Економија, финансии, бизнис

Контакт

Има ли на нашата берза „златни резерви“ и кои се тие?

Има ли на нашата берза „златни резерви“ и кои се тие?

И на нашата берза има акции – џокери кои се во позадина и не можат да бидат во фокус на инвеститорите од повеќе причини. Но споредбата на нивните параметри, континуитетот во работата и потенцијалот се реално силни аргументи заради кои овие фирми можеби и вреди да бидат дел од инвестициското портфолио на секој просечен акционер

Фокусот на инвеститорите во акции секогаш е поставен врз „блу-чиповите“ кои се најликвидни, најдобитни и најдивидендни акции. Тие се големите играчи без кои ниту една берза не може да го замисли своето работење затоа што тие се „најдобрите и најпосакувани парчиња во излогот“.

Ликвидноста на акциите произлегува од довербата на тие што вложуваат, а одлуките за тоа кои акции ќе се купат произлегуваат во основа од добивката што ја генерира и дивидендите што ги делат.

Затоа што инвеститорската јавност многу добро знае кои се асовите на нашиот пазар на капитал оваа анализа прави обид да ги открие „скриените таленти“. Односно акциите на компании кои се силни, добро структуирани, имаат позитивни финансиски резултати, но од различни причини едноставно не се во фокусот на македонската инвеститорска заедница.

Анализата опфаќа компании чии акции котираат на берзата, но на сегментот Задолжителна берзанска котација.

Велешки „Кристал“ е компанија специјализирана за производство на масло за јадење и за мала палета на други прехранбени продукти. Според официјалните берзански податоци оваа акција на пазарот се тргувала по цена од 158 денари што е за 6 пати поевтино од нејзината книговодствена вредност. Секоја акција носи добивка од 51 денар што е потенцијален дивиденден принос од речиси 30 отсто во однос на последната пазарна цена на акција. Акционерската структура е стабилна и релативно затворена што може да биде дополнителен мотив за добра дивиденда која секако дека ќе вбризга адреналин на нејзината пазарна цена. Оваа акција ретко се тргува на нашата берза и нема некоја ликвидност.

Светиниколската компанија за битуменски градежни материјали БИМ е бисер на сегментот Задолжителна берзанска котација. Таа е една од ретките што може да се пофали дека е компанија која често дели дивиденда на своите акционери. Нејзината пазарна цена е 15.550 денари, а нејзината книговодствена вредност е речиси три пати повисока од пазарната цена. Таа акција според официјалните податоци носи добивка од 4.667 денари, а последниот дивиденден принос изнесува 12% од пазарната цена на акцијата. Единствена „маана“ на оваа акција е што многу ретко се нуди на продажба, а тоа е така токму заради нејзиниот квалитет. Компанијата има само еден доминантен сопственик, тоа е Стојанче Стојанов кој поседува 53 отсто од сите акции со право на глас.

Во остратата конкуренција на квалитетни акции котирани на сегментот задолжителна компанија дел од елитата секако е и акцијата на ЦКБ Банка. За неа има еден куриозитет: тоа е единствената банкарска акција чија пазарна цена е 5 пати пониска од книговодствената вредност! Тоа во најголема мерка е резултат на тоа што банката уште не дели дивиденда. Првата идна поделба на дивиденден принос ќе ја размрда и подигне побарувачката кај инвеститорите. Според официјалните податоци последната просечна пазарна цена е 450 денари, а книговодствено акцијата вреди 5 пати повеќе. Последната година секоја акција носела добивка од 50 денари што е потенцијален дивиденден принос од 11 отсто. Најголем акционер е бугарската Централна кооперативна банка која поседува 87 отсто од сите акции.

Една од најквалитетитните акции кои не се во видното поле на инвеститорите е секако е „Грозд“ струмичкиот бренд производител на прочуената „Мастика“. Оваа компанија е во голема мерка капитално затворена затоа што најголемиот акционер Васе Митев контролира 75 отсто од акциите. Слободни се само 9 отсто од сите акции. Потенцијалниот дивиденден принос на оваа фирма што не делела дивиденда е извонреден и вонстандарден. Нејзината последна пазарна цена била 2.250 денари, а секоја акција според последниот ревидиран извештај носела добивка од 1.309 денари што значи дека дивидендниот потенцијал е 58 отсто од последната пазарна цена. Книговодствената вредност на акцијата е 11 пати повисока од последната пазарна цена.

Сокриена од очите на инвеститорите е уште една акција која е исклучително квалитетна според перформансите. Станува збор за велешката компанија за производство на предива и конец „Ветекс“. Оваа компанија успешно работи во континуитет, а лани имаше и одлична дивиденда која изнесува 38 отсто од пазарната цена. Нето добивката, според ревидираниот извештај за 2021 година, носи добивка од 243 денари по акција што е потенцијален принос од 25 отсто од последната пазарна цена. Оваа акција има интерес сооднос на пазарна цена и книговодствена вредност при што книговодствената вредност е 6,3 пати поголема од пазарната цена. Во слободна продажба се помалку од 20 отсто од акциите на ова друштво кое има тројца доминантни акционери – домашни физички лица.

Вредна за истакнување е уште една домашна компанија која е најголем македонски производител на винско и трпезно грозје! Станува збор за кавадаречкиот земјоделски комбинат „Гоце Делчев (ГД) – Тиквеш“.

Акцијата на оваа компанија се тргува ретко, а последната пазарна цена изнесувала 1.000 денари. Последната остварена нето добивка по акција изнесува 411 денари. Дивидендниот потенцијал во оваа мечување е поголем од 40 отсто! Книговодствената вредност на оваа акција е 7.736 денари што е 7,7 пати повеќе од последната пазарна цена. Најголем акционер е Ристо Милев кој поседува 82 отсто од сите акции со право на глас.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести