Економија, финансии, бизнис

Контакт

Индепендент анализира: СИРИЗА може да ја сруши Еврозоната!

Индепендент анализира: СИРИЗА може да ја сруши Еврозоната!

Лидерот на грчката партија СИРИЗА, Алексис Ципрас е „грчкиот Хари Потер кој може да ја сруши Еврозоната“, пишува британски Independent, пренесува Б92нет.

Поранешниот комунист и посветен лидер во борбата против мерките за штедење, може радикално да ја промени Европа, оценува британскиот весник. Споредбите со популарниот книжевен и филмски лик, магионичарот Хари Патер, на адреса на Ципрас дојдоа од страна на актуелниот грчки вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, поради тоа што според него, лидерот на СИРИЗА „давал фантастични ветувања кои не може да ги исполни“.

Момче фантазаер

 „Ципрас ветува рај на земјата без жртвувања, враќање на благосостојбата на некој магичен начин, како да е Хари Потер“, била изјавата на Венизелос, кој додал дека адутот на СИРИЗА на претстојните предвремени парламентарни избори е во тоа што Ципрас никогаш не бил на власт и не е одговорен за финансиската криза.

„Технички, долгот е одржлив, ние плаќаме за 40 проценти помали камати отколку во 2010 година. И ова е точката на несогласување со СИРИЗА, која тврди дека долгот е неодржлив поради тоа што Грција нема да може никогаш да го врати“, потенцирал Венизелос, потсетувајќи дека „проблемите остануваат и молат да бидат решени“.

Во предизборната кампања Ципрас ветува дека ќе престане со мерките за штедење кои и се наметнати на Грција, и многумина стравуваат дека тој ќе одбие да го врати долгот од 240 милијарди евра кои Грција им ги должи на меѓународните кредитори.

Брисел е нервозен

„Штедењето не е дел од европските договори, а демократија и принципот на суверенитетот се“, порачал Ципрас.

Во колумна за Financial Times, тој навел дека „владата на СИРИЗА ќе ги почитува обврските на Грција како членка на Еврозоната, односно буџетот да остане балансиран и ќе се посвети на квантитативните цели“.

Генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард, пак, ја предупреди Грција, која се обидува да се спогоди околу долгот, дека „заедничките потфати се добредојдени, но истовремено долгот си е долг и тој се наоѓа во договорот“.

Според последните анкети во Грција, се проценува дека СИРИЗА ќе освои 35 проценти од гласовите, што е значајно повеќе од десно ориентираната и владејачка партија Нова Демократија, која би требало да освои 31 процент.

Ветувајќи зголемување на минималната плата, потоа поефтинување на храната и струјата, како и нови 300 илјади работни места, Ципрас стана неверојатно популарен во Грција, која во моментов се бори со сиромаштијата. Околу една четвртина од грчкото население е невработено, а повеќе од 200 илјади Грци ја напуштија земјата по почетокот на финансиската криза во 2010 година.

Предвремените парламентарни избори ќе се одржат во недела, откако грчкиот Парламент во декември не успеа да избере нов претседател на државата, што значеше и распишување на нови парламентарни избори.

Слично

Поврзани вести