Инфлацијата галопирала и во јуни, Мицкоски вели дека поскапувањата се поради производителите
Инфлацијата во јуни во однос на истиот месец лани бележи зголемување од 4,5 отсто, а во првите шест месеци од 2025 во однос на првата половина од 2024 таа е зголемена за 3,8 проценти.
Претходно министерот за економија Бесар Дурмиши најави преземање мерки ако таа е повисока од 4 отсто, а денеска премиерот Христијан Мицкоски го потврди загрижувачкиот податок и најави одлуки за кои ќе се разговара во текот на денот.
Премиерот рече дека разговарал со неколку економски професори и заклучокот бил дека инфлацијата не лежи кај дистрибуцијата и продажбата, туку кај произведувачите на храна и други продукти.
- Дадов инструкции да спровериме еден параметар кој можеби го потценуваме, а тоа е анализа на базичната инфлација. Цениме дека од таму извира оваа инфлација, а истовремено и од инфлацијата на ниво на услуги. Така што многу скорто денеска ќе излезе со информација дали ќе има мерки или тоа ќе биде некое друго ограничување, рече Мицкоски.
Тој додаде дека иделано во оваа ситуација би било ако инфлацијата на годишно ниво до крјаот на 2026 се спушти на ниво од под 3 проценти.
- Мерките треба да бидат таргетирани и прецизни, а не такви кои ќе предизвикаат стихија. Затоа тука не е потреба политика, туку научна анализа во делот на креирање на мерките, додаде Мицкоски.
