Индиски компании ќе го освојуваат европскиот пазар преку Македонија
Владина делегација на чело со премиерот Груевски денеска присуствуваа на бизнис форум во градот Џајпур, Република Индија каде ги презентирале можностите за инвестирање и водење на бизнис во Република Македонија, соопштуваат од кабинетот на премиерот.
Овој бизнис форму се одржува во о соработка со Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора во Индија.
Премиерот Груевски изјавил дека Владата е фокусирана кон реализација на мерки за унапредување на економијата и кон овозможување на добра бизнис клима за што се преземаат бројни реформи, при што ги истакна и позитивните макроекономски индикатори.
Она што е важно за Македонија е тоа што поседува стабилна макроекономска ситуација, и инфлацијата е ниска, и поседува стабилна валута. Тоа е голема предност и овозможува сигурност за компаниите и оние кои сакаат да вложуваат, изјавил Груевски.
Посочил дека паралелно со реформите во економијата се вложува значително во развојот на информатичките технологии и во сите сегменти, а Владата организира бесплатни обуки за секој во државата кој сака да користи компјутери.
Премиерот истакнал дека она што може да се понуди како потенцијал се и туристичките зони во кои може да се изградат хотели и туристички капацитети, и каде што постојат истите услови како и во слободните економски зони, даночни поволности, и земјиште кое се продава по почетната цена од 1 евро за еден метар квадратен. Се осврна и на договорите за слободна трговија кои ги има потпишано нашата земја со што се обезбедува поголем пазар.
Министерот Џери Наумоф пак во своето обраќање истакнал дека индиските компании треба да ја посетат нашата земја и да се уверат во добрите услови за водење на бизнис.
Сопственикот на ланецот компании Солемн, Сјам Тандон, кој поседува повеќе бизниси од индустријата со метали и прехранбената индустрија даде позитивна оценка за можностите кои ги нуди нашата земја за странските инвеститори.
Ја видовме презентацијата на премиерот Груевски, даночната политика и олеснувањата, како и отвореноста кон странските инвеститори се добра можност за индиските компании и инвеститори да се поврзат и да ја искористат можноста Македонија да биде порта на инвеститорите. Индија се отвори за американскиот пазар минатата година и мислам дека треба тоа да го направиме и со Европа, а Македонија е вистинската порта за тоа, изјавил Тандон.
