Интересот расте, се бара фискална плус – 150 000 пликови веќе стигнале за наградната игра
Граѓаните заинтересирани за владината лотарија, на ангро се собираат и испраќаат фискални сметки. Наградната игра „Фискална во рака награда без мака“ беше повод денеска министерот за финансии Зоран Ставрески да даде изјава пред пунктот на Државната лотарија на скопскиот плоштад. Досега се испратени над 150 илјади пликови со по 20 фискални сметки, без оглед на нивниот износ.
Првото извлекување е пред Нова Година, а се доделува стан од 52 метри квадратни и дуќан од 30 метри квадратни во Аеродром, потоа ваучери од 3000 до 60 000 денари за апарати за домаќинство, телевизори, велосипеди. Голема добивка е и автомобил пежо 208.
Во текот на наградната игра, информира Ставрески, доделени ќе бидат уште автомобили. Сите граѓани имаат иста можност за добивка, целиот процес ќе биде транспарентен, ветува министерот.
„Преку 150.000 коверти досега пристигнаа на адресата на Државна лотарија, и само во последните денови забележуваме уште поголем интерес или 50.000 плика се испратени во последните неколку дена, а допрва доаѓаате деновите пред Нова Година кога ќе има и зголемен промет. Апелирам до граѓаните да ги искористат можностите и секоја фискална сметка да ја искористат за оваа наградна игра“, изјави Ставрески од пред пунктот каде може да се остават пликовите.
Наградната игра ја зголеми заинтересираноста на граѓаните за собирање фискални сметки, па на шега или вистински, некои граѓани решија да профитираат од фискалните. Во огласите се појави и ваков оглас„Продавам 200 фискални сметки за 200 евра“.
Слично
