ИНФЛАЦИЈАТА СО НОВ РАСТ ОД 4,5 ПРОЦЕНТИ - на месечна основа има благо намалување
Инфлацијата во Македонија, мерена преку индексот на трошоци на живот во октомври 2025 година во однос на истиот месец 2024 година бележи раст од 4,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.
- Индексот на трошоците на животот во октомври 2025 година, во однос на октомври 2024 година, бележи зголемување од 4,5 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,8 проценти - се посочува во објавата.
Од ДЗС инфомраат дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во октомври 2025 година, во однос на септември 2025 година, изнесува - 0,2 отсто.
- Намалувањето на инфлацијата во октомври 2025 година, во однос на септември 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 6,1 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,3 проценти, Образование и Рекреација и култура за 0,1 отсто.
Во октомври 2025 година, во однос на септември 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, Облека и обувки за 1,2 отсто, Комуникации, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3 проценти, Домување, вода, електрика, гас и други горива, Ресторани и хотели за 0,2 отсто и Здравје за 0,1 процент - соопштува ДЗС.
Трошоците на животот во групата Разновидни стоки и услуги остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во октомври 2025 година, во однос на септември 2025 година, изнесува 98.7.
