ИНДУСТРИЈАТА ВО РИКВЕРЦ, производството се намалува трет месец по ред
Намалување на индустриското производство бележи статистика во месец ноември 2022 година од 3,7 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека намалување има и во периодот јануари - неомври 2022 година во спроедба со истиот период минатата година, но тука разликата не е толку голема.
- Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2022 година, во однос на ноември 2021 година, бележи опаѓање од 4,7 проценти, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 5,6 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 15,6 проценти - се посочува во анализата на ДЗС.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, според ДЗС пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на метали, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
- Според главните индустриски групи, производството во ноември 2022 година, во однос на ноември 2021 година, бележи опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 9,5 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,8 проценти, додека бележи пораст кај Енергија за 9,2 отсто, Капитални производи за 1,7 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 0,3 отсто - се појаснува во соопштението на ДЗС.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – ноември 2022 година, во однос на периодот јануари – ноември 2021 година, изнесува 99.9.
Податоците на ДЗС покажуваат дека пад кај индустриското производство има во последните три месеци. Во текот на октомври падот на индустриското производство беше 5,3 проценти во спроедба со истиот период минатата година. Додека пак во септември падот изнесуваше само 0,5 отсто.
