Економија, финансии, бизнис

Контакт

Има ли бизнис во кредитирањето компании?

Има ли бизнис во кредитирањето компании?

Политичката нестабилност во 2017 година и спласнувањето на градежната експанзија веројатно се важни причини за тоа што најголемите три македонски банки го намалиле кредитирањето на компаниите лани во споредба со 2016 година. Овие банки лани го намалиле кредитирањето на компании за 24 милиони евра во однос на 2016 година, но во истиот период го зголемиле кредитирањето на граѓани за 94 милиони евра. Сигнал ли е ова и ќе имаме ли мерки за стимул на компаниите и на банките за овој тренд да не се повтори и оваа година?

Трите најголеми домашни деловни банки лани го намалиле кредитирањето на компаниите и се свртеле кон кредитирање на граѓанскиот сектор, ова го покажуваат официјалните податоци кои се однесуваат на работењето на 14 домашни деловни банки лани.

„Комерцијална банка“, „Стопанска банка Скопје“ и НЛБ Банка на крајот на 2017 година во кредитни пласмани во корпоративниот сектор имале заедно 1,341 милијарди евра. Во споредба со крајот на 2016 година тоа е помалку за 24 милиони евра. Трите банки заедно учествуваат со повеќе од 50 отсто во сите кредитни корпоративни пласмани. Другите 11 банки делат 47 отсто од кредитното корпоративно портфолио.
Убедливо најголем кредитор на домашните компании е „Комерцијална банка“. Од достапните податоци е видливо дека таа на крај на 2017 година во корпоративни кредити има 605 милиони евра и тоа е за 10 милиони евра помалку од 2016 година. Нејзиното пазарно учество за една година паднало од 25 отсто на 23,9 отсто. Втора е НЛБ Банка со пласмани од 378 милиони евра. Нејзината изложеност кон компаниите лани е намалена за само 2 милиони евра во однос на 2016 година. Нејзиното пазарно учество е 14,9 отсто. „Стопанска банка Скопје“ на крај на 2017 година држи 14,1 отсто од пазарот на корпоративни кредити.Таа е банка која во најголема мерка го снижила своето пазарно учество лани во однос на 2016 година. Имено нејзиното кредитирање на компаниите е намалено за речиси 1 отсто во целото кредитирање односно за 12 милиони евра.

Иако најголемите банки ја менуваат стратегијата или едноставно решаваат да го релаксираат своето учество на корпоративниот пазарен сегмет, овој дел од пазарот лани сепак расте во споредба со 2016 година. Главни двигатели на растот се: Халк банка која го зголемила корпоративното кредитирање за 41 милиони евра, Прокредит банка за 30 милиони евра и Охридска банка за 10 милиони евра. Во однос на вкупните пласмани значаен е процентуалниот раст на корпоративното кредитирање и на УНИ Банка и на ТТК Банка.

Гледано по број на банки соодносот е следен: пет банки го намалиле кредитирањето на компаниите од кои освен најголемите три тука се најмалата деловна банка „Капитал банка“ и „Шпаркассе банка“. Наспроти нив девет банки го зголемиле кредитирањето на компании.

За се направи добар контекст за согледување на тенденциите при финансисрање на корпоративниот и граѓанскиот сектор мора да се напомене дека лани дури 12 од вкупно 14 банки го зголемиле кредитирањето на граѓанскиот сегмент. При тоа една банка има исто ниво на пласмани во 2017 година и во 2016 година, а само една банка го намалила кредитирањето на граѓанскиот сектор. Така што нето нивото на зголемено кредитирање на граѓанскиот сектор е 199 милиони евра наспрема 70 милиони евра на компаниите.

Кои се причините?

Овој тренд во кој банките очигледно го фаворизираат кредитирањето на граѓанството наспрема кредитирањето е резултат на или микс на повеќе фактори од економска и од политичка природа. Во значајна мерка заради политичките превирања, настаните во Собранието од 27 април и политичката неизвесност која ја одбележа целата година компаниите одлагале големи инвестициски планови. Некои на определено, а други на неопределно време. Веројатно нивните побарување за свежи пари од банките се сведувале на тоа да покриват тековни потреби, одржување и мали инвестициски зафати. Во помала мерка и значајно помал обем веројатно има случаи во кои банките одбивале бизнис планови на компании или ги советувале да почекаат период во кој Македонија ќе има Влада со поголемо парламентарно мнозинство или да се чека влез во НАТО алијансата и извесност за датум за отпочнување преговори со Европската унија. Во одредена мерка домашните банки и отфрлале опции да кредитираат нови проекти затоа што се воздржани од проекциите и остварувањата на нивото  на економски раст. Веројатно тука не смееме да ја заборавиме и прекинатата градежна експанзија на повеќе различни фронтови која со сите свои добри страни и маани креираше некаква циклика за грото фирми од домашната економија.

Ние немаме амбиција да ги опишеме и наредиме по значење сите фактори кои влијаеле врз исходот – банките ги бираат граѓаните пред компаниите. Но факт е дека е така. А, ако со тоа темпо се продолжи и во 2018 година тогаш креаторите на макроеномските политики и сите други фактори ќе мора сериозно да размислат какви мерки и во колкав обем ќе бидат потребни за да дадат потребен импулс за кревање на македонската економија.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести