Информатичари, правници, банкари, пилоти – најплатени професии во Македонија
Во телекомуникацискиот, правниот, банкарскиот и воздухопловниот сектор се заработувало најдобро во Македонија во изминатата година, додека кожарската и текстилната индустрија се најниско платени, покажуваат статистичките податоци.
Во секторот правни и сметководствени дејности, висината на просечниот личен доход достигнала 41.476 денари што е за 20.229 денари повеќе од просечно исплатената плата во Македонија, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Над просекот се и платите исплатени во телекомуникацискиот сектор со 38.951 денари, воздухопловниот сектор со 38.701 денар и финансиските и услужни дејности, освен осигурување и пензиските фондови со 37.720 денари.
Мажите и натаму полесно наоѓаат работа и се подобро платени од жените, а лицата со завршено високо и вишо образование се значително подобро позиционирани на пазарот на трудот, отколку оние со основно и средно образование, покажуваат податоците. Најголем дел од невработените се лица со средно образование.
Во споредба со останатите земји од регионот, жителите на Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина се подобро платени, додека Албанците и Србите заедно со Македонците имаат најниски плати.
Од земјите во светот, највисока плата имаат жителите на Швајцарија, а по нив следуваат Норвешка, Луксембург, Австралија, Катар, Данска, САД, Шведска, Јапонија и Финска.
Слично
