Името и економијата: Нимиц со нов предлог, од двете страни молк
Премиерот Никола Груевски потврди дека медијаторот за името, Метју Нимиц, на средбата со македонскиот и со грчкиот преставник во Њујорк дал нов предлог за билатерална употреба.
„Вчера добивме нови идеи од медијаторот Нимиц за името, но нема да ги коментирам сега, за да не се наруши процесот што го води медијаторот. Кога ќе дојде во посериозна фаза на разгледување, ќе ја информираме јавноста“ рече денеска Груевски.
Завчера во Њујорк, посредникот Нимиц рече дека станува збор за негово ново мислење. Тој се надева дека и двете страни ќе пронајдат позитивни елементи.
„Ги замолив амбасадорите Јолевски и Василакис да им ги пренесат на нивните влади предлозите, за кои чинам дека се конкретни. Се надевам дека двете страни ќе се посветат на изнаоѓање решенија", изјави тој.
Предлогот за името е „Горна Република Македонија“?
Во своите вчерашни изданија грчките весници известија дека неофицијално предлогот на медијаторот Нимиц е името „Горна Република Македонија“ за кое побарал да се изјаснат властите во Атина и Скопје.
Според грчките медиуми географската одредница е пред терминот Република, а не пред Македонија. Грчките медиуми исто така пишуваат дека грчките власти се загрижени од ваквиот развој на настаните, а не ја исклучуваат можноста овој предлог да биде одбиен од нивна страна.
Официјална Атина сеуште молчи.
Името контра економијата?
Спорот со името има големи импликации врз македонската економија главно преку нејзината исклученост од европските финансиси институции, посочуваат познавачите на состојбите.
Пред само неколку дена и претседателката на Управниот одбор на Охридска банка – Сосиете Женерал, Јитка Пантучкова истакна дека Македонија се справува добро со економската криза, но се бори со отежнатиот пристап до меѓународните институции.
„Причината е досега нерешениот спор за името на земјата, бидејќи северната провинција на Грција го носи името Централна Македонија и за Грците е неприфатливо соседна земји да има речиси исто име – Република Македонија. Затоа, мора Македонија официјално да го користи името ФИРОМ – Поранешна Југословенска Република Македонија, објаснува Пантучкова во интервју за економскиот весник Е-15, дел од изданието на „Млада Фронта Днес“.
Слично
