Има ли Македонци во крвавиот вител на Египет?
Немирите во Египет ескалираа, како што и предвидуваа светските аналитичари после рамазанските празници, во Каиро се распламна. Државата е пред граѓанска војна. Последните настани говорат за стотици жртви. (повеќе од 600)
Ниту еден македонски граѓанин не се јавил да побара помош во македонската амбасада во Каиро, изјави за „Фактор“, македонскиот амбасадор во Каиро, Миле Манолев. Објаснува дека ситуацијата во египетската метропола е потсмирена, но сепак е сеуште тензична. Манолев вели дека македонската амбасада е отворена постојано за секој наш граѓанин кој има проблем, а е затекнат во Каиро.
„Немаме информација за наши граѓани кои се овде. А сите кои имаат било каков проблем може слободно да се јават во нашата амбасада. На нашата интернет страна ги има телефонските броеви и секој кој има било каков проблем слободно нека се јави“, додаде Манолев.
Амбасадорот Манолев оценува дека туристичките места се безбедни, но советува да се избегнува Египет како туристичка дестинација, или пак оние кои решиле да патуваат да ги обезбедат сите неопходни информации.
Нема македонски туристи во Египет
Хургада и Шарм ел Шеик беа најчестите туристички дестинации за Македонија, а не ретко наши граѓани заминуваа и за Каиро и Александрија. Летово според инфомрациите од туристичките агенции во Египет не заминале македонски туристи. Агенциите кои ги контактираше „Фактор“ велат дека Египет како дестинација, речиси сите агенции во земјава не ја ни понудиле.
„Ние уште пред почетокот на сезоната не го нудевме Египет на нашите туристи како дестинација за годиштен одмор. Уште тогаш имаше немири, протести, а сега пак истите ескалираа. Уште тогаш први со откажување на тури започнаа српските туристички агенции, а подоцна и ние. Така што според информациите со кои располагаме во овој момент најверојатно македонски туристи нема во Египет“, изјави за „Фактор“, Драган Кузмановски од туристичката агенција Атлантик.
Македонското МНР нема препорака да не се патува во Египет
Македонското министерство за надворешни работи сеуште нема препорака до македонските граѓани доколку немаат потреба да не патуваат во Египет. Инаку, бројот на жртвите по крвавиот четврток во Каиро постојано се зголемува. Според последните информации повеќе од 600 лица загинале во последните крвави судири меѓу приврзаниците на отстранетиот исламистички претседател Мохамед Морси и неговото Муслиманско братство со египетската војска. Властите во Египет воведоа полициски час по крвавите судири, а стотици приврзаници на Муслиманско братство нападнале и владина зграда во Каиро, објави египетската државна телевизија. По падот на Хосни Мубарак пред две години, ова беа најкрвавите судири во Египет.
Слично
