Има ли „хант во најава“ во Стопанска банка Скопје?
Да ви кажеме со неколку збора: акционерите на Стопанска банка Скопје одлучија 25,7 милиони евра да може да бидат пренаменети за дивиденда во иднина. Затоа што не биле искористени за инвестиции. Што следи, ќе видиме. Убава вест во овие тешки и жешки денови!
Акционерите на најпрофитабилната деловна банка во Македонија одлучија да пренаменат 25,7 милиони евра и да ги направат расположливи за распределба на акционерите. Ова е една од одлуките која акционерите (читај НБГ Групацијата од Грција која е најголем акционер на банката н.з.) на „Стопанска банка Скопје“ ја усвоија на последното акционерско собрание одржано на 29 јуни година.
Одлуката што е достапна за инвеститорската јавност преку информацискиот сервис СЕИ НЕТ и во неа пишува дека добивката од 25,7 милиони евра која била наменета за инвестиции ќе се пренамени во добивка што е расположлива за распоределба на акционерите што значи дека може да биде исплатена како дивиденда.
При тоа во одлуката пишува дека добивката е пренаменета во задржана која ќе може да се распредели во иднина. А тоа води на заклучок дека е отворена можноста да се подели и како дивиденда за успешното работење во 2020 година.
Оваа одлука сама за себе имаше позитивно влијание врз цената на акцијата на „Стопанска банка Скопје“ на Македонската берза за хартии од вредност. На цена од 1.200 денари беа истргувани 2.170 акции од таа банка, што е значаен промет во однос на просечните дневни истргувани количини акции на „Стопанска банка Скопје“.
Тој дневен обем на тргување веројатно во значајна мерка е резултат на оваа одлука. Веројатно трејдерите на берза процениле дека оваа акција е „бест бај“ во дадениот момент водени од потенцијалната заработка која би можела да ја донесе доколку од септември годината централната банка ја симне забраната за исплата на дивиденди, а „Стопанска банка Скопје“ уште не одржала собрание за да утврди дали ќе исплаќа и во колкав износ би била дивидендата за минатата година. А со оглед дека сега е отворена можноста и оваа добивка да се прераспредели како дивиденда за 2020 година изгледно е да се очекува дека цената на акцијата ќе биде многу отпорна на корекции макар два месеци. Додека да се види дали централната банка ќе ја обнови забраната за исплата на дивиденди за банките или ќе остави (барем засега) „Комерцијална банка“ и ТТК Банка да исплатат дивиденда.
„Стопанска банка Скопје“ лани, во корона кризата, ги зголеми нето приходите од камати за 1,7 милиони евра до ниво од 60,4 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех за работењето лани на втората системска банка. Лани оваа голема банка значајно ги зголемила своите пласмани во државни хартии од вредност, а солидно ја подобрила и својата пазарна позиција во делот на кредитирањето. Добивката за 2020 година е 31,8 милиони евра што е за 6,7 милиони евра послаб резултат од претходната година. Но без разлика на падот на добивката, банката има фантастичен резултат и држи ниво со нејзините најголеми конкуренти „Комерцијална банка“ и НЛБ Банка Скопје.
Повеќе на следниот линк https://faktor.mk/koja-banka-od-kamati-napravi-neto-607-milioni-evra
Р.Ф.