Економија, финансии, бизнис

Контакт

Има ли Македонија свој Достоевски?

Има ли Македонија свој Достоевски?
Пијанистот Трпчевски, режисерот Манчевски и кралицата на ромската музика Реџепова е македонската тројка – која  ја носи титулата “национален уметник“. Откако го доби највисокото признание од областа на културата, од годинава па до крајот на животот, Есма Реџепова – Теодосиевска ќе добива секој месец по 1 000 евра – сума која ќе и ја исплаќа државата, како дел од наградата. По кои критериуми и како Македонија бира и прогласува „национален уметник“ – титула која треба да значи признание за придонесот во македонската култура? Според законското решение, за титулата „национален“ уметник може да се тркаат актери, режисери, костимографи, фотографи, архитекти, солисти, дирегенти, писатели, сценаристи, кореографи и балетски и ликовни уметници. Кога политиката ќе и се намерачи на уметноста... Без ехо во светот, творештвото дома - не значи ништо. Композиторот Златко Ориѓански за “Фактор“ вели – да се биде „национален“ уметник треба да се биде во исто време и “интернационален.“ „Ќе го земам премерот со Иво Андриќ. Да се биде национален, тоа значи истовремено да се биде и интернационален уметник, инаку, се друго се локални и провинцијални приказни. Такви луѓе, Македонија има многу малку, како што се Маркес, Борхес, како Достоевски, Киесловски - се потпираат на она што е нивна традиција, а звучат “светски“. Колку и како ваквите награди и проекти влијаат врз суштински развој на културата и творците? “Тешко е да се каже дали оваа награда - титула има влијание пошироко. Мислам дека нема, таа е повеќе евентуално лична сатисфакција за носителот и демонстрација на грижа на власта за уметноста. На еден начин титулата национален уметник е директно продолжување на традицијата на социјалистичкиот блок кога тие титули се делеа и донесуваа разни бенефити за носителите“ - вели за Фактор режисерот Слободан Унковски. Додека од една страна владата демонстрира потези, проекти и стратегии за заштита, развој и подршка на културата и уметниците, експертската јавност вели дека на “мала врата“ на ваков начин го јакне и своето влијание врз уметноста. „Во огромна мера современата уметност во Македонија е под влијание или под директен притисок на актуелната политика.“ - оценува режисерот Унковски. Моќта на уметноста останува „неосвоена“ тврдина за политиката, смета и композиторот Ориѓански. „Политиката и уметноста отсекогаш се допирале. За несреќа и политичарите многу често паѓаат во еден занес дека создаваат нов и до пред нив, непознат свет, многу слично како луѓето од уметноста. Можеби таму е причината зошто политиката честопати се меша во уметноста. Одсекогаш било така, уметноста е сила од која политиката се плаши и затоа се обидува да ја стави под свое, за да не и прави бељи. Ако мене лично ме прашувате за став, мислам дека за она што е македонска култура и уметност, далеку далеку повеќе дале еден Слободан Унковски, Горан и Влатко Стефановски, заедно со Манчевски.“ Кралицата на ромската музика - третиот национален уметник! Наградата „национален“ уметник годинава се додели по трет пат, по повод независноста на Македонија – 8 ми септември. По режисерот Манчевски и пијанистот Трпчевски, годинава претседателот Ѓорѓе Иванов титулата и ја врачи на кралицата на ромската музика Есма Реџепова – Теодосиевска. „Музиката на Есма е музика на Македонија, на нашето мултиетничко, многујазично и многурелигиско општество. Тоа е музика што поврзува наместо да одвојува. Музика што не познава и не признава државни, етнички, јазични или социјални граници. Нејзината музика во многу нешта е универзална и длабоко човечна“, изјави Иванов. Реџепова за 55 години издаде преку 60 албуми и одржала повеќе од 8.000 концерти во Македонија и светот. „Многу сум среќна денеска. Имам многупати изјавено дека кога ќе умрам не сакам ништо да ми се прави, тоа сакам да го видам сега, додека сум жива. Јас сум едно големо дете на Македонија, а во суштина многу мала и многу приземјена. Сакам да живеам со народот, со сите сограѓани во Македонија. “ – изјави Реџепова. Кој и како прогласува национален уметник? Како дел од проектите што треба да придонесат кон развој и негување на македонската култура – се и наградите и титулите за уметниците. Во програмата за периодот 2011 – 2015 та година, е предвидено: „Доделување титула „национален уметник“ од Претседателот на државата на уметници кои дале врвен придонес за културата и уметноста во Македонија “ и „Доделување на пензии на истакнати уметниците и други стручни работници кои ги исполниле пропишаните критериуми.“ Доделувањето на титулата „национален“ уметник е предвидено и во правата и должностите на претседателот на државата: „Титулата Национален уметник ја доделува претседателот на Република Македонија, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија.“ Инцијативата за прогласување на национален уметник може да биде иницирана од јавни установи од областа на културата, високообразовни и научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата . Оценката за тоа дали уметникот ги исполнува критериумите е во надлежност на Комисија основана од Министерството за култура. Националниот уметник, по прогласувањето месечно добива надоместок од државата во вредност од 1 000 евра или како што пишува во законот „две просечни плати“ и дополнително има право со буџетски пари да издаде монографија за животното творештво. Д.А.
Слично

Поврзани вести