Има огласи, се бараат работници, но за некои позиции треба да знаат грчки јазик
На интернет може да се сретнат огласи во кои се бараат работници на подрачјето на Дојран и Гевгелија, но во некои од нив се наведува дека кандидатот треба да знае грчки јазик.
Сопствениците на стоматолошки ординации, бутици, продавници, велат дека познавањето на грчкиот јазик не е задолжително доколку одлучат да вработат некого, но е добро да се знае јазикот, со цел полесно да комуницираат со клиентите од Грција. Сега откако се отворија границите, во јужниот дел на Македонија, дуќанџиите и угостителите, се надеваат дека муштериите од Грција почесто ќе доаѓаат.
„Не е задолжително вработените да го знаат грчкиот јазик, но е пожелно. Јазикот најлесно го учат преку комуникација. Пред пандемијата секој ден имаше луѓе од Грција во градот, и кај нас 90 отсто од клиентите беа токму од Грција. Сега откако се отворија границите очекуваме дека состојбата ќе се стабилизира“, велат од стоматолошка ординација во Дојран.
Од продавница за обувки во Гевгелија објаснуваат дека кај нив потребата од познавање на грчкиот јазик е помала, но во хотелите, казината, рестораните, јазикот е многу поважен.
„Можеме да се разбереме на грчки јазик, основните работи ги знам. Исто голем дел од нив знаат англиски јазик, а дел знаат и македонски, така што лесно е да се разбереме. Младите сега учат јазици, инвестираат во своето знаење затоа што ќе им треба за вработување. Посебно ако се работи за стоматологија, таму веќе е потребно побогат вокабулар да се има, подобро да се владее јазикот“, додава сопственичка на продавница за обувки во Гевгелија.
Грците доаѓаат во пограничните македонски градови пред сѐ поради ниските цени. Одат на шопинг, фризер, во ресторани, кафулиња, поправаат заби и слично.
„Треба да се знае грчкиот јазик поради работата. Јазикот е доста важен. Има луѓе кои учеле на курс, но има и луѓе кои го знаат од комуникација со Грците, затоа што веќе имаме искуство со нив. Основна комуникација треба да се има. Доаѓаа секој ден пред пандемијата, и во работен ден, и пазарен ден, и за викенди. Сега сметам дека ќе треба време додека да се вратат, затоа што пандемијата создаде промени“, вели Елена Матаничкова, сопственичка на бутик во Дојран.
Познавањето на странски јазици е предност при вработување. Младите се фокусираат на англискиот јазик, но и познавање на втор, или трет јазик е плус за секој поединец. Според податоците на Агенцијата за вработување, во Гевгелија има 213 слободни работни места. За споредба, во Кавадарци има 107, во Струмица 104, во Велес 79, во Струга 123, во Охрид 170 слободни работни места.
Сања Атанасовска