ИМА ЛИ РАЗЛИКА ВО КВАЛИТЕТОТ ШТО МУ СЕ НУДИ НА ИСТОКОТ ВО ОДНОС НА ЗАПАДОТ - потрошувачите се борат за своите права
Темата за заштита на правата на потрошувачите е многу стара, но дали во земјава тие се навистина доволно заштитени? Сигурно често слушате во својата околина како некој апарат се расипал во денот кога го купиле, или на денот кога му истекла гаранцијата. Многумина сметаат дека се оставени сами на себе да се борат кога одредена компанија нема да им го испорача квалитетот на производот за кој платиле и го очекувале. Често се прашуваме и често тврдиме дека ситуацијата во другите земји не е таква. Дека правата на европските потрошувачи се на многу повисоко ниво, и често се прашуваме од што тоа зависи и дали и кога тоа ниво ќе успееме да го достигнеме.
Меѓутоа истото ова прашање често си го поставуваат и некои членки на Европската Унија. Во Хрватска на пример, каде и многу се работело на на оваа прашање, често се дискутира во јавноста дали светските компании нудат и пласираат ист квалитет на производи за пазарите на сите земји членки. Ова е едно од истражувањата со кои се занимава порталот Балкон3, во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ?“, финансиран од Европската унија. Во емисијата со наслов „Потрошувачи - истрошени или заштитени?“ е направена споредба меѓу Македонија и Хрватска, во разговори со телата задолжени за регулација и заштита на овие права.
Во епизодата се посочува студија објавена од ЕКкоја покажала дека една десетина од производите што се продавале низ ЕУ имале исто пакување а различен состав, а една петтина, пак, имале слично пакување, а различен состав. Одамна се зборуваше дека производите од исти компании имаат различен квалитет во земјите од Западна и од Источна Европа. Потрошувачите го чувствуваат тоа, ноова се докажадури откако европските претставници од истокот иницираа истражувања и се направија соодветни студии.
„Според мене, на нас се смета како на второкласни нации. До сега ни објаснуваа дека не е така, но гледаме дека е, а и проектите и нивните резултати покажаа дека токму тоа се случува, односно дека производите што се пласираат на источниот пазар во Европа се со поинаков квалитет од декларациите, со поинакви цени итн“, вели Игор Вујовиќ, претседател на Друштвото за заштита на потрошувчите во Хрватска.
Кога овие докази излегоа на виделина, потрошувачите и институциите од различни земји на ЕУ се поврзаа за да си помогнат да се надмине оваа дискриминаторска пракса.Со интеграцијата во Унијата, хрватските потршувачи добиле можност, преку своите претставници, да учествуваат во носењето на прописите за заштита на потрошувачите на европско ниво.
„Добра страна е и тоа што сега имаме неколкумина европарламентарци и некои од нив се особено активни. На пример Лилјана Борзан, која е веќе втор мандат членка на Европскиот парламент. Таа го отвори прашањето за различниот квалитет на храната во земјите од Источна и Западна Европа, а го отвори и прашањето за траењето на домашните апарати, па сега ЕУ работи на прописите. Имавме ситуација, додека трае гаранцијата, да работи телевизорот, и да се расипе вториот ден откако ќе истече гаранцијата“, вели Ана Кнежевиќ, претседателка на Хрватското здружение за заштита на потрошувачите.
Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонијавели дека ова прашање било отворенои порано, на иницијатива на потрошувачките организации во ЕУ каде и ние членуваме. „Навистина се подигна на повисоко ниво ова прашање. Парламентот одлучуваше и се донесе една рамка на директиви.Таканаречен ‘њу дил’- нов договор за заштита на потрошувачите на ЕУ, каде штоова прашање се решава со Директивата за нечесна пазарна пракса и тоа се третира така“, вели Велкова.
Нечесната пазарна пракса треба да се спречи со нова директива што треба да се усвои годинава. И македонските инспекторати ќе можат да реагираат до производителите и до дистрибутерите ако утврдат различен квалитет.
„Прашањето за нееднаков или двоен квалитет е актуелно од 2013, зачнато од повеќе земји членкина ЕУ. Се правеа долгогодишниистражувања и студии од страна на европски држави, како што се Словачка и Хрватска, кои вложија многу средства.Долго време беше потребно откако се отвори ова прашање додека се докажа и почнаа да се преземаат мерки. Тоа што го поттикнаа претставниците на Хрватска и Словачка, може да донесе корист на сите, дури и на тие што се уште не го завршиле процесот на зачленување во Европската Унија. Македонските институции почнаа да се занимаваат со двојниот квалитет, но потребна им е дополнителна подготовка“, вели Ката Стојановска, раководителка во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Кога ЕУ го отвори прашањето за двојниот квалитет, тогаш операторите на производителите почнале да се повикуваат и да даваат објаснувања зошто тоа се случува така.
„Тие се повикаа на националите вкусови. Тоа значи дека потрошувачите во една земја имаат различни сензор на приемчивост и различно им се допаѓаат хранливите состојки, што не е точно“, објаснува Стојановска.
За навремено да може да се откриенечесната пракса на домашниот пазар, потребно е дополнително да се зајакнат институциите. „Бидејќи, законските казни кои што ги предвидува ЕУ се многу високи. Изнесуваат некаде четири отсто од прометот што го прави операторот кој што го произведува тој производ. И мислам дека до 10 милиони евра може да биде таквата казна“, објаснува Стојановска.
Едно е многу јасно, кога потрошувачите имаат подобра меѓународна комуникација и поврзаност, тие стануваат посвесни за своите права и за тоа кога некое правоим е скратено или прекршено. На тој начин и самите ги избегнуваат трговците што не ги ценат доволно.
„Во овие 16 години, би можела да кажам дека има голем прогрес во однос на ова прашање. И самите сме сведоци на тоа дека голем број трговци, особено на оние кои се со поголем рејтинг и кои што сакат да излезат во пресрет на потрошувачите, ги почитуваат сите овие елементи“, вели Нериман Џемаили, раководителка во Министерството за економија.
„Најчесто потрошувачите се обраќаат до нас, што го потврдивме и со една анкета, потоа до Државниот пазарен инспекторат, до АХВ, и потоа до другите инспекторати, односно Санитарно-здраствениот, но и во регулативните тела и Регулаторната комисија за енергетика“, вели Лончар Велкова.
Џемаили од МЕ укажува дека инспекцискиот надзор е во раце на ДПИ, и тие ја имат главната улога за надзор на производите во деловните простори.
„Тоа се супермаркетите, продавниците, итн. Но не значи дека и во другите вонделовни простори немат право да извршат надзор и да утврдат ако неправилности се направени спрема потрошувачот“, вели Џемаили.
Дали е ситен трговец или голема компанија, секогаш ќе има некој што ќе се обиде да го измами потрошувачот и повремено во тоа ќе им успева, но разликата меѓу заштитениот и незаштитениот потрошувач е дали таквите појави се инцидентни или се начин на живот.
„Како и многу други права, и овие тие не доаѓаат сами. За да се остварат, потребно е постојано информирање, едуцирање и советување на граѓаните. Така тие најдобро може да се заштитат од нечесни постапки на оние што им нудат производи или услуги. Цели мрежи организации работат на тоа да се изгради посвесен и посилен потрошувач“, вели Кнежевиќ.
Прашањето „Дали личиме на ЕУ“ по својата важност го надминува прашањето дали и кога ќе станеме членка. Тоа е прашање на можности и стандарди што овозможуваат подобар живот, на ангажманот на државните институции и на општеството во градењето подобро утре.
„Се уште во нашето опкружување се продава храна на улица, незаштитено. Се продава месо, млечни производи, мед и други работи. Лебот на пример се продава на тој начин и тоа создава една атмосфера дека јавното здравје не се вреднува како што треба. Тоа на некој начин предизвикува помала вредност на човекот. Значи човекот тука е евтина стока.Кога луѓето нема да го добијат тоа што го платиле, тие се во загуба. А кога во едно општество нема гаранции дека се добива вистинска вредност за дадените пари, тогаш настанува општа несигурност. Каква што кај нас има долго време во одредени области“, вели Хасан Јашари, професор на Универзитетот ЈИЕ Тетово.
Лончар Велкова нагласува дека најфреквентни проблеми што ги имаат потрошувачите се во доменот на технички производи за домаќинство, мобилни телефони, или дека се понекогаш и прехранбените производи каде што демнат опасности од начинот на складирањето, чување и означувањето на производите.
„Нудат шпекулативни договори и на тој начин се загрозуваат правата на потрошувачите. Тука повеќе треба да се внимава да се заштитат потрошувачите од странските профитерски организации. На пример, банките во Македонија се најкорумпирани, еве во времето на пандемијата народот е пред банките. Не ги зголемуваат нивните приемни капацитети, немаат банкомати по руралните општини, немаат експозитури по руралните општини“, вели Јашари.
Дури и кога законската и институционалната инфраструктура е добро поставена, таа треба и добро да функционира одредено време, за да се создаде чувство на сигурност кај граѓаните.
Инаку, според индексот на безбедност на производите и на заштита на потрошувачките права, најдобри држави се Финска, со 172 поени, од можни 200, исто има и Франција, а Луксембург има 168. Најлоши се Хрватска, со 108, Грција со 102 и Полска со 94.
Хрватска, како најнова членка на ЕУ, не може да се пофали со високо ниво на сигурност на потрошувачите. Институциите, едноставно, недоволно си ја вршат работата.„Заштитата на потрошувачите не е на она ниво на кое што може да биде во Хрватска. Запоставена е, во преголемо министерство е, и не можеме да се пофалиме дека имаме некоја голема соработка, ниту ние ниту кое било здружение.. “, вели Ана Кнежевиќ.
Таа укажува на случај со човек од Вараждин, на кого му се јавиле и му нуделе лекови за колена и за зглобови, му рекле дека се бесплатни и човекот прифатил. Поштарот му ја донел првата кутија со лекови, тој потпишал, не ни знаел што потпишува, а всушност потпишал согласност и во иднина да му доставуваат лекови, кои ќе му се наплатуваат. Кога го потрошил првиот месец, следниот месец поштарот дошол, донел лекови и барал 600 куни или околу осумдесет евра. Човекот се изненадил и платил.
На сличен проблем наидоа и македонските потрошувачи, но со онлајн продажбата, особено во време на карантините поради пандемијата.
Повеќеслојната заштита на потрошувачките права е една од придобивките што ги добија граѓаните од источните делови на Европа што се интегрираа во заедничкиот економски простор. Сепак, и тие што се формално надвор од тој простор, силно се поврзани со него преку големата трговска размена без која нивните економии би биле многу послаби. Затоа следењето и вклучувањето во трендовите за унапредување на правата на потрошувачите е важноне само за личната потрошувачка, туку и за општата економска одржливост.
Епизодата „Потрошувачи – Истрошени или заштитени“ може да ја погледнете на следниот линк https://www.youtube.com/watch?v=OsytGmeRIp8