Имотот на А1 Телевизија во рацете на НЛБ Тутунска Банка!
Од утринава започна постапката за примопредавање на имотот на некогашната А1 Телевзија во рацете на доверителот НЛБ Тутунска Банка. Тимови составени од преставници на банката, извршители, проценители, геометри, претставници на стечајниот управник заедно со полициска логистика го започнаа процесот на предавање, односно преземање на движен и недвижен имот на оваа некогашна телевизија.
“Станува забор за преземање на имот по основ на кредитен долг. Банката треба да наплати 1,6 милиони евра. Постапката практично значи дека имотот од рацете на стечајниот управник оди кај НЛБ Тутунска Банка. Според првичните сознанија, вклучени се објектите, дворното место, како и движниот имот во телевизијата.ж“ – велат за “Фактор“ извори што се инволвирани во постапката.
Објаснуваат дека од денеска, започнува и работата за геометрите и за проценителите. Едните треба да направат идентификација и мерење на објектите и локацијата, а другите да ја утврдат вредноста на имотот, по што ќе се направи и целосен извештај. Извори за “Фактор“ се сомневаат дека вредноста на објектите ќе биде доволна банката да го подмири целото побарување.
Постапката за предавање на А1 Телевизија ќе значи дури и замена на бравите на вратите во објектите – велат нашите извори. Операцијата се спроведува со полициска асистенција бидејќи така налагаат законите а не затоа што се очекуваат проблеми, велат тие.
Откако почнала стечајаната постапка, никој од доверител не можел да ги наплати своите побарувања. НЛБ Тутунска Банка ја почнала постапката за наплата околу еден месец пред почетокот на стечајот, но била времено стопирана поради стечајната постапка. Банката, објаснуваат познавачите, предметот го даде на изршители, по што сега се спроведува постапка за наплата на хипотекарен долг.
Стечајната постапка во некогашната водечка телевизија почна на 26 јули, а на почетокот на 2012 та година стечајниот управник Ацо Петров предложи ликвидација на фирмата. Во текот на постапката Петров призна 60% од побарувањата на доверителите во вредност од 23 милиони евра.
