Има разлика!
Колку и да сме срчосани и дотолчени, можеби можеме да се обидеме да крикнеме и да го сопреме стрмоглавувањето. Без академски расправии дали дното е филозофска категорија и дали и од дното може подолу... Едноставно, да ги урнеме кулисите на шарената лага за „оствaрената“ благосостојба, да се свестиме и да тргнеме назад кон работ од кој не турнаа во амбисот..
Синиша Станковиќ
Има ли разлика? Има! Некогаш, не толку одамна, живеевме, сега едвај преживуваме. Ние, речиси милион ипол посрамени и долносани молчаливци во „библиската“ Македонија, замаена со кичг&лупост и со лаги&измами за славното минато... Па, и оние, можеби десетици илјади, оние побогатите, и тие живуркаат во страв - од рекет, од „преземање“ на фирмата или од киднапирање на децата, скраја да е... Живеат само оние, можеби илјада - две души (всушност, ситни души или бездушници) кои се пекмезат на туѓ грб.како благородници од балкански маштаб. Всушност, провинциски кметови или „Хитлерчиња од нашите правливи џадиња“, карикатури на мафиозите од гангстерските филмови... Денес, баханалии прават од туѓата мака и солзи, само „проверените“ арамии и „патриоти“, со по 2-3 пасоша и 20-30 сметки во странските банки.
Има разлика... Оние некогашните, си го приватизираа она што го создавале со децении нашите татковци, зад наш грб – во бели ракавици. Овие, актуелниве „преродбеници“, бескрупулозно и нахално, како друмски сечикеси, секојдневно им ја крадат и најмалата шанса за иднина и на нашите внуци! И патем, откако ни ги искинаа и перниците и џебовите, ни брцаат и во око. Да не им ги запаметиме лицата, да не им се одмаздуваат следните, уништени генерации. Забораваат кутрите дека долга е раката... на онеправданиот.
Има разлика... Некогаш, до пред десетина години, како-така живеевме, можеби на кредит и од ветувања за посреќна иднина. А сега, понижени од навредливите лаги и ПР-стратегии, се бориме за гол опстанок. И им завидуваме, и по малку и ги мразиме. оние 500.000 наши деца, роднини и пријатели кои успеаја да избегаат, не сакајќи да се резилат како потковани жаби, како немтури-статисти во налудничавиот водвиљ со кулиси од некое забаталено време. Не сакајќи да се дел од понижувањата - со китењето со туѓа, крадена историја, со суицидалното корнење на славјанските корени (неграмотните ни, збрлавени од власт – полуслепи водачи, јагмаџии за пари и моќ, толку ни ја стегнаа јамката околу вратот, што допрва, ќе преколнуваме - некој да ни ги врати „цевките“ за дишење со кои претците ни го преминале Дунав, само за вдишеме троа ава, за да да опстанеме...), со продавањето на националната чест и личното достоинство - за понатамошно препелкање во батакот, со девизата: „Ќути и трај, ќе биде и полошо!’
Има разлика... Оние белосветските, некогаш не жалеа, сочувствуваа со нас, поради неправдите кои со векови сме ги трпеле и сме останале со исправен рбет. И не поддржуваа. Денес, главно се мајтапат со нашата неукост и со ограничените хоризонти на цела една нова генерација - на релација Табановце – Паљурци. Ни се потсмеваат, дрн-дупка си играат со нашата беда и кукавичлак поради кои не вреснавме додека се градеше кулата од карти што го затскрива смрдливиот ѓериз, во чија длабочина и содржина неповратно тонеме... Подбишега си играат со нас, оние кои живеат вон наметнатото ни едноумие со сета негова виртуелност: Сите оние со кои доскоро бевме речиси рамноправни, па и оние кои со децении ни завидуваа, се мајтапат со нашиот срам што ќе не пече со децении. А ние, преколнуваме и се надеваме - само, да не им жарат образите и на нашите деца...
Затоа, навистина, има голема разлика... Некогаш можевме да се занесуваме дека имаме каква-таква иднина. Денес, можеме резигнирано да констатираме дека имавме шанса. Ама, ни ја украдоа арамиите додека ние си молчевме... Проверено – проневерено!!!
Сепак, и како роден песимист, сакам уште еднаш да поверувам дека можеби можеме да направиме исчекор. Разлика. Во квалитет. Колку и да сме срчосани и дотолчени, можеби можеме да се обидеме да крикнеме и да го сопреме стрмоглавувањето. Без академски расправии дали дното е филозофска категорија и дали и од дното може подолу... Едноставно, да ги урнеме кулисите на шарената лага за „оствaрената“ благосостојба, да ги избришеме солзите и да си ги заплакнеме очите, да се свестиме и да тргнеме назад кон работ од кој не турнаа во амбисот... Туркајќи ја и карпата нагоре...
Слично
