Инфлацијата во Турција уште е висока, во еден сектор цените скокнаа за 50 отсто
Инфлацијата во Турција се искачи на 32,6 проценти во мај.
Највисок пораст на цените е забележан во образованието, додека турските власти велат дека инфлаторниот тренд останува под контрола.
Годишната стапка на инфлација во Турција достигна 32,6 проценти во мај, додека месечниот раст на потрошувачките цени изнесуваше 1,7 проценти, според податоците кои денеска ги објави Турскиот институт за статистика (Туркстат).
Податоците малку ги надминаа очекувањата на економистите, кои во анкетата на агенцијата Анадолу проценија дека месечната инфлација ќе изнесува 1,6 проценти, додека годишната стапка требаше да биде 32,5 проценти.
Меѓу главните категории на потрошувачка, најголемо годишно зголемување на цените е забележано во образованието, каде што трошоците се зголемија за 50 проценти, објавува „Хуријет“.
Спротивно на тоа, најмал раст е регистриран во категоријата облека и обувки, со стапка од 14,08 проценти. Растот на цените се забрза кај храната и безалкохолните пијалоци, каде што инфлацијата достигна 34,9 проценти, во споредба со 34,5 проценти во април.
Инфлацијата малку забави во сегментот на домување, на 45,6 проценти од претходните 46,6 проценти, како и во транспортот, каде што изнесуваше 34,3 проценти во споредба со 35,1 процент еден месец претходно.
