Македонскиот бизнис „распнат“ меѓу блискиот запад и далечниот исток: Угоре високо, удолу длабоко!
Амбициите големи, показателите – поразителни. Во обид да обезбеди нови пазари, како алтернатива на традиционалните европски, бизнис – заедницата се погласно зборува за освојување на “источниот “ терен. Владата веќе ги стави на агенда економиите од Блискиот и Далечниот Исток. Трговската размена од земјите од Блискиот Исток, Заливот и МАГРЕБ изнесува околу 60 тина милиони долари. Освен со Израел, со останатите земји од овој дел на светот, Македонија има визен режим. Владата и бизнисот ги таргетираа овие земји како потенцијал за трговија и за инвестиции, но колку тие и реално можат да станат идни освоени пазари за македонските производи? Кои се предностите, а кои се слабостите во обидот за продор?
Голем потенцијал – поразителни бројки!
Брзорастечки економии, увозно-зависни од храна, со големи пазари што нудат потенцијал за продажба на стоки за широка потрошувачка. Дополнително, дел од овие земји влегуваат во големи градежни зафати, како логичен поствоен епилог. Тука македонските бизнисмени треба да го лоцираат мотивот за освојување на источните дестинации. Шанса има, но дали ќе се искористи?
Од Стопанската Комора на Македонија немаат дилема дека стопанствениците треба да ги измерат трговските сили на овој “фронт“, во состојба кога европските економии, кои важат за традиционални партнери на земјава, сеуште се борат со рецесија, намалена побарувачка и потрошувачка.
“Зголемувањето на трговската размена треба да ја гледаме во зголемувањето на извозот на тие пазари. Околу 6% од целокупната размена на Европската унија отпаѓа на тој регион а во случајот со Република Македонија оваа бројка е само 0,6 % што укажува на големиот потенцијал кој стои неискористен. Посебна можност ја има прехрамбената индустрија ако се земе фактот дека земјите во тој регион се зависни од увоз на храна и многу малку ја произведуваат“ - вели за “Фактор“ Глигор Цветанов, претседател на Клуб на фирми за соработка со земјите од Блискиот Исток и МАГРЕБ.Сегашната трговска размена со земјите од Блискиот исток и МАГРЕБ, според податоците е незначителна и на годишно ниво изнесува околу 60 тина милиони долари. Од нив македонскиот извоз на овие пазари изнесува 18,2 милиони долари, додека увозот 43,3 милиони долари. Во размената со оваа група на земји, Македонија има дефицит од 18 милиони долари, односно покриеноста на увозот со извоз е скоро 42 проценти. За разлика од овие трговски позиции, повеќе од 63% од македонскиот извоз завршува на пазарите од Европската Унија, што укажува на големата увозната зависност на земјава од ЕУ. Дури 58% од вкупниот увоз доаѓа од земјите на ЕУ. Сакаме трговија – немаме трговски договори а имаме визи? Катар, Обединети Арапски Емирати, Кина, Сингапур. Ова се само дел од дестинациите што беа посетени од страна на македонските министерски тимови, како дел од популарните владини “роуд шоуа“. Преку промоција и презентација на условите за инвестирање во земјава, Владата се обиде да ја прикаже земјава како атркативна дестинација за парите од Истокот. Според домашната-бизнис заедница, обидите се оправдани, но за конкретни зделки и посериозна трговска размена, потребно е да се решат многу прашања што ја кочат сегашната соработка. Една од нив е визниот режим.
“Прашањето на визниот режим на Република Македонија кон или од тие земји кон Република Македонија како непризнаените цертификати за потекло и полните царински давачки за нашите производи во земјите од регионот дефинитивно ги обесхрабруваат потенцијалните купувачи да отпочнат соработка.“ – објаснува Цветанов.Дополнителен проблем е отсуството на трговски договори “Со ниедна од земјите немаме склучено директен договор за слободна трговија. Потребно е да интензивира, односно да отпочне процесот на либерализација на трговијата во рамките на евромедитеранското партнерство. Европската унија има донесено политичката одлука да земјите од Западен Балкан да се приклучат кон евромедитеранската зона на слободна трговија, а либерализацијата на трговијата со југоисточен Медитеран треба да се третира како составен дел од ЕУ-интеграциите. Но ова бара и потпишување на посебни билатерални договори за слободна трговија со секоја земја пооделно“ - вели Цветанов и додава :
“Со оглед на тоа дека процесот за потпишување на разни билатерални договори со секоја држава пооделно е процес којшто бара време, од Стопанската комора на Македонија се предлага, за оние конвенции коишто се од техничка природа, коишто не бараат преговарање, со одлука на Владата или вербална нота, да се преземат од поранешна СФРЈ додека не се постигнат билатерални конвенции.“Според Цветанов, решенијата треба да се бараат на повеќе пунктови: македонските производи мора да се прилагодат на стандардите што ги бараат потрошувачките од Истокот, непходен е ХАЛАЛ- сефртификатот за квалитет на храната, неминовни се Договорите за слободна трговија и отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во повеќето од овие земји. Во својот последен Извештај за глобалниот економски напредок, Меѓународниот Монетарен Фонд, според објавените бројки, прогнозира дека генератор на економскиот раст во светот ќе бидат токму земјите од Истокот. За Катар се предвидува раст на БДП од 5%, Саудиска Арабија 4,4%, Ирак 6,3% раст на економијата догодина. Според проекциите на ММФ, кинеската економија до година ќе испорача раст на БДП од 7,3%. Земјите од МАГРЕБ во 2014 та година ќе остварат раст на БДП од 6,7%. Анета Додевска
Слично
