Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интернет порталите куртулија, нема да бидат вметнати во законот за медиуми!

Интернет порталите куртулија, нема да бидат вметнати во законот за медиуми!
Двата закони со кои се регулираат медиумите повторно ќе бидат ставени пред пратениците, откако пред повеќе од еден месец беа повлечени поради тоа што имаше силни реакции за спорни одредби од медиумите,од ЗНМ, но и од Брисел. Денеска, министерот за информатичко општество Иво Ивановски заедно со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на заедничка прес конферецнија, информираа дека за дел од забелешките има постигнато договор, а за дел се уште нема. Но и покрај тоа законите ќе одат пред пратениците. Прво ќе се изгласаат, а потоа со нови амандмански измени ќе бидат дополнети со прифатените забелешки. Што кажа министерот за информатичко општество, Иво Ивановски Двата спорни закони за медиуми ќе бидат изгласани веднаш, а дури потоа во најкус можен рок ќе бидат дополнети со прифатените забелешки, изјави министерот Иво Ивановски. „Во изминатиов период интензивно разговаравме за забелешките кои се ставени на маса во однос на законот за медиуми и на законот за аудиовизулени медиумски услуги. Можам да кажам дека вчера се донесе договор за дел од забелешките кои се прифатливи од двете страни, а за дел од забелешките ќе треба да прдолжиме заеднички да дискутираме и да се инволвираат и останатите засегнати страни. Со тоа што беше постигнат договор двата закони кои сега се во Собрание да се донесат веднаш, а за забелешките за кои сме усогласени владата да интервенира и тоа во што е можно пократок период. Ивановски соопшти дека постигнат е договор интернет порталите да не се регулираат со законите, новинарите да имаат претставник во Советот на идната Агенцијата за медиуми. Третата точка за која е постигнат договор е за одредбата што се однесува на посебните забрани и која ќе се дополни со став дека секое ограничување на медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд. „Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива што значи дека електронските публикации ќе се изземат од законот, се согласивме и за членот 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став со кој ќе се вели дека секое ограничување на содржините на медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права. Двете страни се согласни за застапеноста во Советот на идната Агенција за медиуми, изјави Ивановски. Се согласивме, според Ивановски, да се направи поширока работна група каде во следните шест месеци ќе се разговара за функционирањето на јавниот радиодифузен сервис МРТВ од каде ќе излезат конкретни предлози за подобрување на јавниот сервис, за транспратеноста и содржите кои ги нуди. „Во однос на останатите делови, останува согласноста дека за печатените медиуми, ќе важат само неколку одредби. Тоа е одредбата за импресум, одредбата за заштита на малолетни лица од порнографски содржини, и одредбата за јавност при работењето односно медиумската концентрација. Сите останати одредби кои се однесуваат претходно на печатените медиуми, а Агенцијата за медиуми имаше супревизија ќе се избришат амандмански, потенцираше Ивановски. Што кажа Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани На заедничката прес конференција - претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на министерот за информатичко општество Иво Ивановски му посочи дека во својот дел од говорот ја кажал само оптимистичката страна, но не кажал дека има уште многу спорни прашања за кои нема постигнато договор а кои според ЗНМ се важни. И дека и покрај тоа што законите ќе бидат изгласани без договор по тие прашања ЗНМ се оградува од нив. „Добро е што интернет порталите се тргнаа од законот, бидејќи тој простор треба да биде слободен, бидејќи можеби е единствениот простор во медиумскиот етер, каде се уште има плурализам на идеи и ставови. И тоа е позитивна одлука на владата и ние ја поздравуваме“ , изјави Селмани. Но, Селмани потенцираше дека за клучните прашања за кои нема договор ќе имаат огромно штетно влијание и дека ЗНМ за тоа нема да сноси одговорност. „Сите останати прашања, тргнувајќи од владините реклами, финансирањето на домашното производство на играна и документарна програма, казните, дефиницијата новинар, поставеноста на Агенцијата, состојбата со МРТВ за сите овие прашања остануваат разликите. Владата има право да ги донесе тие закони и не спориме со тоа, но ние не сносиме никаква одговорност за последиците од усвојување или од немање решение за овој дел од прашањата што ние ги сметаме за многу важни. Ние ќе продолжиме да ги застапуваме нашите ставови дека трошењето на јавни пари во медиумите на нетранспарентен начин има негативно влијание врз слободата на изразувањето. Се согласуваме дека можеби владата треба да ја помогне домашната продукција во Македонија, но нашиот став е дека тоа треба да биде македонската радио телевизија, и таа да биде во состојба да ја произведе таа програма, а не националните приватни телевизии кои годишно имаат милионски профит. Ако некој треба да се поддржува во Македонија тоа се печатените и регионалните медиуми кои се во многу тешка финансиска состојба. Со испумпување пари во медиумите и со вакви непропорционални казни се применува една политика на морков и стап“, изјави Насер Селмани. Ивановски и Селмани со различни ставови на прес конференцијата Иако кажаа едно од трите прашања за кои постигнале договор е дека новинарите ќе имаат свој претставник во идната Агенција за медиуми, сепак и Ивановски и Селмани имаа различен одговор за тоа кој ќе ги претставува новинарите во тоа регулаторно тело, односно дали ќе ги претставува ЗНМ или МАН. Според Селмани, договорено било новинарите да ги претставува човек што ќе биде избран од редовите на ЗНМ. „ Претставник во Агенцијата за медиуми, односно ЗНМ ќе предложи член во новата Агенција за медиуми“, изјави Насер Селмани. За разлика од него, министерот Ивановски посочи дека нема таков договор, а новинарите ќе ги претставува оној синдикат кој е репрезентативен. „Претставниците кои ќе бидат во Агенцијата ќе бидат избрани на транспарентен начин. Не е дефинирано кое Здружение ќе биде, но дефиницијата ќе биде во тоа што претставникот треба да биде од репрезентативно Здружение кое ги претставува новинарите“.
Слично

Поврзани вести