Економија, финансии, бизнис

Контакт

Имало ли синџир за криминален увоз на струја: Под контрола на Царината уште една фирма!

Имало ли синџир за криминален увоз на струја: Под контрола на Царината уште една фирма!
Уште една фирма увозник на струја се најде на удар на царината. Пред половина час заврши акцијата на инспекторите од царинската управа кај фирма лиценцирана за увоз на струја чие име засега не се открива. ФАКТОР дознава дека и кај оваа фирма е утврдено затајување на давачки за ДДВ. Станува збор за поприлично голема сума на неплатени давачки кон државата, велат извори од царината за ФАКТОР. Инаку, претходно царината јави дека во изминатите два месеца, при вршење контроли кај трговци со електрична енергија,  кај три фирми – увозници на електрична енергија се утврдени големи неправилности, за што се донесени решенија за дополнителна наплата на царински долг во вкупен износ од околу 113 милиони денари  (1,8 милиони евра).

Како што соопштуваат од Управата, во првиот случај, трговско друштво од Скопје избегнало плаќање на царински давачки во вкупен износ од околу 79,4 милиони денари. Притоа е констатирано дека за потребите на пријавеното правно лице, во текот 2011 и 2012 година, преку електро – преносниот систем биле испорачани вкупно 154.790 MWh електрична енергија. Утврдено е дека дел од увезената електрична енергија е бесправно отстранета од царински надзор без да бидат платени царински давачки во износ од 71,6 милиони денари. Исто така, пронајдени се и анекси кон генералниот договор за купопродажба на електрична енергија каде единечната цена за MWh по која била купена електричната енергија била значително повисока споредено со единечната цена по која истата била декларирана, па на тој начин избегнато е плаќање на царински давачки во висина од 7.8.милиони денари.

Во вториот случај, соопшуваат од Управата, констатирано е дека трговско друштво од Скопје избегнало плаќање на царински давачки во вкупен износ од околу 30 милиони денари, за што се донесени две решенија за дополнителна наплата на царински долг, додека во третиот случај, донесени се решенија за дополнителна наплата на царински долг износ од 3,5 милиони денари, за електрична енергија за која не се поднесени царински декларации за пуштање во слободен промет и не се платени давачките, а со дополнителна контрола е утврдено дека стоката е пуштена во слободен промет. Царинските измами се откриени при проверка и споредба на количините на оцаринетата електрична енергија во Република Македонија со податоците за количините на увезена, извезена и транзитирана електрична енергија, за период 2010-2012 година.
Слично

Поврзани вести