Интересна тројка за Карпош, Јакимовски, Куновска, Петров?
Опозицијата вчера одржа митинг во Карпош, општина која, се чини ќе биде најинтересна на претстојните избори, со оглед дека СДСМ таму ќе биде во битка и со актуелниот популарен градоначалник Јакимовски, но и со фаворитот на ВМРО ДПМНЕ Јагнула Куновска.
- Видовме и се уверивме дека се разбуди желбата и инаетот на македонскиот човек и народ да се побуни, да се бори против оваа тиранија и аздисана власт, против овааа диктатура на еден човек. Ве повикувам да не го чекаме септември, да ја завршиме работата многу порано, рече Црвенковски, порача вечерва лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски пред жителите на Карпош.
Црвенковски испрати порака и до довчерашниот сопартиец Јакимовски.
-За каква храброст ни говори кога требаше храброста да ја покаже како колегите во Струмица, Куманово, Охрид, но тој на кукавички начин реши да дезертира, да ни сврти грб, крупен човек, ситна душа, секој човек има и добри и лоши страни, но ако сакаш да си во првите редови, да одлучуваш за народ, тој народ треба да биде сигурен дека нема на пола пат да се тргнеш и да го оставиш. Нашиот кандидат Андреј Петров е човекот кој добро го знаете, еднаш му ја дадовте довербата и тој тогаш ја оправда. Тој со својот минат труд е најсилната гаранција дека Карпош ќе биде напреден и победнички, изјави Црвенковски.
Кампањата на Јакимовски
Претходно кандидатот за градоначалник Стевчо Јакимовски, беше во населбата Злокуќани, каде вети изградба на ресторани , кафе барови, тениско игралиште, кошаркарско игралиште, ергела и фонтана. Тој не зборуваше за СДСМ, туку се насочи кон идните проекти во општината:
-Ова ќе биде едно од најубавите спортски игралишта во Скопје и она што е најбитно, граѓаните ќе имаат пригодно место за дружење,не само од овој дел на Карпош, туку за целото Скопје. Она што е најбитно е дека околу 30-на жители од овој дел од Злокуќани ќе се вработат и ќе бидат работно ангажирани за реализација токму на овој проект, истакна Јакимовски.
Јакимовски, инаку ги обвини своите сопартијци за непринципиелна битка.
„Граѓаните на Општина Карпош, без оглед на партиска, национална или верска припадност, вклучително и симпатизерите и членовите на СДСМ, се единствени околу ставот дека треба Карпош да го одбраниме од кандидатката Јагнула Куновска“, рече Јакимовски, кој одлуката да оди на избори ја донесе, како што рече во интерес на граѓаните на Карпош.
Тој, кога беше донесена, ја поздрави одлуката на опозицијата да оди на избори, како исправна, иако рече тој, подобро ќе беше таа одлука да беше донесена порано, за што самиот се залагал во партијата.
Активности на ВМРО ДПМНЕ
Покривање на отворениот канал за наводнување во Злокуќани, асфалтирање на улицата до православните гробишта, уредување на брегот на реката Вардар од Канал 5 до Хубо маркет како и озеленување на површините околу реката Лепенец, најави носителот на советничката листа на ВМРО ДПМНЕ за општина Карпош, Сашо Лазаревски.
- Како што можете да видите нашите проекти не се само самостојни туку се во соработка со Градот Скопје и Владата на Република Македонија. Таа соработка ќе ја подобриме и продолжиме. Разликата помеѓу Стевче Јакимовски и Андреј Петров и нас е тоа што за нас делата зборуваат. Истото ќе биде и со Карпош, бидејќи и Карпош заслужува да има издржани проекти. Ветуваме дека ќе го подобриме живеењето во секое населено –рече Лазаревски.
Како и да е во Карпош ќе се бие една од најинтересните битки на овие избори.
Слично
