Има ли мрсни профити во месната индустрија?
Месната индустрија во Македонија во последните неколку години ја стесни конкуренцијата па така мал број на македонски домашни брендови целосно го покриваат пазарот, со тоа што има и помали компании кои пласираат поспецифични месни производи но, немаат широка дистрибуција. Голема е и конкуренцијата од странство со увоз на бројни регионални и европски брендови кои исто така нудат доста евтини преработки на месо и ги има во сите маркети. Дури ако се гледаат и најисткнатите брендови кои се актуелни на пазарот од првото до петтото место ќе забележите голема разлика.
Според билансите на успех петте компании кои се предмет на оваа анализа Пекабеско, Промес, Екстра Меин, МИК Свети Николе и Солета во 2016-та не бележат голем раст на приходите, се карактеризираат со многу високи расходи, а со тоа и профитите на крајот на годината се доста тенки. Така македонските граѓани во изминатата година за месни производи на нивната трпеза потрошиле вкупно нешто над 100 милиони евра од домашните компании. Пекабеско, Промес, Екстра Меин, МИК Свети Николе и Солета заедно оствариле промет од 110 милиони евра додека пак, нивниот вкупен чист профит изнесува нешто околу 2 милиони евра.

Пекабеско 2016-та ја завршува како предводник на пазарот со приходи од 65,3 милиони евра.Тоа е подобрување во однос на 2015-та од околу 10%. Трошоците на Пекабеско во изминатата година достигнале високи 62,9 милиони евра, па така профитната маржа е многу пониска. Крајниот резултат изнесува 1,2 милиони евра или за околу половина милион евра помал профит во однос на 2015-та.
Промес кој има широка палета на производи но, и повеќе бизниси под својата управувачка „капа“ изминатата година остварил нето приходи од 18,8 милиони евра. Трошоците на Промес исто така се многу високи и профитната маржа е драматично ниска па крајно за 2016-та како добивка се бележат само 100 илјади евра.
МИК Свети Николе ја подобрил за нијанса пазарната позиција во 2016-та и преку продажба и оперативните активности стигнал до вкупно приходи од 13,5 милиони евра. Сепак, расходната страна како и кај останатите конкуренти е многу висока и „јаде“ речиси 90% од приходите, па така на МИК Свети Николе во 2016-та му остануваата само пеесетина илјади евра чиста добивка. МИК Свети Николе лани го зголемил и бројот на вработени до 217 лица просечно во текот на годината гледано според билансот на успех.

Екстра Меин од Куманово е компанија која се труди да остане релевантна на пазарот со чести рекламни кампањи преку кои го гради својот бренд. 2016-та за Екстра Меин е подобра но, не и рекордна годината, па така нивните вкупни приходи достигнале 8,7 милиони евра со мал раст во однос финансискиот резултат претходно. Сепак, гледано од расходната страна финансискиот резултат е за нијанса влошен што влијае на намалување на крајната севкупна добивка. Со растот на расходите на Екстра Меин во 2016-та му остануваат нешто над 250 илјади евра чист профит.
Солета е бренд кој има најголем пад на приходите гледано на годишна основа, но и натаму се одржуваат на пазарот со приходи од 3,6 милиони евра. Тоа е за околу 500 илјади евра помалку во однос на 2015-та. Расходите пак, од друга страна кај Солета лани во однос на 2015-та се намалени за околу половина милион евра, што ултимативно допринесува да останат во „плус“. 2016-та Солета ја заврши со профит од околу 40 илјади евра.
Автор: Христијан Станоевиќ
