Инфраструктурата во Македонија пресудна за инвеститорите
Поголеми инвестиции во патната и железничката инфраструктура во Македонија, подобрување на конкурентноста и зголемување на протокот на стоки преку царински и административни олеснувања- се дел од барањата што ги посочија домашните и странските бизнисмени за оваа година.
На денешното одбележување на деведесет и третиот роденден на Стопанската комора на Македонија, беа присутни бизнисмени од 10 земји кои велат дека со заеднички напори ќе ја подобруваат конкурентноста, која според нив е услов за подолгорочен економски раст и развој на секоја земја.
„Покрај продолжување на инвестициите во транспортната инфраструктура и подобри логистички перформанси, потребно е сето тоа во нашиот регион да се подобри за да се зајакне вкупното економско работење и резултати“, нагласи Рифат Хисарчиклиоглу, потпретседател на Европската стопанска комора.
Министерот за финансии Зоран Ставрески, рече дека инвестициите во инфраструктурата се високо на владината агенда и најави нови задолжувања од меѓународните финансиски институции, за изградба на патни делници и железница за поврзување со Бугарија и Албанија.
Министерот Ставрески, освен што официјално им се обрати на присутните и ја прими наградата за Министерството за финансии, за најдобра институција која соработувала со Стопанската комора, не даде дополнителна изјава за медиумите.
Слично
