Има волја за решение за ГА-МА, но преговорите ќе пресудат
Добар обид и вистински потег да се реши деценискиот спор меѓу Владата и „Макпетрол“ за ГА-МА – познавачите вака ја оценуваат најавата дека почнуваат преговори меѓу двете страни за сопствеништвото на националниот систем за пренос на природен гас. Владата веќе објави дека резервирала пари да ги купи акциите на „Макпетрол“ во ГА-МА, акционерско друштво, кое е сопственик на инфраструктурата за пренос на природен гас во земјава.
Според информациите, „Макпетрол“ ја поздравува одлуката на Владата за решавање на спорот затоа што државен интерес е системот да работи оптимално. Сепак, преговорите допрва почнуваат, а од нивната суштина, динамиката и решеноста на државата ќе зависи како ќе заврши овој обид. Сите детали ќе се договараат во следните фази низ разговорите, па дали ќе има напредок кон решавањето на спорот ќе стане јасно низ самиот процес на преговарање.
Фактор веќе објави дека според наши информации „Макпетрол“ ќе ја прифати понудата на Владата доколку понудената цена е фер и согласно со пазарната вредност на преносниот гасоводен систем со Македонија и е поврзана со Бугарија од каде добива руски природен гас. Доколку се реализира ова решение во тој случај ќе се стави среќен крај на деценискиот спор во кој низ судските лавиринти се докажуваа Владата и „Макпетрол“.
Ако има решение државата ќе обезебеди целосна сопственост врз преносниот гасоводен систем, а со тоа ќе се задоволи и нормата содржана во актуелниот Закон за енергетика кој предвидува државата да стопанисува со преносниот гасоводен систем, а фирма што е снабдувач да не може да биде и сопственик на преносниот национален гасоводен систем.
Државата и „Макпетрол“ го водеа спорот со аргументи секој на своја страна за тоа кој поседува мнозински капитал во ГА-МА.
А.Т.
