Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНОВАЦИИ: Македонски инженери го сменија лежечкиот полицаец по 110 години

ИНОВАЦИИ: Македонски инженери го сменија лежечкиот полицаец по 110 години

Од пред 110 години, кога е направен првиот во Њу Џерси, до денес кога група ентузијасти создадоа паматен лежечки полицаец немаше промени во формата, функцијата, карактеристиките на овие сообраќајни „полицајци“. И од таа група истомисленици, еден уникатен паметен полицаец е создаден во Македонија. За идејата „smart bumps“разговаравме со Оливер Трифунов од македонскиот иновативен тим Smart Traffic Safety systems (СТСС). Приказната е инспиративна, надежна, позитивна. Паметниот лежечки полицаец е совршен за Скопје оти не загадува, но секако е чекор напред во зголемување на безбедноста - одговора на различни барања, односно различно реагира на различни дозволени брзини, во различни делови од денот, освен кога станува збор за возилата од итните служби.


„Идејата за оваа иновација е од прашањето како да се избегне незадоволството од лежечките полицајци, а да се задржат и унапредат нивните предности, а тоа се спасувањето на животи. По финализација на концептот и дизајнот и со помош на денешната технологија се изработи и првиот прототип. Идејата беше препознаена и признаена секаде каде што беше презентирана. За тоа говорат и многуте награди и признанија кои ги имаме добиено, меѓу кои и прва награда, златен медал со ликот на Никола Тесла од Сојузот на пронаоѓачи на Белград, златен медал во Русија и сребрен медал на TIE – Taiwan Innotech Expo, еден од најголемите светски саеми за иновации. Исто така добитници сме и на наградата „Патент на годината“. Сето тоа ни беше потврда дека сме на вистинскиот пат, вели Трифунов.

Приказната почнала, а како и секоја друга иновација и паметниот лежечки полицаец имал свои предизвици. Како ќе работи во реални услови, како да се усоврши, да се обезбедат пари идејата да стане реалност. Во меѓувреме, почнала и „битката“ на светот да му се укаже дека досегашните лежечки полицајци се големи загадувачи. Труфунов вели дека иако не трошат енергија, загадуваат затоа што при нагло кочење и повторно забрзување испуштаат Ц02 во воздухот. И тоа многу. Имено според пресметките кои се навистина фрапантни, просечен лежечки полицаец има емисија на CO2 (CO2 footprint) од над 20 тони годишно.


По создавањето на првите прототипа тие биле и поставени на улиците за тестирање во реални услови. Навидум невозможната мисија, каква што ја мислеле, оваа работа станувала достижен проект, па овие скопјани имале и дополнителен мотив со уште подобри решенија да ги решаваат попатните проблеми.

Моментно се изработува и тестира новиот подобрен модел паметен лежечки полицаец. Еден е поставен во општина Кисела Вода на улицата кај средното економско училиште кој што ги поминува последните тестирања и веќе е подготвен за употреба. Другиот е поставен во општина Карпош на улицата до основното училиште Вера Циривири – Трена кој што е во завршна фаза на тестирање. Слични производи има и во светот но секој е уникатен на свој начин, особено во иновативноста и начинот на работа.

„Интересот за нашиот паметен лежечки полицаец е навистина голем. Не само кај нас туку и надвор од нашата држава, секаде каде што сме ја презентирале нашата идеја. Тоа ни дава поголема мотивација да продолжиме да го развиваме нашиот производ, а со тоа и нашата компанија. Веќе во следната фаза почнуваме со  комерцијализација на нашиот производ. Очекуваме соработкасо локалната самоуправа, потенцијален пазар ни е ЕУ, Блискиот Исток. Посебно интересен и се поприсутен е концептот на Smart Cities во кој што нашиот производ би имал соодветно место, вели Трифунов.


Во тимот, вели тој се неколку искусни инженери со комплементарни профили, односно машински и електро инженери, но приказната немало да е успешна ако немало и подржувачи и соработници. За паметниот лежечки полицаец тие добија и помош од Фондот за иновации и технолошки развој, институција која за жал е единствена од ваков вид во земјава.

„Од Фондот за иновации добивме финансиска помош, која секако ни помогна во изработка на прототиповите. За жал во Македонија екосистемот за поддршка на стартап компании можам да кажам дека е реално непостоечки, така да ФИТР е практично единствен сериозен играч кој се обидува да го заживее овој многу важен сегмент. Воедно преку Фондот ни се обезбедени и повеќе обуки и контакти со експерти од странство, кои ни помагаат и со кои секогаш е добредојдена размената на искуства. Тимот на Фондот е многу посветен, професионален и полн со ентузијазам, вели Трифунов.

Неговата и амбицијата на соработниците дефинитивно води кон успешна приказна.

А.Т.


Слично

Поврзани вести