Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИМА ЛИ ПЕРСПЕКТИВА ЗА МЛАДИТЕ УМОВИ: Време е за квалитет, да сопре партизацијата!

ИМА ЛИ ПЕРСПЕКТИВА ЗА МЛАДИТЕ УМОВИ: Време е за квалитет, да сопре партизацијата!

“Апсолутно е потребно образовен  систем по мерка на квалитет чија цел би била квалитетен квантитет на студенти. Отворањето на голем број истородни факултети и дисперзирани студии речиси во секој град директно влијае врз квалитетот на високото образование. Квантитетот на сметка на квалитетот кај нас продуцира просечен квалитет на студенти, што во 21 век, време на глобализација и мобилност, генерално ги прави помалку конкурентни и неатрактивни на пазарот на труд”- вели за Фактор, Марија Антова м-р по меѓународно право и меѓународни односи  и м-р по дипломатија и меѓународна политики која во меѓувреме го положила и правосудниот испит како предизвик на секој правник.

Како млада личност очекува општествени промени кои ќе обезбедат сигурност и валозирација на трудот. Вториот мастер се сомнева дека и бил луксус бидејќи го завршила во Македонија, а не надвор од земјава.

“Се надевам дека наскоро ќе се случат промени за мојот избор, како и на многумина други, да не биде надвор дури и по цена да почнам од почеток. Во однос на академското образование од денешна перспектива, можеби вториот мастер ми беше преголем луксус кој си го дозволив во смисла да го завршам во Македонија, а не надвор знаејќи ги приликите кај нас, но затоа PhD студиите ми е во план да ги запишам надвор”- потенцира Антова.

Таа е дел од седмата генерација на Школата за јавни политики Мајка Тереза, организирана од Центар за истражување и креирање политики, а подржана од Советот на Европа. Образованието според неа би требало да е достапно на секого под еднакви услови. Но тоа како што вели не значи факултети во секој град туку стандардизирани правила за академско образование, унифицирани критериуми за неговата релевантност и по автоматизам соодветно валоризирање на дипломите без разлика на кој универзитет студентот студирал.

“Бидејќи сум правник, за пример би ги земала правните факултети. Во Македонија има околу 20-тина правни факултети. Премногу. Финансиите, а уште поважно дефицитот на човечки ресурси директно влијаат врз релевантноста и квалитетната настава на истите. Според мене, сето ова е резултат на обидот за упад во автономијата на универзитетите, којашто е клучна за квалитетно образование. Имено, отсуството на слух за потребите, условите и приликите на професорите и студентите, како засегнати страни,  при креирањето на законските решенија е евидентно. На Шангајската листа во 2016 година меѓу првите 500 универзитети  ниту еден не е македонски, но на неа се универзитетите од Белград, Загреб и Љубљана, како за споредба”- вели Антова.

Живееме во општество во кое што  интелектуалниот багаж е ирелевантен за вработување токму  поради сериозниот пад на квалитетот и вредностите. Оттука многу често знаењето и квалитетот не соодветствуваат со пазарот на труд.

“Кога вредностите се изместени во образовниот процес, зошто би очекувале дека истото не е случај и кај оние на пазарот на трудот? Интелектуалниот багаж сам по себе е само почетна точка за професионална кариера. Праксата и искуството се втората страна на монетата. Во Македонија има илјадници дипломирани млади луѓе кои немаат ниту еден ден пракса од областа која ја студирале. Применетата настава и пракса на студентите најчесто се сведува на обичен потпис, а од друга страна па и не секоја наставна материја остава простор за самоиницијативна пракса” додава младата правничка.

Во Македонија, според неа  наспроти декларативната поддршка за младите, реалноста е сосема спротивна. Третманот е крајно селективен. Имено, правото на политичка определба на поединецот е сосем легитимно и тука нема ништо спорно. Проблемот настанува кога политичката определба на младите е императив за перспективност или безизлезност.

“Животниот стандард, доброто здравство, образование, здрава животна средина, или накратко можноста за квалитетен живот се важни за секој човек, а сите тие се директно поврзани со политичиот аспект на општеството, без оглед на тоа дали сакаме да признаеме тоа или не. Предност на младите е тоа што тие ја имаат привилегијата многу полесно да одлучат за чекор напред и да заминат доколку нештата не се во рамки на очекуваното. На прашањето колку политичко-општествените случувања се поттик за заминување на младите надвор од државата ќе одговорам со прашање: колку ваши другари, соседи или членови на семејството се надвор од Македонија или имаат намера да заминат? Статистика не е потребна. Не се остава простор за професионална надоградба, реализирање на личните амбиции и најважно егистенционалниот опстанок на младите луѓе, што е понижувачки за нас како општество. За жал, ова не е моја перцепција туку наша реалност”- додава Марија Антова.

Проблемите во ресорот образование како што вели се длабоки и треба да се лоцираат уште во основното и средното образование. Наставната материја во средното образование е премногу обемна, што го намалува просторот за креативност на учениците, односно времето за алтернативни активности или флексибилност во наставата, за учениците да можат да покажат афинитети кон одредена област. Подоцна тоа се рефлектира при изборот на факултет, кога повеќето студенти се запишуваат на „традиционално“ најперспективните факултети, дури и по цена тие да им се одбивни. Во таквите случаи дипломата е многу поважна од знаењето.

“Меѓутоа, позагрижувачка појава е културата на корупција во високото образование. Нејзиното толерирање и несанкционирањето се мотив плус за студентите да си го олеснат студирањето. На пример, изработката на трудови по нарачка (дури и магистерски) или плагијаторството по автоматизам го деградираат знаењето. Проблемот, сепак, го лоцирам во институциите, а помалку во студентите, бидејќи воопшто не требало да се дозволи ситуација во која лесно се стигнува до диплома, а не до знаење”-нагласува Антова.

Процесот на враќање на вредностите според неа почнува од нас самите  кога ќе признаеме дека сите сме одговорни за ситуацијата во која се наоѓаме. Меѓутоа, институционално, како стартни точки за промени  ги лоцира во  владеењето на правото, економскиот стандард, образованието и културната акомодација  на општеството. Потребно е  вели и културно приспособување на разликите за градење општество преку достоинствено признавање на разликите, кои ја дефинираат нашата автентичноста, а ставајќи акцент на сличностите и заедничките потреби.

“Во однос на владеењето на правото јас би додала и владеење на правдата, бидејќи не секое право значи и правда. Поделбата на власта како демократско цивилизациска придобивка во Македонија не постои. Корупцијата во судството и селективната правда длабоко ја имаат разнишано правната сигурност на граѓаните. А токму таа, заедно со еднаквиот третман пред законите, се круцијални за генералниот општествен прогрес.  Подобрување на економскиот стандард е неопходно. Граѓаните на Македонија немаат стандард за пристојна и достоинствена егзистенција. Тоа е факт. Овде само би додала дека гладна уста најлесно се нахранува со национализам, а Македонија е класичен пример за тоа. Сите ги знаеме решенијата, потребна е волја за да се реализираат. Треба да бидеме еднакво различни наместо различно еднакви.”- за крај констатираше Антова.

С.Б.

Слично

Поврзани вести