Ќе им пресудат ли граѓаните на фирмите кои не издаваат фискални сметки?
Дека не сите фирми издаваат фискални сметки, потврдуваат купувачите, а при тоа дел од овие дуќани нудат и производи со пониска цена, со што го уриваат бизнисот на оние кои работат легално и ги почитуваат законите.
Не издаваат фискални сметки, но продаваат облека, опрема за мобилни телефони, по ниски цени, даваат фризерски, угостителски или друг вид услуги. Граѓаните се согласуваат дека ваквото работење треба да се искорени во интерес на државата, и со цел сите да бидат еднакви пред законот.
„Некаде даваат, а некаде не ни даваат фискални сметки, и ако им побарам сметка се лутат. Ќе се сврти продавачот лево, десно, ќе види дека нема никој и не дава сметка. Тоа е многу штетно, буџетот се полни од тие пари. Има службеници, но мислам дека не работат како што треба, за да тие бидат казнети“, вели пензионер.
Друг граѓанин раскажува дека обично сметки не даваат малите маалски дуќани. Сепак, граѓаните не се решаваат да ги пријават ваквите дуќанџии кај надлежните и велат дека буквално има цели улици или реони каде сметки не се издаваат и тоа се толерира.
„Има продавници кои не даваат сметки, обично се тоа мали продавници за храна. Јас купувам кај нив, но ретко затоа што обично пазарам во големи маркети. Треба тоа да се спречи. Еден да плаќа, а друг да не плаќа, тоа не е в ред. Ако некој е способен нека отвори дуќан, а ако не може да плаќа даноци, нема да отвора. Службите се виновни за сè“, изјави Лила Крстевска, граѓанин.
Од Управата за јавни приходи велат дека контролите за фискализција ги спроведуваат на основа на донесен Годишен Календарник за планирање и насочување на надворешните контроли.
„Системските анализи преку системот ГПРС, преставките и пријавите коишто се доставуваат до Управата за јавни приходи, се анализираат преку Генералниот даночен инспекторат, односно Одделот за анализа на ризик и посочуваат каде контролите треба да се насочат на дневна, неделна и месечна основа. Тоа подразбира опфаќање на повеќе таргет групи, анализа преку системите и од сите даночни обврзници да се опфатат тие коишто се ризични по критериуми коишто се одредуваат од соодветните служби. Ве известуваме дека во периодот јануари и февруари 2019 спроведени се 268 контроли од коишто 215 контроли се со утврдени неправилности. Со контролите беа опфатени повеќе повеќе региони и области на територијата на цела Република Северна Македонија“, додаваат од УЈП.
На територијата на Скопје, спроведени се контроли во повеќе општини, меѓу кои се општините: Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Аеродром, Карпош, Чаир, Кисела Вода и други, информираат од УЈП.
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека откако ќе почне поврат на ДДВ од 1 јули, самите граѓани ќе станат своевидни инспектори, и ќе инсистираат да земаат фискални сметки.
Тој додаде дека даночната евазија не е од 15% до 25%, туку е 30%, па можеби и повеќе, односно во пари, од милијарда тоа се 300 милиони евра загуба за државата.
Сања Атанасовска