Интернет, телевизија и телефон- најевтино во пакет
Во најголем дел од македонските домаќинства се користат интернет, телефон и телевизија во пакет и овој процент на крајот од 2016 година бележи раст од 11 отсто во споредба со претходната година.
Според анализата на пазарот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), од вкупно половина милион домаќинства во земјава, во 358.099 од нив се користат услуги врзани во пакет, а најголем дел од претплатниците користат три услуги истовремено и тоа: фиксна телефонија, широкопојасен пристап на интернет и телевизија. Така, најпопуларниот пакет, кој ги вклучува овие три услуги го има во 160.377 домаќинства или 44,7 отсто од сите пакети.
Најголем раст е забележан кај претплатниците користат четири услуги врзани во пакет и тоа: фиксна телефонија, мобилна телефонија, широкопојасен интернет и ТВ услуги. Лани се забележани 41.425 вакви корисници и нивниот број и е зголемен за 106 отсто во споредба со претходната година. Токму врзувањето на услугата во пакет со мобилни разговори или со кабелска и интернет-телевизија е опцијата што ја користат операторите за да ја одржат во живот фиксната телефонија, која веќе го изгуби чекорот со другите понапредни форми за комуникација.
Тројца на врвот
- Може да се забележи дека од вкупниот број на претплатниците што користат услуги во фиксна телефонија 80 отсто ја користат оваа услуга врзана во пакет. Од вкупниот број претплатници што користат широкопојасен пристап на интернет 86 отсто ја користат оваа услуга врзана во пакет, а од вкупниот број на претплатници што користат ТВ-услуги 75 отсто ја користат оваа услуга врзана во пакет - велат во Агенцијата за електронски комуникации.
Според анализата на пазарот направена од АЕK, најголем број претплатници што користат три електронски комуникациски услуги врзани во пакет на крајот од 2016 година има „оне.Вип“ со 50 отсто удел на пазарот, потоа следува „Македонски телеком“ со 38,5 отсто и „Роби“ со 11 отсто.
Поевтината цена на пакетот во споредба со поединечните цени на услугите (74,9 отсто) е главна причина корисниците да земат услуги во пакет, покажува анкетата на АЕК. За повеќе од една третина од испитаниците (36,5 отсто) што не користат услуги во пакет пречка за тоа претставува непотребната услуга, која е вклучена во пакетот, а за 32,8 отсто пречка претставува желбата да не се обврзуваат со еден оператор за да имаат поголема слобода при изборот на услугите. Околу една петтина од испитаниците (21,2 отсто) веруваат дека услугите се поевтини ако ги користат поединечно и од таа причина не користат пакет-услуги.
Повеќе фиксни оператори, помалку повици
И покрај тоа што се зголемува понудата на пазарот на фиксна телефонија односно работат повеќе оператори кои нудат различни услуги до крајните корисници, целокупниот обем на сообраќај во 2016 година во однос на претходната година бележи опаѓање за 22,4 отсто, односно 368.370 фиксни корисници разговарале 256 милиони минути за разлика од 2015 кога е регистриран сообраќај од 330 милиони минути.
Истото се забележува и во однос на вкупниот број на појдовни повици, тој параметар за една година е е намален за 23 отсто, од 129 милиони повици на 99,8 милиони фиксни телефонски повици.
(М.Б.)