Економија, финансии, бизнис

Контакт

Има ли еуфорија за Мундијалот - Каков домаќин ќе биде Трамп, а каков организатор Инфантино

Има ли еуфорија за Мундијалот - Каков домаќин ќе биде Трамп, а каков организатор Инфантино

Пред нас е ново издание на Светското првенство во фудбал, прво кое ќе се одржи во три земји домаќини, и со рекорден број репрезентации. Но, првите бројки покажуваат дека нема зголемен туристички интерес иако тоа не е дефинитивен индикатор за успешноста на Мундијалот. Првенствено исто така ќе започне во периодот додека САД се во војна со Иран, а светот ги чувствува последиците од настаната енергетска криза.

За специфичните околности на ова Светско првенство и што ќе значи истото за земјите домаќини, но фудбалската страст на традиционалните фанови, пред се од Европа и Латинска Америка, разговараме со проф. д-р Иван Анастасовски. Има ли фудбалот навистина моќ да го „запре” светот и да го презеде целосното внимание како некогаш.

Како ја оценувате атмосферата пред почетокот на Светското првенство во фудбал кое ќе се одржува во САД, Канада и Мексико и ќе биде прво со рекордни 48 репрезентации. Дали постои впечаток, дека за разлика од скорешните Мундијали, ова првенство не создава такво ниво на еуфорија, дека најмалку се размислува во овој момент за спорт, а повеќе зс глобалните кризи?

Атанасовски: Атмосферата пред почетокот на овој Мундијал навистина е поразлична во однос на претходните светски првенства. Иако форматот со 48 репрезентации носи историска димензија и поголема глобална застапеност, впечаток е дека еуфоријата засега не е на истото ниво како порано. Причините се повеќеслојни – светот денес повеќе е фокусиран на економските, безбедносните и политичките кризи, отколку на спортот како централна тема. Дополнително, модерниот фудбал е во постојан циклус на натпревари, па чувството на „исчекување“ и ексклузивност што порано го носеше Светското првенство е намалено. Сепак, кога ќе започне Мундијалот, фудбалот повторно ќе покаже дека има моќ да го обедини вниманието на светската јавност.

Дали и самиот избор за домаќин влијае на очекувањата за Мундијалот. Сепак, натпреварите ќе се следат во невообичаени термини за европскиот пазар, а тука е и различната навивачка култура во Северна Америка со Европа. Дали и самиот раздор кој се случува во односите меѓу САД и Европа влијае на интересот за натпреварите на Светско?

Атанасовски: Изборот на САД, Канада и Мексико како домаќини сигурно влијае врз очекувањата и перцепцијата за Мундијалот. Од европски аспект, необичните термини на одигрување поради временските разлики ќе претставуваат предизвик за гледаноста и навиките на публиката. Воедно, навивачката култура во Северна Америка е различна од европската и јужноамериканската страст кон фудбалот, што создава чувство дека атмосферата можеби ќе биде покомерцијална отколку традиционално фудбалска. На тоа се надоврзуваат и актуелните политички и економски тензии меѓу САД и Европа, кои индиректно можат да влијаат врз интересот и емоцијата околу првенството. Но, Светското првенство отсекогаш било силен спортски настан што ги надминува политичките и културните разлики, па веројатно и овојпат самиот спорт ќе стане главниот фокус кога ќе започнат натпреварите.

Во минатото се случувало земја домаќин да биде држава која сака да ја подобри својата слика на меѓународната сцена. Фудбалот како најмоќен глобален спорт секогаш бил во паралелна линија со политиката и влијанието се употребувало од земјите домаќини да се претстават во едно поинакво светло. Но, што е со САД кои не покажуваат голем интерес за овој спорт, кој го сметаат претежно за „европски“, а од друга страна не покажуваат ни желба да му покажат на светот една поинаква Америка, особено по воените интервенции во Венецула, Иран и притисокот врз Гренланд и Куба?

Атанасовски: Историски гледано, организацијата на Светските првенства честопати била поврзувана со обидите на земјите домаќини да ја зајакнат својата меѓународна репутација и меката моќ преку спортот. Фудбалот како глобален феномен претставува средство за културна дипломатија и промоција на националниот имиџ. Во случајот со САД, ситуацијата е поинаква затоа што фудбалот традиционално не е спорт со доминантна позиција во американската спортска култура, каде приоритет имаат НФЛ, НБА и бејзболот. Сепак, организацијата на Мундијалот може да се гледа како дел од поширока стратегија за економско и културно влијание, а не само како израз на спортска страст. Од друга страна, актуелните геополитички конфликти и критиките кон американската надворешна политика неизбежно создаваат политички контекст околу турнирот. Но, треба да се има предвид дека Светските првенства традиционално функционираат како глобални настани кои, барем привремено, ги ставаат спортот и комерцијалниот интерес пред политичките разлики.

Освен кај дел од градовите на чии стадиони ќе се одигруваат натпреварите, првичните статистики покажуваат дека нема зголемен туристички интерес во САД, мерено според хотелските резервации и туристичките понуди, дали е можно фановите од Европа, Латинска Америка, Северна Африка и Блискиот Исток да ги бојкотираат натпреварите, особено во САД?

Атанасовски: Раните показатели за туристички интерес не секогаш се целосно релевантни за проценка на атмосферата пред едно Светско првенство. Кај ваквите настани, значителен број резервации и патувања се реализираат во подоцнежна фаза, особено кога ќе бидат познати конечните групи и распоредот на натпреварите. Сепак, постои можност дел од навивачите, особено од Европа и од одредени региони со изразени политички ставови кон САД, да покажат намален интерес за патување. Причините можат да бидат економски, визен режим, безбедносни прашања или политички несогласувања. Но, тезата за организиран бојкот е засега претерана, бидејќи Светското првенство и понатаму останува најгледаниот и најкомерцијален спортски настан во светот. Практиката покажува дека кога турнирот ќе започне, спортската и емоционалната димензија најчесто ги надминува политичките резерви.

По американското незадоволство од претходното раководство на ФИФА предводено од Сеп Блатер, сега се чини дека САД и Куќата на фудбалот никогаш немале поблиски односи, особено мерени преку личната врска на претседателот Трамп и Инфантино. Дали тој однос може да придонесе за подобрување на популарноста на спортот на еден од најмоќните пазари во светот или пак, повеќе се користи за политички поени на Трамп и милостивост кон претседателот на ФИФА и како очекувате да одговорат останатите федерации за иднината на организираниот фудбал? 

Атанасовски: Односите меѓу САД и ФИФА во последните години значително се продлабочија, особено по реформите во организацијата и стратешката ориентација кон американскиот пазар како еден од најпрофитабилните во светот. Соработката меѓу Џани Инфантино и американските политички структури може да се интерпретира и како дел од поширок процес на комерцијализација и глобализација на фудбалот. За ФИФА, американскиот пазар претставува огромен потенцијал во медиумските права, маркетингот и спонзорствата. Секако, секое приближување меѓу спортските и политичките елити отвора дилеми за политичко влијание врз спортските организации. Но, од перспектива на меѓународниот спортски менаџмент, ваквите односи се дел од современиот модел на спортска дипломатија и економска експанзија. Останатите федерации веројатно ќе настојуваат да го задржат балансот меѓу комерцијалниот развој на фудбалот и зачувувањето на традиционалните спортски вредности, бидејќи постои страв дека прекумерната политизација и комерцијализација може да влијаат врз автентичноста на играта.

Х.С.

Слично

Поврзани вести