Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Африм Гаши: Ахмети нема да му сврти грб на Груевски ниту случајот Смилковско езеро ќе предизвика меѓуетнички судири

ИНТЕРВЈУ Африм Гаши: Ахмети нема да му сврти грб на Груевски ниту случајот Смилковско езеро ќе предизвика меѓуетнички судири

Демократската унија за интеграција нема  така лесно да излезе од  владата ниту    Али Ахмети така брзо ќе му сврти грб на Никола Груевски , вели во интревју за Фактор Африм Гаши. Еден од основачите на  политичкото движење „БЕСА“  посочува дека  лидерот на СДСМ добива погрешни совети од најблиските соработници.

„Заев имаше извонредна можност да направи пресвртница во политиката во Македонија и мислам дека како што минува времето, тој таа шанса ја испушта од раката. Јас сум убеден дека ниту случајот со „Смилковското езеро“, ниту пак некој друг скучај нема да предизвика меѓуетнички тензии затоа што ако се објави вистината сите ќе ја прифатат, особено Албанците кои впрочем и ја бараат, ама за жал македонските политичари сакаат истата да ја затскриваат и тоа е многу лошо, не само за Албанците, туку за сите во државата, “  посочува Гаши .  

Проценките на  Гаши се дека проблемите  ќе продолжат да тлееат и доколку и биде  формриана  предона влада  во која не би било Груевски .

 „Заев е во право кога вели дека во преодната влада не може да седи Никола Груевски, но и тој греши кога не бара од „доживотните“ министри на ДУИ да не бидат дел од власта затоа што во тој случај сенката на Груевски ќе биде присутна во таа влада и во никој случај нема да имаме фер и демократски избори. Решението за излез од кризата е  во формирање на експертска влада,   оценува Гаши. Во разговор за нашиот портал,   Гаши говори и а потребата од редефинирање на државата како и за тоа дали се созреани условите за формирање трета сериозна политиччка  партија. 

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Зборот „беса“ како што се вика и вашето политичко движење значи „ верба“ а често се поистоветува со „даден збор“ . Во каква Македонија верувате кога велите дека е потребен нов договор за редефинирање на државата?

Гаши: Именувањето на нашиот политички субјект под овој назив зборува самиот за себе. Ние сакаме кажаниот или пишаниот во политика збор да има тежина, да има одговорност и сериозност. Мораме да се потрудиме да се воведе етичкиот елемент во политиката, а политичарите да бидат вистински слуги на својот народ. Ние сакаме да живееме во Македонија која ќе ги почитува, култивира и ќе се грижи за сите етнички идентитети во државата. А од друга страна сите заедно да се грижиме за граѓанските права на сите кои живеат во Македонија. Мораме да креираме услови во кои секој граѓанин ќе има можност да биде реализиран и горд со својата етничка припадност, но истовремено и реализиран како граѓанин во однос на државата. Досега во Македонија со сила се форсираше ситуација каде одредени етнички заедници беа гетоизирани и дискриминирани ако биле од една одредена етничка заедница, а со тоа државата креираше и уставни механизми како тие да бидат што подалеку од системот i истовремено да не можат да ги реализираат ниту своите граѓански права. Затоа ни треба редефинирање на државата, за да створиме рамноправни услови за реализација на етничките и граѓанските права, а при тоа убеден сум дека ќе имаме систем кој ќе ја направи Македонија да биде функционална, стабилна и економски развиена. Во таква Македонија верувам, сакам да живеам и нема да престанам да се борам се додека тоа не се оствари.

ПОТРЕБНО Е РЕДЕФИНИРАЊЕ НА ДРЖАВАТА

Фактор: Потребна ли е експертиза на веќе усвоените закони од Рамковниот договор за да се утврди колку тие се имплементираат во пракса, и дали има потреба за измени и дополнувања. Овозможува ли Охридскиот договор поголемо взамено разбирање?

Гаши: Охридскиот рамковен договор имаше примарна цел да ја спречи војната и да ја воведе Македонија во еден процес кој за неколку години ќе требаше да резултира со тоа што сите ќе сфатевме дека Македонија ниту може ниту смее да функционира како држава-нација, затоа што фактичката реалност не е таква и не може како таква да опстојува, впрочем војната токму тоа го предочи. Но, сите сме свесни дека ОРД тотално се минимизираше и се бајпасираше, со тоа што се сведе само на пропорционална застапеност на Албанците во институциите, па дури ниту правична не успее да биде. Мислам дека воопшто не е тешко сите да сфатиме дека не можеме понатаму да бараме спас во тој договор. Поминаа 14 години од неговото потпишување и се што се можеше се реализираше, а проблемите не само што не се намалија туку и се продлабочија. Не мислиме дека треба некоја експертиза за да се констатира овој факт. Нам ни треба да отвориме нов процес, кој нема да се одвива во воени услови, ниту во некоја временска рамка, туку само треба да се договориме за начелата врз кои ќе почива држава и понатаму и внатрешните и меѓународните експерти ќе можат да напишат закони и уставни амандмани кои сите заедно со потполна политичка волја ќе сакаме да ги имплементираме. Под присила, уцени и воени услови не може да се размислува за развиена држава. Затоа инсистираме да дојдеме до заеднички договор во кој сите ќе веруваме и ќе сакаме да го исполниме.

ЗАЕВ ПРОПУШТА  ШАНСА ДА НАПРАВИ ПОЛИТИЧКА ПРЕСВРТНИЦА

Фактор: СДСМ вети дека ќе ги објави сите бомби и  дека никого нема да поштеди. Најавуваат дека наскоро ќе обелоденат и за случајот „Смилковски езеро“ за кој се проценува дека може да предизвика меѓуетнички тензии. Дали Зоран Заев свесно тактизира или ваквиот негов топло-ладна концепт е со цел да се пазари со ДУИ и ДПА?

Гаши: Вистината за Македонија веќе стана вистина за ВМРО –ДПМНЕ . Заев имаше извонредна можност да направи пресвртница во политиката во Македонија и мислам дека како што минува времето, тој таа шанса ја испушта од раката. Јас сум убеден дека ниту случајот со „Смилковското езеро“, ниту пак некој друг скучај нема никаква можност да предизвика меѓуетнички тензии затоа што ако се објави вистината сите ќе ја прифатат, особено Албанците кои впрочем и ја бараат. Тие од вистината не бегаат, тука истата ја бараат, ама за жал македонските политичари сакаат истата да ја затскријат и тоа е многу лошо, не само за Албанците, туку за сите во државата. Што се однесува до Албанците, тој веќе изгледа се решил помеѓу Албанците, од една страна, и ДУИ и ДПА, од друга страна, да ги одбере вторите. Но после 13 јуни на сите треба да им е јасно дека ДУИ и ДПА не се веќе легитимни политички претставници на Албанците. Тие се толку врзани за ВМРО-ДПМНЕ, што може да се објасни само со изреката на Мендух Тачи „Шефе, со тебе до смрт“. Затоа мислам дека е залудно трагањето на Заев за алијанса помеѓу СДСМ, ДУИ и ДПА. Ахмети и Тачи покажаа јасно на која страна се, а истовремено се покажа дека Заев има многу лоши советници околу себе, кои му препорачаа помеѓу ДУИ и Албанците тој да ги одбере токму ДУИ. Навидум изгледа дека ДУИ има 20 пратеници и е голем фактор, но реалноста на теренот е сосема поинаква. Оваа фактичка состојба се покажа на 13 Јуни во Скопје, а реално ќе се промени многу брзо. Во меѓувреме Заев и Груевски ќе бидат запомнети како и своите претходници, на кои не им е важно како живеат и што мислат нивните сограѓаните Албанци, туку како да изнајдат начин да ги изманипулираат албански политичари и преку нив да ја одиграат репризата на познатата претстава „И Албанците се на власт“.

СДСМ објави нови прислушувани разговори во кои може да се слушне за вмешаност на ДУИ во рпотив законски дејствија, за начинот на кој наводно функционира тандемот Груевски-Ахмети во практикувањето  на валст. Опозицијата најавува дека  наскоро  ќе ја објави т.н бомба  за случајот „Смилковски езеро“. Мислите ли дека овие компромитирачки материјали  може  ја нарушат владината коалиција и да предизвикаат меѓуетнички тензии?

ВЛАДИНА КОАЛИЦИЈА БАЗИРАНА НА ПРИНЦИП „ IT’S ALL ABOUT MONEY“

Гаши: Откако Зоран Заев се убеди дека Ахмети и Тачи се на страната на Груевски, тој почна да ги објави разговорите на некои членови на ДУИ, како и на самиот претседател Али Ахмети. Ова значи дека советниците лошо го советувале, затоа што калкулациите кого да одбере помеѓу Албанците и ДУИ, него го беа советувале дека треба да е со ДУИ. Ова грешка е голема и за неа сега плаќаат сите граѓани на Македонија, особено Албанците. Јас мислам дека ваквите разговори нема да ја нарушат владината коалиција и дека ДУИ нема лесно да излезе од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, додека за тоа дека ваквите разговори ќе предизвикаат меѓуетнички тензии, јас сум убеден дека во никој случај тоа нема да се случи. Албанците и Македонците, како два најголеми народи во Македонија, се убедија потполно дека нема зошто да се тепаат помеѓу себе заради своите политички претставници, кои не уверија сите дека нивниот личен, семеен и партиски интерес е примарен, а сето тоа се прави заради тие нивни интереси. Нема тука ништо, ниту државнички, ниту граѓански интерес - се работи само за чујната изрека на англиски јазик „It’s all about money”.

ПРЕОДНА ВЛАДА БЕЗ ГРУЕВСКИ  А СО УЧЕСТВО НА ДУИ НЕМА ДА ГИ РЕШИ ПРОБЛЕМИТЕ

Фактор: Никола Груевски вели дека народот одлучува дали тој треба да се повлече од премиерската функција, додека Зоран Заев бара преодна Влада на чие чело нема да седи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Како би можело да изгледа компромисното решение во ситуација на дијаметрално спротиставени позиции?

Гаши: За излез од политичката криза, БЕСА напиша политички документ кој се вика „Платформа за иднината – Редефинирање“. Тука се наведени краткорочните и долгорочните постапки за излез од кризата и не само од актуелната криза, бидејќи ако не се смени системот кој ја продуцирал оваа криза, таа ќе се повтори и ќе ни се врати во полоша варијанта. Никола Груевски знае дека откако е откриено и јавно обзнаено како се добиени изборите, неговиот легитимитет е разнишан и тој нема право да се повика на народот. Од друга страна, Зоран Заев е во право кога вели дека во преодната влада не може да седи Никола Груевски, но и тој греши кога не бара од „доживотните“ министри на ДУИ да не бидат дел од власта затоа што во тој случај сенката на Груевски ќе биде исто така присутна во таа влада и во никој случај нема да имаме фер и демократски избори. Грешката на Груевски е што се уште гаи илузии дека треба да биде дел од преодната влада, а грешката на Заев е што мисли дека изборите ќе бидат фер и демократски само ако тој победи на изборите и само ако во македонскиот дел од електоратот имаме фер и демократски избори. Со „доживотните“ министри на ДУИ како дел од преодната власт, ви гарантираме дека нема да имаме фер и демократски избори. Затоа стоиме се уште зад нашата платформа каде решението за излез од кризата го гледаме низ експертска влада.

СЕ ЛАЖЕТЕ ДОКОЛКУ МИСЛИТЕ ДЕКА  АКО СТЕ ГО ДОБИЛЕ ГЛАСОТ НА АХМЕТИ И ТАЧИ СТЕ СЕ ДОГОВОРИЛЕ СО АЛБАНЦИТЕ

Фактор: Како ја оценувате сплотеноста која на неколку наврати за време на преговроите можеше да се забележи меѓу претседателите на ДУИ и ДПА. Али Ахмети предупреди од можна дестабилизација доколку Никола Груевски не остане премиер , а Мендух Тачи  во еден од прислушуваните разговори вели дека на ВМРО-ДПМНЕ ќе му биде „верен до смрт“?

Гаши: Една од најголемите причини зошто беше организиран протестот во Скопје на 13 Јуни и кој беше сеалбански, беше токму оваа причина. Албанците во Македонија не се веќе суштински и политички претставени, затоа што Ахмети и Тачи се целосно под контрола на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Тие што го критикуваа овој протест, затоа што бил само етнички, дали мислат дека е неважно што мислат Албанците во Македонија или повеќе им е важно што ќе каже Ахмети и Тачи?! Нашата порака беше јасна: немојте да се залажувате дека ако сте го добиле гласот на Ахмети и Тачи сте се договориле со Албанците. Македонците, како најголема етничка заедница, преку своите политичари, треба еднаш засекогаш да престанат да бараат корумпирани и уценувани политичари кај Албанците и на тој начин да прикажат и дома и во меѓународната јавност демек „еве Албанците имаат ова и ова, имаат свои претставници во владата, во Парламент итн“. Престанете да се лажете себеси, својот народ и меѓународната јавност. Јас ве прашувам директно: дали вие мислите дека ќе имате мир во куќата ако Ахмети и Тачи ќе замолчат? Дали мислите дека со тоа што сте нашле начин како да  ги уценувате албанските политичари ќе ги замолчите и сите Албанци? Сакате да имате заедничка држава со Албанците или не сакате? Ако одговорот е ДА, тогаш видете кои се вистинските проблеми и ајде заеднички да седнеме и да се договориме за нивно решавање. Ние од БЕСА ова ви го нудиме. Нудиме држава која секој ќе ја сака и почитува, која ќе биде економски и демократски развиена, а во која секој ќе се чувствува горд на своето историско, етничко и културно наследство. Ако одговорот е НЕ, треба да бидете искрени и да се изјасните, за да можеме и ние да си ја гледаме нашата судбина и да не се мачиме повеќе.

БЕСА ГИ  СОГЛЕДА  ГРЕШКИТЕ  НА ПРЕТХОДНИТЕ ПАРТИИ

Фактор: Се има впечаток дека БЕСА се уште ги нема согледно грешките на партиите предводоени од Имер Селмани и Руфи Османи. Дали со барањето оставки од Груевски и Ахмети им „намигнувате“ на СДСМ и нели мислите дека секое флертување би можело да значи „горење“ на вашето политичко движење?

Гаши: Јас ги уверувам и вашите читатели и сите граѓани на Македонија дека Движењето БЕСА ги има согледано грешките на сите политички субјекти и тука најмалку важни се НД и НДП, започнувајќи од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ДУИ и ДПА. Ние зборуваме за еден поинаков пристап во политиката, кој е искрен и кој води до соживот, благосостојба, мир и достоинство, додека сите други политички субјекти досега функционираа под маски, со залажување, непотизам, корупција, национал-романтизам етноцентризам, ксенофобија, а не беа ретки ниту и расистичките испади. Ние сме нови и млади не само во политиката, туку и во пристапот и во делувањето. Би ги замолил сите граѓани да размислат за моделот во кој ние се залагаме, затоа што е модел на иднината и кој е во прилог на сите граѓани на Македонија. Не сме тука да зборуваме и да делуваме само за етничките проблеми на Албанците, тука сме за да донесеме модерен пристап во политиката, кој се заснова на рамноправност, правда, слобода и демократија. Затоа, мислам дека е јасно дека никому не „намигнуваме“. Тука сме со нашиот концепт, во кој силно веруваме и за кој секој ден ќе се бориме - ако треба и против сите горенаведени политички субјекти, како што беше деновиве во случајот со протесниот марш на 13 Јуни во Скопје, кога сите заедно се сплотија за да го минимизираат гласот на околу 15 илјади Албанци. Има голема разлика помеѓу концептот на БЕСА и на сите други. Ние политички се бориме за универзални вредности, а тие само за гола власт. Затоа се надевам дека овој наш искрен глас ќе допре до сите граѓани на Македонија.

Фактор: Најавувате дека БЕСА од трета опција-ќе стане прва опција за албанските граѓани. Што е она што вашето политичко движење може да го понуди како алтернатива на ДУИ ДПА ?

Гаши: Мислам дека треба да повторам уште еднаш, БЕСА е политички субјект и концепт кој ги предизвикува сите, не само ДУИ и ДПА. Последните две се само првите на листата. Што се однесува до нашата понуда, БЕСА го нуди тоа што ДПА, а особено ДУИ, можеше да го има, но не го сакаа, а тоа е интелектуалниот, млад и морален капацитет, кој го имаа на располагање, а кој со голема решителност го одбиваа. Досегашните политичките субјекти на Албанците не успеаја да изградат концепт ниту каква Македонија сакаат ниту какви Албанци сакаат. Немаа ниту идеја ниту платформа што со државата, па се забарикадираа во етничките проблеми, во кои македонските политичари ги втурнаа и еве веќе 25 години не ги оставаат да излезат од нив. Ние сме поинакви. НИЕ ДОАЃАМЕ ВО МИР И СО ДОБРА ВОЛЈА. Имаме изграден и добро осмислен концепт и за Македонија и за Албанците и впрочем тој концепт веруваме дека е добар за сите граѓани во Македонија. Ние сме убедени дека во ваков политички систем, кога некој е поставен како газда а другиот како кираџија, секогаш се остава простор за перцепцијата дека некој постојано бара нешто и дека е дежурен кривец за се што се случува во државата, додека другите секогаш мислат дека државата ги дискриминира и не им дозволува да се реализираат ниту како граѓани ниту како етничка заедница. Првиот столб на нашето политичко делување и нашата политичка понуда е платформата, додека вториот столб се луѓето. Ние и во оваа насока сме многу посветени и ги бараме најдобрите професионалци од сите области, млади и поискусни интелектуалци, луѓе со добра репутација во своите средини кои се почитувани од својата фела и својот круг, луѓе кои не се корумпирани и не се условувани и уценувани политички. Само со јасна концепција и со добро обучени професионалци, кои исто така ќе се борат против корупцијата и криминалот, а ќе ги застапуваат универзалните вредности, како што се рамноправност, правда, слобода, демократија и достоинство, само така можеме да се бориме за подобра иднина за нас самите и за нашите поколенија. Ова е тоа што го нуди и за што се бори БЕСА.

Слично

Поврзани вести