Инфлацијата ја „тресе“ Данска - што најмногу поскапе?
Годишната инфлација во Данска се зголеми во јули од јунските 1,9 проценти на 2,3 проценти и сега е највисока од август 2023 година, објави денеска данскиот завод за статистика.
Како што е наведено, цените на прехранбените производи и безалкохолните пијалаци во Данска се зголемија за 6,5 проценти на годишно ниво во јули, трошоците за домување и комунални услуги за 2,4 проценти, како и во комуникацискиот сектор за 3,8 проценти и рекреацијата и културата за 4,2 проценти, што во сите споменати случаи претставува забрзување во споредба со јуни.
На месечна основа, потрошувачките цени во Данска се зголемија за 1,5 проценти во јули, со значително побрзо темпо од јунските 0,2 проценти.
Годишната базна стапка на инфлација во Данска за јули е 2,2 проценти, што е највисока од јануари 2024 година.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) прогнозира дека данската економија, по силниот раст од 3,7 проценти минатата година, ќе забави на три проценти во 2025 година и на 1,5 проценти во 2026 година.
Данското Министерство за економија очекува економскиот раст на крајот на 2025 година да изнесува 2,9 проценти, првенствено поради зајакнувањето на фармацевтската индустрија, особено на „Ново Нордиск“.foto freepik.com
