ИМА ПОВРЕДЕНИ! Паника меѓу граѓаните по силниот земјотерс во БиХ: Со децата сме во автомобил, нема струја (ВИДЕО+ФОТО)
Од болницата во општина Столац велат дека во овој земјотрес
има повредени и дека им е укажана лекарска помош. Од Цивилната заштита на
општина Столац соопштија дека според нивните информации три лица се повредени,
пишува Информер.рс.
- Во нашата болница им се укажува лекарска помош и ќе бидат транспортирани во Мостар. Не ја исклучуваме можноста повеќе луѓе да се јават во нашата болница во текот на ноќта. Воопшто не е лесна ситуацијата, велат за Информер во Цивилната заштита во општина Столац.
Силен земјотрес вечерва го потресе поширокото подрачје на Босна и Херцеговина и регионот нешто по 23 часот. Магнитудата на земјотресот неофицијално била 5,7 степени.
Според Bljesak.info, неофицијални информации говорат дека има повредени во областа Столац, каде што бил епицентарот на земјотресот.
Земјотресот ги погоди Сараево, Зворник, Тузла, Чапљина, Мостар, Ливно, Љубиње, Требиње, Билеча и други градови во БиХ, но и во Црна Гора, Србија, делови од Албанија и Хрватска. Земјотресот вечерва го почувствуваа и жителите на Македонија. Граѓаните тврдат дека се треселе кревети и лустери, а земјотресот бил краток, но силен.
- Земјотресот е силно почувствуван во дубровничката област каде луѓето бегаат од угостителски објекти и станови и куќи, велат дубровчани, додавајќи дека траел десетина секунди.
Во многу градови во БиХ владееше паника. Читателите на Независне јавуваат дека во Невесиње и Љубиње населението излегло на улица, а во Мостар, Чапљина и други градови во Херцеговина е причинета материјална штета на неколку станбени објекти. Луѓето во паника истрчале од зградите и не им било дозволено да се вратат во становите поради страв од нови земјотреси.
На делот од главниот пат М-17 меѓу Буна и Житомислиќ паднале камења на коловозот. Делови од Мостар и Чапљина останале без струја.
„Во автомобилот сме со децата. Нема струја. Земјотресот беше силен“, изјавил читател за Независне од Љубиње.
Жителите на Требиње почувствувале силен потрес, а во некои домови земјотресот поместил и покуќнина. Жителите на Требиње не паметат дека неодамна имало земјотрес од ваква јачина. Според неофицијални информации, во Љубиње има материјална штета.
