Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Имаме доволно за два до три месеци“: Дубаи на раб на колапс, некогаш преполн со туристи сега ги затвора рестораните - работниците во паника

„Имаме доволно за два до три месеци“: Дубаи на раб на колапс, некогаш преполн со туристи сега ги затвора рестораните - работниците во паника

Војната на Блискиот Исток силно го погоди Дубаи, туризмот е во остар пад, хотелите и рестораните остануваат празни, а компаниите се борат да преживеат.

Дубаи, еден од најпосетуваните градови во светот со речиси 19,6 милиони странски туристи минатата година, се соочува со сериозен пад на туризмот поради војната меѓу САД, Израел и Иран, а последиците веќе ги чувствува целата економија, пишува Би-Би-Си.

Сопственици на ресторани на работ на опстанок

Рестораните што некогаш беа полни сега се празни. За Наташа Сидерис, која го отвори својот прв ресторан во 2014 година, ситуацијата драстично се промени. Нејзината компанија „Ташас“, која сега има 14 ресторани и повеќе од 1.000 вработени, бележи огромен пад на приходите.

Според неа, прометот во некои ресторани опаднал за повеќе од 50 проценти, додека оние што зависат од туристите бележат пад до 80 проценти. Поради кризата, таа била принудена да ја намали платата за 30 проценти за да избегне отпуштања.

Слична е ситуацијата и во другите синџири - посетеноста паднала на само 15 до 20 проценти, а многу работници се испратени на неплатен одмор, додека некои објекти се привремено затворени.

Туризмот и воздушниот сообраќај во колапс

Кризата не ги погоди само рестораните - целиот туристички сектор е под притисок. Дубаи, кој помина децении градејќи го својот имиџ како глобална туристичка дестинација, сега се соочува со нагло намалување на пристигнувањата.

Конфликтот што започна кон крајот на февруари доведе до сериозни прекини во воздушниот сообраќај. Десетици илјади туристи беа заробени во првите недели од војната, додека илјадници летови беа откажани.

Меѓународниот аеродром во Дубаи, најпрометниот во светот за меѓународни патници, минатата година опслужи повеќе од 95 милиони луѓе. Националната авиокомпанија Емирати моментално работи со намален распоред.

Хотелите се празни, цените паѓаат

Со заминувањето на туристите, пополнетоста на хотелите падна на само 15 до 20 проценти од нормалното ниво. Хотелите се обидоа да ги привлечат гостите со големи попусти, со цени намалени до 50 проценти во луксузните објекти на Палм Џумеира.

Некои хотели привремено затворија делови од своите објекти, додека стапките на пополнетост во некои паднаа на едноцифрени проценти.

Работниците се плашат од отпуштања

Тежинот на кризата го почувствуваа странските работници, 'рбетот на угостителската индустрија. Многумина ги загубија своите работни места со полно работно време или беа испратени на неплатен одмор.

„Чувствуваме дека пандемијата се врати“, вели еден келнер, плашејќи се од губење на работата и од потребата да се вратат дома.

Големи загуби и неизвесна иднина

Според аналитичарите, регионот би можел да изгуби помеѓу 23 и 38 милиони туристи оваа година, со пад на приходите од 34 милијарди до 56 милијарди долари.

Властите во Дубаи објавија пакет економска помош вреден околу 272 милиони долари, вклучително и одложување на одредени хотелски даноци.

Сепак, иднината останува неизвесна - ако конфликтот не заврши наскоро, многу хотелиери стравуваат од затворања и отпуштања.

- Имаме доволно за уште два до три месеци... а потоа доаѓаат тешки одлуки - предупредува Сидерис.


Слично

Поврзани вести