната уметност. Во нашето одделение во МАНУ овие идеи првично беа прифатени, но подоцна работата застана, не се донесе дефинитивна одлука. Но иднината е во овој лексикографски приод. Јасно е дека секоја генерација има свои проценки и кога ќе помине извесно време, можеби ќе биде неопходно да се напрви и нов Македонски речник и нова Енциклопедија.
Фактор: Македонската општествена јавност се формира став дека кај интелектуалците постои страв кон изложување на критички став. Како би го оцениле влијанието на мислечките луѓе во креирањето на државните и националните интереси?
Маџунков: Македонците повеќе или помалку може да се окарактеризираат или како помалку храбри или како мошне плашливи. Во тоа има некоја вистина. Кај нас таа борба за леб, за егзистенција изгледа ги надминува сите дозволиви граници. Човек мора да води сметка за своето опстојување, за егзистенцијата на своите деца, ама интелектуалците мора да имаат својата слобода и за своето мислење. Ако не се создава амбиент за слободно изразување мисли, тогаш се загрозени столбовите на слободата.
Македонија е стабилна колку ни овозможува, ни дава, нам, како граѓани, да бидеме општетствено и социјално сигурни. Секако дека ние можеме и мораме да ги зајакнеме сите институции за да не може да се доведе во прашање опстојувањето на државата. Секој треба да си ја врши својата работа. Во лингвистичка смисла опстојувањето на живиот и литературен јазик се одржува и гради и преку завршување на големиот толковен речник, еден добар правописник и се друго да биде завршено. Тогаш никој не може да го оспори јазичниот код на македонскиот народ.
Горазд Чомовски
