Економија, финансии, бизнис

Контакт

Имаме способни наставници и млади луѓе, но треба да ги задржиме во Македонија

Имаме способни наставници и млади луѓе, но треба да ги задржиме во Македонија
Следењето на учениците по излегување од училишните клупи е нешто што бара значителни ресурси и капацитети, но пак резултатите и добиените информации од следењето даваат огромен придонес кон оценувањето на успешноста на една реформа и определувањето на следните чекори. Сметам дека овој пристап треба повеќе да се практикува кај нас, вели во интервју за Фактор Мимоза Анастоска-Јанкуловска – експерт за образование, вклучена во ФРАМЕ програмата на ЕУ, програма за промоција на одржлив развој во сферата на образованието.Човечките капацитети, наставниот кадар, но и способните млади луѓе се наша јака страна, но треба да најдеме начин да ги задржиме во државата и по нивното завршување на образованието, вели Анастоска-Јанкуловска. Изминатиов период бевте активно вклучена во ФРАМЕ програмата на ЕУ, која е насочена кон подобрување на образовните процеси. Какво беше вашето искуство? Сеопфатната цел на ФРАМЕ програмата е промоција на одржлив економски развој и социјална кохезија од среднорочна до долгорочна перспектива. Оваа програма е реализирана со поддршка на Европската Тренинг Фондација (ЕТФ), ЕУ институција која обезбедува значителна поддршка во сферата на образованието во регионот, а секако и во Македонија. ФРАМЕ програмата е иницијатива на ЕУ за подобро планирање на целите и активности за нивно остварување. Овој начин на работа опфаќа скенирање на моменталната состојба, оформување на различни сценарија за развој, оценка на постоечките човечки и институционалните капацитети. Активностите во ФРАМЕ програмата се групирани во четири компоненти: предвидување или прогнозирање, преглед на институционалната поставеност, следење и мониторинг и регионална соработка. Во рамките на првата компонента - предвидување или прогнозирање, се определува која е визијата за одреден временски период. Вклучувањето на голем број на актери/заинтересирани страни ја прави таа визија пореална и во секој случај подостижна. Определувањето на визијата не е само врз основа на желбите, туку и врз основа на анализа на моменталната ситација и трендовите во државата, регионот и светот. Следниот чекор е определување на патеката како да се достигне таа визија. Патеката се определува со дефинирање на активности, потребни ресурси и временска рамка и очекувани резултати. Од сите идентификувани активности се определуваат приоритети на дејствување. Целата оваа прва компонента се фокусира на вештините кои сакаме да ги достигнеме во дефинираната визија и дава одговор на следното прашање: Кои вештини треба да ги развиваме во определениот период (во случајот на овој проект 2020 година) и како истите би се генерирале со образовниот систем и обуките? Втората компонента ги разгледува институциите и нивните можности и потреби за развивање на дефинираните вештини во определениот период. Се прави преглед на постоечките капацитети и ресурси, но и идните потреби. Третата компонента е мониторинг на целокупниот процес на достигнување на визијата. Мониторингот треба да се планира и спроведува од самиот почеток уште пред дефинирање на визијата. Регионалната компонента може во многу да помогне бидејќи секој регион во светот има свои сличности, искуства кои може да се споделуваат и да учат еден од друг. Сите овие активности за прв пат беа реализирани во ваков облик во Република Македонија со поддршка на ЕТФ и меѓународни експерти. Колку македонскиот образовен систем е прилагоден на европскиот? Или колку тој е креиран според општествените потреби? Секоја европска држава има свој сопствен образовен систем, така што не може да се зборува за еден европски образовен систем.  Главна одлика што ги карактеризира европските системи е дека тие се стремат да имаат краток период на одговарање на барањата на соодветниот пазар на труд. Голем дел од европските образовни системи се во многу тесна врска и постојана соработка со работодавачите и на тој начин добиваат информации што е тоа што им е потребно на работодавачите. Успешното образованието треба да има постојан дијалог со работодавачите и да ги вклучува што повеќе во планирањето и оценувањето на образовните резултати. Но, за да се оствари ваква врска потребна е оспособеност и на работодавачите за да можат да ги препознаат, формулираат па дури и предвидат своите идни потреби на подолги патеки, а не само краткорочно. Како го коментирате податокот дека само 3.6% од возрасните во Македонија се дел од процесот на образование, а во ЕУ тој е 10.7%. Во ЕУ потребата од враќање на сите во процесот на образование е сфатена многу широко: секому е потребно доусовршување кое може да биде од најразличен карактер - во формално образование, но и неформални средби и предавања, па и обична размена на искуства и идеи низ секојдневни дискусии. Во Македонија сеуште сме во почетна фаза од воспоставување на системот за образование на возрасни. Веќе постојат лиценцирани програми и провајдери, но не во доволен број. Истовремено, треба да се подигне свеста на возрасните за потребите од постојано професионално, па и лично, усовршување. Дури кога поголем дел од населението ќе ја сфатат оваа потреба ќе имаме добар процент на возрасни кои го продолжуваат своето усовршување на било каков начин. Можеби добро ќе дојде и кампања за јакнење на свеста за можностите и потребите од постојано професионално и лично усовршување. Кај нас постојат и  два интересни феномени, висок процент на високо образовани лица, и висок процент на крајно необразовани лица, нешто што значи и неискористување на можностите и потенцијалите. Како може да се смени овој образовен дисбаланс? Да, тоа е интересен феномен. Треба да се фокусираме на промоција на концептот на доживотно учење и образование на возрасни. Веќе не е возможно со завршен степен на образование (независно колку е високо или не) да имаме работа, на исто работно место, во текот на цел работен век. Сè повеке млади и кај нас и во светот менуваат барем по неколку професии до својата 30та година, а се очекува дека и понатаму во својот работен век ќе сменат уште повеќе заради брзите промени во секоја сфера на работењето. Оние што денес се здобиваат со највисок степен на образование, веќе по 10 години ќе имаат застарени информации ако не продолжат со сопствено усовршување. Потребата од доусовршување е иста и за оние со нецелосно оформено образование, но и за оние со стекната диплома. Колку порано го сфатиме ова и го прилагодиме нашиот менталитет кон постојано образование и усовршување толку побрзо ќе имаме успех и на економски план како држава. Како експерт за образование, каде ги гледате силните а каде слабите точки на нашиот образовен систем? Единствена постојана работа во светот е потребата од промена. Нормално дека промени се потребни и во образовните системи. Слаба  точка кај нас е тоа што имаме премногу промени и реформи во образованието, а недоволно време е оставено да се видат и оценат резултатите од тие промени. Секоја реформа, независно колку  е мала или голема, треба да почне со фаза на пилотирање во мал број на училишта, каде ќе се провери што е тоа што функционира, а што треба да се менува пред да се примени врз целата популација во државата. Откако ќе се реализира реформата треба да се оцени нејзината успешност според претходно дефинирани критериуми. Следењето на учениците по излегување од училишните клупи е нешто што бара значителни ресурси и капацитети, но пак резултатите и добиените информации од следењето даваат огромен придонес кон оценувањето на успешноста на една реформа и определувањето на следните чекори. Сметам дека овој пристап треба повеќе да се практикува кај нас. Во многуте реформи во образованието се реализираа и голем број на различни обуки на наставниците од сите основни и средни училишта. Слободно може да се каже дека наставниците се единствената категорија во Република Македонија која го има сфатено значењето на постојаното усовршување и има учествувано во најразлични обуки. Овој потенцијал треба да продолжи да се гради, но и да се искористува со понатамошно ширење (дисеминација) на стекнатите знаења и следење на примената на новите знаења и пристапи во професионалниот живот. Други силни точки во Македонија се дека имаме голем број добро изработени стратегии во различни сфери и сектори. Воведувањето на компјутерите во образованието и значителната софтверска поддршка по поодделни предмети отвораат огромни можности за македонскиот образовен систем кои што ги немаат многу развиени држави. Човечките капацитети, наставниот кадар, но и способните млади луѓе се наша јака страна, но треба да најдеме начин да ги задржиме во државата и по нивното завршување на образованието. Кои се следните чекори кои треба да се преземат во Македонија, како резултат на заклучоците од ФРАМЕ програмата на ЕУ? Придобивките од ФРАМЕ програмата се бројни. Најпрво, треба да се продолжи со реализирање на определената патека за достигнување на визијата и мониторинг на добиените резултати од направената анализа со голем број на вклучени актери/заинтересирани страни. Исто така, многу важно е дека во Македонија веќе постои капацитет за реализирање на процесот на предвидување/прогнозирање (Foresight). Искуството кое се доби со програмата ФРАМЕ е искуство кое може да се применува универзално во секој сектор и меѓу секторски, на институционално ниво или пак на оперативно ниво на пазарот на труд. Тоа е она кое што е потребно да се продолжи, да се пренесе ова искуство што пошироко и да се применува при понатамошните планирања. Во секој случај, станува збор за комплексен пристап кој инвестираните време и енергија во него многукратко ќе ги оправда во текот на реализацијата и по неа.
Слично

Поврзани вести