Индијците бараат затвор за Субрата Рој, ќе извисат ли македонските инвестиции?
И додека сметките на индискиот милијардер остануваат замрзнати, од македонската Влада не го менуваат ставот дека индиската инвестиција во земјава непречено ќе продолжи. Оттаму уште минатиот месец беше соопштено дека Рој ги исплатил обврските кои ги побаруваше СЕБИ и како што уверувала неговата компанија сите домашни и меѓународни проекти продолжуваат без какви било последици.
„Во изминативе десетина дена бевме во постојан контакт со највисоките претставници на Сахара. Од таму ни беше потврдено дека нивниот интерес и активности поврзани со проектите во Македонија на никој начин не се афектирани и работата продолжува непречено. Оваа нивна определба за сите домашни и меѓународни проекти е истакната и во официјалното соопштение објавено од страна на Сахара“, изјави тогаш директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.
Субрата Рој македонската јавност го запозна како инвеститор кој двапати ја посети земјава и вети изградба на монденски туристички центар на Охридското Езеро, кај Љубаниште, потоа изградба на споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје и големи вложувања во земјоделскиот сектор на Македонија.
