Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРНЕТ МАЛТРЕТИРАЊЕ: Меѓаши предупредува, подалеку рацете од децата!

ИНТЕРНЕТ МАЛТРЕТИРАЊЕ: Меѓаши предупредува, подалеку рацете од децата!
И покрај тоа што интернетот денес претставува извор на голем број информации, брза и лесна комуникација, овозможува пристап до едукативни и забавни содржини за децата, младите и возрасните, сепак тој претставува потенцијална опасност и ризик за приватноста и безбедноста на неговите корисници, а особено за приватноста и безбедноста на децата и младите-вели  психологот Јана Зенговска  од Првата детска амбасада “Меѓаши”.   Таа смета дека злоупотребата на децата на интернет е појава преку која се поголем број на малолетници  се изложени на директен или индиректен ризик и опасност, пред се поради нивната детска отвореност, наивност, неискуство често  оставајќи ги своите лични податоци преку регистрирање на многу сајтови, не земајќи предвид што се може да се случи. “Секоја фотографија споделена на социјалните мрежи може да биде злоупотребена доколку профилот не е заштитен. Фотографии од деца терба селективно да се постираат, со цел првенствено родителите да ги заштитат своите деца. Вообичаено на социјалните мрежи активни се деца на возраст од  10 години. Тие постираат фотографии, можат да ги прочитаат коментарите кои ги предизвикала нивната фотографија итн.  Децата можат да бидат сексуално вознемирувани од страна на возрасни или нивни врсници. Воедно можат да добиваат коментари за нивниот изглед, размислувања итн. Секако тоа може да влијае врз сликата за себе која ја има дете, самодовербата, повлекување, депресија  итн.. Може да се жртви на континуирана агресија, што во одредени случаи ги потткнува децата на суцид”-потенцира психологот Зенговска. Никој и никако не смее да “малтретира”  деца на интернет! Сите меѓународни конвенции и законската регулатива според Меѓаши  се  во насока на  заштита на децата од било која форма на насилсво. Важно е истото да се препознае и пријави. Родителите и наставниците се клучни во заштитата на децата на интернет. Родителите како што вели Зенговска, мора да бидат повеќе внимателни како нивните деца го користат интернетот и отворено да разговараат со нив во истакнување на позитивните страни на интернетот, но и во предупредување за потенцијалните ризици кои можат да произлезат од неговото неправилно користење кое често може да се искористи за да се нанесе директна штета на интегритетот на личноста и семејството. Веб страница “Безбедно на интернет” www.crisp.org.mk, содржи голем број корисни информации за децата и тинејџерите, нивните родители и наставници и истата е достапна на македонски, албански и англиски јазик. “Истовремено, потребно е родителите да постават и временско ограничување за времето поминато на интернет во текот на еден ден. Сурфањето на интернет мрежата не треба да ги замени во целост другите важни активности на детето како што се пишувањето домашна работа и други домашни активности, потоа играњето надвор со други деца или поминувањето време со пријателите.Покрај родителите и  наставници треба да се грижат за безбедноста на децата и младите додека се на интернет. Повеќето училишта имаат безбедносни системи кои до некаде ги блокираат несоодветните и штетните содржини од интернет да не допрат до компјутерите во училиштето, но примарна грижа треба да биде надгледување на активностите на децата додека користат интернет во училиште и создавање позитивни навики за користење на интернетот”-додава Зенговска. Родители, наставници, институции-спремни да ги заштитат децата! Користењето на интернет, вели,  им овозможува на децата и младите допир со неадекватни содржини за нивната возраст. Многу често преку можностите за директна комуникација кои ги нуди интернетот, остваруваат разговори со непознати лица на кои целосно им се доверуваат и не ретко прифаќаат и директна средба со нив. Во новото време децата наместо на родителите, за  првите сексуални желби и искуства му се доверуваат на “другарот од интернет мрежата”. Тоа подоцна –нагласува,  може да ги чини многу! “Родителите, наставниците но и институциите  треба да бидат подготвени, пред сè, да им помогнат на децата во правилно градење на нивните навики и култура на интернет-корисници, на начин кој ќе им овозможи непречено користење на благодетите на овој медиум, без ризик! Исто така, наставникот треба секогаш да биде на располагање на ученикот кој искусил некаков проблем или непријатно доживување од неадекватната содржина или непријатниот контакт на интернет и да направи сé што е во негова моќ да го заштити и да му помогне”- вели психологот од Меѓаши. Борбата со компјутерскиот криминал е во рацете на надлежните, но онаа со реалноста на интернет е оставена на информираноста на малолетниците и совеста на оние кои допираат до нивната приватност. Превенирањето, според психологот Зенговска е најдобриот начин на  заштита,  бидејќи никогаш не е премногу,  ниту претешко,  отворено да се зборува за заштита на децата од интернет насилство и да се потикнуваат истото да го пријавуваат.    
Слично

Поврзани вести