Има нови моменти во новиот извештај за падот на авионот на Трајковски
Повторената истрага за авионската несреќа на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски е завршена, а извештајот од денеска е во рацете на македонските власти. Главниот истражител Омер Кулиќ му го предаде документот на претседателот на владиниот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти Сотир Костов.
Според Кулиќ, извештајот битно се разликува од првичната истрага за авионската несреќа во која загинаа Трајковски и осумте припадници на неговата делегација и екипажот.
Сепак за деталите, особено во однос на причините за несреќата, повеќе ќе може да се знае за 20-тина дена, кога и македонската страна ќе ги даде своите коментари за наодите.
Босанскиот истражител смета дека повторената истрага се покажала сосема оправдана, иако не била секогаш лесна, а од одредени места се соочувала и со опструкции.
„Дојдовме до некои нови поставки за причините за несреќата, значи, има зошто беше отворена истрагата. Имаше сегментарно мали проблеми овде во Скопје, но не сакам сега да зборувам за тоа, тоа ќе го кажам кога ќе биде завршен извештајот, имав одредени, опструкции... Не беа сите отворени во истрагата, но и тоа ќе го кажам кој не беше отворен, а зошто, не знам“, рече Кулиќ.
Дали по овој извештај на истражителите ќе има елементи за кривична одговорност за авионската несреќа ќе треба да одлучат обвинителствата на Македонија и на Босна и Херцеговина, земјата на чија територија се случи несреќата. Македонски тим од тројца експерти сега најпрвин ќе треба да даде свое мислење за извештајот од повторената истрага, која траеше две години и во рамките на која беа изведени и реални летови со други авиони на истата релација, за да се откријат причините за падот на кингерот.
