Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРНЕТ БИЗНИС: Преку игри до заработувачка!

ИНТЕРНЕТ БИЗНИС: Преку игри до заработувачка!

Приказната за друштвената игра  Cavern Tavern, која успеа да собере над 100 илјади евра преку  групно интернет финансирање,  на младата креаторка и дизајнерка на друштвени игри Ивана Крстевска и го отвори патот кон успехот  во светот на интернет претприемништвото. И додека многумина воопшто и незнаат што значи групно интернет финансирање crowdfunding, младите мозоци со брз чекор освојуваат нови пазари. Со посветеност и темелност,  проектот испланиран до последниот детал на Ивана и нејзиниот тим им   донесе финансиска подршка и поттик за нови идеи. А, нив вели ги има многу.

“Со Краудфандинг моделот младите претприемачи можат да ја реализират сопствената идеја со поддршка од интернет корисниците од целиот свет кои се јавуваат во улога на индивидуални донатори.  Овој модел е иднината на младите претприемачи и претставува алтернативен начин на собирање средства за поддршка на нечија идеја, кој бележи голем и брз раст во светот . Концептот функционира така што поединец, група на луѓе или организации ја поставуваат својата идеја на една од crowdfunding платформите како Кickstarter, Indiegogo, и  луѓето донираат”- објаснува Крстевска.

Крстевска  е ко-сопственик на студиото за дизајн и продукција на друштвени игри Final Frontier Games, и како дел од тимот млади македонски дизајнери, ја постигна најуспешната македонска crowdfunding кампања.

“Идејата за crowdfunding кампања ни се јави уште во 2014 година и тоа конкретно за друштвена игра. Во изминатите неколку години почнавме да посветуваме особено внимание на друштвените игри и да навлегуваме во тој свет. На почетокот беше чисто од забава. Со секоја ново купена игра одново и одново се воодушевуваме на дизајните, на идеиите, на тематиките, на механизмите. Често се случуваше да најдеме некоја мана или пропуст, меѓусебно да разговараме што би промениле и што ние мислиме дека би ја подобрило играта, па така со текот на времето сфативме дека сме способни да осмислиме игра”- вели младата креаторка.

Крстевска објаснува  дека да се работи на crowdfunding проект е исто како и било која друга работа, било кој друг бизнис. Но додава дека не секој проект завршува успешно и затоа идеите не треба да бидат случајни, туку комплетно испланирани.

„ Играта е наменета за лица над 13 години и често ја стават во групата на семејни игри, токму поради тоа што и децата и возрасните можат да ја играат, иако поголемиот број купувачи сепак се возрасни луѓе. Crowdfunding-от налага одредени одлуки, кои мора цврсто и решително да ги донесете и од нив нема отстапки. Ваквите одлуки се однесуваат на изборот на најдобрата платформа, сумата на пари која ви е потребна и детален план за сите чекори од кампањата. Луѓето се скептични и мора да се убедат дека нивните пари одат на сигурно место”- додава Крстевска.

Овој модел како што вели  е еден поинаков пристап на финансирање на проекти и идеи, еден поинаков модел на собирање донации и предпродажба на производи преку користење на специјални интернет платформи.

“Просто кажано crowdfunding-от е собирање средства од поединци, на кои за возрат за одвоените средства ќе им понудите некаква награда. Разликата на овој модел и класичниот модел со средства од донатори-организации е тоа што не мора да давате дел од колачот и да поднесувате детални сметки за сработеното. Она што треба да го направите е да им се заблагодарите и ако сте им ветиле награда да ја доделите. Доброто кај овој начин на финансирање е тоа што ризиците се помали и допирате до директните конзументи. Ако се работи за продукт, како што беше нашиот случај, однапред знаете колкава количина сте продале и колку всушност треба да произведете” – потенцира Крстевска.

Тежината за успех или за пробивање  на глобалниот интеренет пазар зависи од самата идеја. Ако идејата е темелно изградена од прв до последен елемент, шансите за успех вели  се поголеми.

“ Ако поставите проект и чекате сам од себе да се финансира и поддржувачите сами да се појават од некаде, тогаш нема да успеете. Иако конкуренцијата овде, за разлика од другите бизнис модели, е полојална, сепак мора да внимавате и на нивните чекори и да не се доведете во ситуација да се повторувате. Кога некој сака да започне проект преку crowdfunding платформа треба пред сѐ да биде сигурен дека и реално може да ја оствари, да ги пресмета сите трошоци што доаѓаат со неговото остварување и да посвети доволно време во создавање публика која ќе има корист од таа идеја”- нагласува дизајнерката на друштвени игри.

Следниот проект вели  веќе  е закажан за 5 април, повторно на Kickstarter платформата и повторно се работи за друштвена игра – board games. По успешно реализираниот прв проект, сигурни се дека и за сите понатамошни платформи и идеи ќе го користат  овој начин на финансирање. Во Македонија вели Ивана Крстевска сеуште не се знае доволно како да се аплицира и да се искористи можност за интернет финансирањето, а од друга страна сеуште постои и  страв од можен неуспех. Во светот постојат 7 милијарди донатори кои го подржуваат групното финансирање (crowdfunding). Предност на овој модел на финансирање е што не можат да го ограничуваат фондови или донатори, ниту пак, некој да бара дел од профитот, туку луѓето најчесто донираат бидејќи лично се поврзуваат со идејата, или сметаат дека е корисна за општеството. Ваквиот концепт сеуште  не е доволно разработен и препознаен кај нас, додека  на глобално ниво, во 2015 година се генерирани вкупно 34 милијарди долари преку crowdfunding интернет платформите. 

С.Б.

Слично

Поврзани вести