Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИМА ЛИ ПРАВДА ЗА ЖРТВИТЕ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ: Фондот за отштета постои само на хартија!

ИМА ЛИ ПРАВДА ЗА ЖРТВИТЕ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ: Фондот за отштета постои само на хартија!
Залудни се судските пресуди според кои трговците треба да ги обесштетат жртвите, бидејќи ниту една од нив не добила надомест за траумите - сторителите немаат имот, а државен Фонд за отштета постои во закон но во пракса не профункционира   Жртва на трговија со луѓе девет години не може да добие отштета за траумите што ги преживеала, иако, според судска пресуда, отштетата треба да биде третина од семејната куќа на трговецот. Така пресудил судот, во постапка почната уште во 2006 година, оштетното побарување е утврдено, но залудно - жртвата досега не е обесштетена. Ова е најстариот случај во Македонија во кој жртва на трговија со луѓе бара отштета. Според важечките закони, малолетните жртви од ова кривично дело можат да добијат компензација од буџетот на Министерството за правда. Полнолетните можат да бараат отштета од сторителите, односно трговците, или од државата, односно Фондот за отштета. И покрај тоа што адресите се познати, судски пресуди има, ниту една од полнолетните жртви на трговците со луѓе никогаш не добила надомест за траумите, покажува истражувањето на Фактор. Тоа го потврдуваат и од здружението на граѓани „Отворена порта“, кое долги години работи на превенција од трговија со луѓе, но и на поддршка и заштита на жртвите и потенцијалните жртви. - Праксата од изминатите десетина години покажува дека ниту една жртва не добила отштета од сторителите бидејќи сторителите немаат имот на свое име, немаат жиро-сметки, ниту движни предмети како автомобил или счично - велат од „Отворена порта“. За волја на вистината, ни малолетните досега не се офајдиле. Ним правото на отштета им го дава Законот за правда на децата донесен во декември 2013 година. -  Бидејќи програмата за обештетување стапи во сила  во 2014 година, во овој период не се реализирани случаи на трговија со луѓе па затоа ниту една жртва не побарала ниту добила обештетување. Ретроградно не може да се исплати оштетното побарување на жртвите од изминатите години. Многу е важно да се нагласи дека треба да имаме судски постапки за трговија со луѓе односно трговија со малолетно лице и досудени предмети за да може да се бара обештетување од програмата за обештетување и да се види практично како тоа ќе функционира - појаснуваат од „Отворена порта“.  Судските пресуди губат поента Од досегашните случаи за делото трговија со луѓе се гледа дека за отштетно побарување на жртва од 2010 година, донесена е и правостепена и второстепена пресуда. По две првостепени пресуди има и во 2011 година, а за во 2012 година има и две второстепени пресуди. Компензација воопшто не била исплатена. Официјалната причина е дека осудените немале имот на свое име. Од шест досудени пресуди, само во два случаи сторителите имале некаков имот - едниот стан, а другиот пицерија. Во 2013 година, донесени се четири правосилни пресуди и се досудени исто толку барања за надомест на штета во висина, секој во висина од по 6.500 евра. Или, вкупно околу 26.000 евра за цела година. Законски, ако сторителите не им платат отштета на жртвите, тоа треба да го направи државата. Според новиот Закон за кривична постапка, кој стапи на сила на 1.12.2013 година, жртвите имаат право на надомест за материјална и нематеријална штета, од Државен фонд за компензација, само ако побарувањето не можат да го наплатат од осудениот. А овие пари многу би им помогнале на жртвите да се снајдат во прво време. - Програмата за обесштетување е важен инструмент во делот на закрепнување на жртвите. Од една страна, тие ќе добијат некаква правда за страдањата што ги преживеале. Од друга страна, жртвите со парите од отштетата ќе имаат поголеми можности да ги надминат траумите - можат да користат психолошки советувања и терапии, подобар медицински третман, да завршат курсеви за да се вклучат на пазарот на трудот. Во целина, ќе им помогне да се интегрираат во општеството и да продолжат со животот - велат од „Отворена порта“. Оваа мерка ќе придонесе кон материјално закрепнување на идентификуваната жртва по напуштање на процесот на реинтеграција овозможен од граѓанските здруженија Отворена Порта, За среќно детство, Еднаков Пристап и кои ги пружаат овие услуги, веллат од Министерството за внатрешни работи. -Во согласност со профилот на жртвата и нејзиното образование и вештини кои ги поседувала пред да стане жртва на трговија со луѓе како и поминатиот процес на давање психосоцијална подршка и насочување кон стекување одредени вештини (дооформување на образование, изучување јазици и слично) компензацијата преку оштетно побарување ќе овозможи започнување на самостојни активности во животот на секое лице кое било жртва и враќање на вообичаениот начин на живот. Многу од жртвите токму поради ризик факторите (дисфункционални семејства, непосетување на образовниот процес итн) биле доведени во ситуација да станат жртви па затоа се смета дека компензацијата ќе претставува еден вид нов почеток на креирање, работење и живеење без истот да биде предмет на експлоатација од страна на лицата кои го искористувале за криминална заработка – велат од МВР. Притисоци има, Фонд нема Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2013-2016 предвидува да се воспостави државен Фонд за обесштетување на жртвите. Предвидено е и да се донесе Закон за државен фонд. - Македонија веќе трпи притисоци од ЕУ да воспостави ваков Фонд. Тоа ни го укажуваат на секоја средба. Зошто не се формира, никој не знае. Претпоставувам дека проблем се парите кои државата треба да ги обезбеди за Фондот да проработи - вели извор на Фактор, упатен во регулативите околу трговијата со луѓе. И да функционира Фондот, постапката што треба да ја истера жртвата за да добие отштета е долга и сложена - нашите соговорници велат дека најироничниот дел е што жртвата треба да побара вештачење за траумите, што всушност е доказ кои таа мора да ги обезбеди за да ги истакне видот и висината на побарувањето. Жртвата, која била тргувана, која преживеала и физички и психички трауми, која најчесто е без работа, без пари и без изгледи да си ја подобри ситуацијата во догледно време, треба да плати  за вештачење за да обезбеди докази преку кои ќе бара отштета што најверојатно нема ни да ја добие! Групата експерти за борба против трговија со луѓе (ГРЕТА) им сугерираше на македонските власти да преземат мерки за да овозможат непречено остварување на правото на надомест на штета. Поточно, ГРЕТА ја повика државата да воспостави фонд за отштета на жртвите. И во извештаите од 2013 и 2014 година на американскиот Стејт Департмент, кои се однесуваат на борбата на државите против трговијата со луѓе, за Македонија се вели дека „жртвите можат да пријават отштетно побарување во граѓанска постапка, но поради нејзината сложеност ниту една не успеала успешно да ја заврши“. Земјите како Франција, Велика британија, Холандија, определиле надомест за материјална и нематеријална штета за жртвите на криминал во висина од 25.000 евра до 580.000 евра. Словенијаутрврдила 20.000 евра, Бугарија до 5.000 евра. Наташа Стојановска
Слично

Поврзани вести