Интернетот е моќна алатка за бизнис!
Компаниите треба да ги искористат социјалните мрежи и интернетот за сопствена промоција и продажба на своите производи, апелира Стопанската комора на Македонија. Препораката, пред се, се однесува за малите и средните претпријатија, кои недоволно ги користат можностите на дигиталниот маркетинг.
Според статистиките, дури 86% од луѓето во светот ги прескокнуваат традиционалните реклами на ТВ, радио или во печатени медиуми, а се што им треба бараат на интернет. Дигиталниот маркетинг е 64% поевтин од класичниот - бара само 135 евра за еден клиент наспроти 346 евра, па затоа и многу брзо ги враќа вложените средства.
„Компаниите кај нас се уште имаат предрасуди во однос на Фејсбук. Сметаат дека е за млади или помодарство, а всушност станува збор за исклучително моќна бизнис алатка. Последните податоци велат дека 1,5 милијарди лица се корисници на Фејсбук, додека 757 милиони се логираат дневно“, вели Софче Јовановска, директор на Дирекцијата за регионални комори при Стопанската комора.
Вкупно 1/3 од светската популација е на интернет, а секоја секунда се јавуваат по осум нови корисници. Дури 79 отсто од он-лајн купувачите користат 50 отсто од своето време во барање производи. Дури 90 проценти од луѓето им веруваат на он-лајн преопрачаните производи од пријатели, додека само 14 отсто им веруваат на традиционалните ТВ реклами, велат статистиките.
„Оние што мислат дека интернет маркетингот е помодарство, ќе се разминат со своите потенцијални потрошувачи. Помина времето кога се чекаше тие да дојдат на веб-страницата на компанијата. Сега информацијата треба се пласира директно до потрошувачот“, потенцира Јовановска.
Слично
