Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИМААТ РОК ОД ТРИ МЕСЕЦИ: РКМ, Супертрејд, Пертинакс и Ли Оил мора да се усогласат со Правилникот за мазут

ИМААТ РОК ОД ТРИ МЕСЕЦИ: РКМ, Супертрејд, Пертинакс и Ли Оил мора да се усогласат со Правилникот за мазут

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на денешната главна седница донесе одлуки со која им даде рок од 90 дена на трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт - трговија на големо со мазут  РКМ ДООЕЛ Скопје, Супертрејд ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје, Ли Оил ДБ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци да се усогласат со Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви. 

Практично во утврдениот рок од 90 дена,трговците на големо со мазут мора да ги обезбедат потребните количините на оперативни резерви на мазут во своите складови, кои за секој трговец се пресметуваат по методологија утврдена во Правилникот.

„Иако согласно Правилникот се дозволува рок од најмногу шест месеци во кој компанијата ќе го усогласи своето работење со законските прописи, РКЕ го скрати овој рок и ги задолжи трговците на големо за 90 дена да достават доказ - записник од Државниот пазарен инспекторат дека ги поседуваат потребните оперативни резерви на мазут. Доколку по утврдениот рок некој од трговците не ги обезбедат резервите - ќе им биде одземена лиценцата за работа“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Во првата фаза РКЕ ги известила трговците за постоење на причини за отпочнување на постапка за одземање на лиценци, по што во рок од 7 дена, три од четири трговци на големо со мазут доставиле одговор на нивното известување и тоа Ли Оил, Супертрејд и РКМ, додека Пертинакс не доставиле. 

„Трговците на големо со мазут во одговорите објаснуваат дека Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви што Министерството за економија го донесе во  април 2021 годинава е без период за прилагодување  на компаниите со новите промени. Трговците објаснуваат дека состојбата со короната ја отежнала работата во тој период и го намалила капацитетот на вработените. Дел од компаниите тврдат дека веќе ги обезбедиле неопходните резерви, а дел побараа и максимален рок од 6 месеци за да се усогласат“, се вели во соопштението од Регулаторната комисија за енергетика.

Слично

Поврзани вести