Иницијатива за зачувување на стариот лик на ГТЦ
Граѓаните ќе може да го дигнат својот глас и да ја поддржат кампањата против барокот на Градскиот трговски центар. Иницијативата "Го сакам ГТЦ" постави штанд на улицата "Македонија" кон плоштадот, каде граѓаните со својот потпис ќе може да го искажат својот став по однос на ова прашање.
„На штандот предвидено е да има различни домаќини - архитекти, активисти, јавни личности, а секоја добронамерна поддршка ќе биде добредојдена“,соопштија од иницијативата.
Досега на пултот на "Македонија" им се придружија активистката Катерина Маневска-Христовска, директорката на Хелсиншки комитет, Уранија Пировска, архитектот Петар Ѓорѓевиќ, членови од Асоцијација на архитекти и поголем број уметници.
Пултот кој е поставен со цел да ги информира граѓаните за своите заложби против барокниот изглед на ГТЦ ќе биде отворен секој ден освен недела, од 14 до 21 часот.
Сите граѓани ќе можат да се потпишат и да остават јасна порака против менувањето на изгледот на центарот.
На 28 декември предвидено е да се одржи протестна предновогодишна забава "Во Новата година со стариот ГТЦ", а ќе биде формиран и жив ѕид околу центарот.
Слично
